Силвана Крстеска
Во проектот во учебната 2022/23 година под мое менторство веќе втора година по ред активно учествуваа учениците од VII/1 одделение.
Активностите во рамки на Проектот за климатска акција придонесоа за подигнување на еколошката свест и промовирање и фаворизирање на еколошката култура на учениците. Учениците ги разбраа причините и последиците од климатските промени. Тие се едуцираа за активностите кои придонесуваат за намалување на климатската криза и имаа можност да понудат свои решенија за истата.
Нашите решенија за климатските промени вклучуваат: рециклирање; правилно управување со отпадот;изградба на велосипедски патеки, паркови и игралишта каде што децата ќе играат безгрижно; засадување на зеленило; грижа за растенијата и животните; прогласување поголем број заштитени подрачја за растенијата и животните; јасно дефинирани патеки низ планините; намалување на употребата на фосилните горива; користење обновливи извори на енергија; одржување семинари и предавања за штетните ефекти од загадувањето; подигнување на еколошка свест.
Сите ученици активно и со задоволство учествуваа во сите активности во текот на проектот.
A oва е тимот:
Алберт
Леонтина
Бојан
Јована
Теона
Виктор
Изабела
Миа
Сара
Андреј
Марија
Иван
Во првата недела од проектот учениците работеа во колаборативната алатка Jamboard и во неа секој ученик имаше своја страна која требаше да ја уреди. Учениците даваа одговор на три прашања: 1. Што се климатски промени - која би била вашата дефиниција? 2. Што ги предизвикува климатските промени на локално ниво? 3. Која е вашата лична врска со климатските промени?
Во оваа седмица од проектот учениците работеа преку колаборативната алатка Padlet и во неа имаа задолжение секој ученик да креира свој пост во кој ќе запише барем три причини од кои настануваат климатските промени и да објасни кои последици се јавуваат на планетата Земја од тие климатски промени.
Во оваа седмица учениците имаа соработничка средба со училишта од различни земји со кои заедно решаваа квиз во алатката Kahoot при што имаа можност да ги споредат стекнатите знаења за Климатските промени.
Во четвртата недела од проектот учениците учениците работеа во алатката Lino it. Нивно задолжение беше да запишат најмалку три различни решенија со кои би го намалиле ефектот од климатските промени. Нивните размислувања можете да ги погледнете тука!
Во оваа седмица учениците од давање предлози преминаа и во акција. Најпрво се изврши чистење на отпад во училишниот двор.
После чистењето на дворот од отпад и направената анализа на собраниот отпад се констатира дека најмногу беа собрани пластични шишиња. Се постави проблемско прашање: Како овој отпад може да се реупотреби притоа да се исполни една од најголемите желби на учениците, а тоа е да имаат свое мало детско катче за игра. Се донесе одлука од собраните капачиња учениците да изработат плочки кои потоа ќе ги искористат за формирање на игралиштето. Пластичните шишиња да ги пренаменат за декоративни украси во училишниот двор, а од собраните конзерви да направат саксии во кои ќе посадат цвеќиња со што хортикултурно ќе ја украсат и нивната училница, но и дел од училишниот двор. Како изгледаше постапката на изработка на плочките и сакциите можете да погледнете на сликите подолу.
Нашата идеја за намалување на климатските појави започнува со зголемена употреба на обновливите извори на енергија како што се ветерниците и соларната енергија, наместо фосилните горива. Стоп за фосилните горива. Стоп за пластичната амбалажа. Луѓето треба да рециклираат и да вршат реупотреба на отпадот, наместо да го расфрлаат насекаде во природата. Оваа наша идеја ја претставивме и со лего коцки.
Ова е единствениот проект во кој сите ученици од одделението се подеднакво заинтересирани да учествуваат. Постои огромен ентузијазам меѓу учениците при учеството во сите активности во рамките на проектот. Особено ме радува тоа што еколошката свет кај учениците се крена на највисоко ниво. Сега тие се малите еко херои кои веќе започнаа да делуваат локално, но верувам како што растат тоа делување ќе премине и на национално ниво и на светско ниво.
Мислам дека треба во рамките на проектот на светско ниво еден ден да се прогласи за Ден на дрвото и задолжителна активност на секој што учествува во него е на тој ден да засади дрво во својата околина.