Post date: Jun 11, 2011 1:16:11 AM
ОДНЕСУВАЊЕ НА ЕДЕН МУСЛИМАН КОН ДРУГИОТ (آداب المسلم و حقوقه)
Муслиманот верува дека кон својот брат муслиман има одредени обврски и правила на однесување кои треба да ги исполни и изврши кон него. Тоа го смета за своевиден вид на ибадет преку кого се приближува кон Аллах џ.ш. и ја стекнува Неговата наклонетост. Муслиманот спрема својот брат муслиман , помеѓу другото е должен и следново:
1- Кога ќе го сретне, пред да проговори нешто да го поселами со зборовите: 'Ес-Селаму алејкум ве рахметуллахи” и со него да се ракува. Неговиот брат ќе му возврати со зборовите: 'Ве алејкумусселаму ве рахметуллахи ве берекатуху”. Бидејќи Возвишениот Аллах вели: 'Кога ќе бидете поздравени со поздрав, отпоздравете на поздравот со поубав од неговиот или возвратете го на ист начин.” (Ен-Ниса, 86) Претходно ги спомнавме правилата на селамот (поздравувањето) па врати се таму за подетално запознавање.
2- Кога ќе кивне и рече: 'Ел-хамдулиллах”, возврати му на зборовите со: Јерхамукеллаху”, (Аллах да ти се смилува), а оној што кивнал ќе одговори: 'Јегфируллахе ли ве леке” или 'Јехдикумуллаху ве јуслиху балекум”. Ова е потврдено во праксата на Мухаммед а.с. Ебу Хурејре р.а. пренесува дека Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. кога ќе кивнел, на уста ставал рака или дел од облеката и така го пригушувал гласот. (Бухари, Муслим)
3- Кога ќе се разболе, да го посети и да го замоли Аллах џ.ш. за негово оздравување, придржувајќи за зборовите на Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с.: 'Муслиманот кон другиот муслиман има пет должности: возвраќање на селам, посета на болниот, следење на џеназе, отповикување на повик и да одговори кога ќе кивне.” (Бухари, Муслим) Исто така, Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. имал обичај кога ќе ги посети своите семејни членови, да ги потрие со својата десна рака и велел: 'Аллахумме раббен-нас езхебил-бе„се ве-шфи ентеш-шафи ла шифае илла шифа-уке ве ла југадиру секамен.”(Бухари, Муслим) اللهم ربَّ الناس أذهب البأس واشف أنت الشافي لا شفاء إِلا شفاؤك شفاءً ولا يُغادر سقماً
4- Кога ќе умре да му го следи неговото џеназе, постапувајќи според зборовите на Пејгамберот а.с.: 'Муслиманот кон муслиманот има пет должности: возвраќање на селам, посета на болниот, следење на џеназе, отповикување на повик и да му одговори кога ќе кивне.” (Бухари, Муслим) 5- Да му поверува во неговата заклетва кога ќе се заколне во нешто и да му го исполни она за што се заколнал, за да не дојде во ситуација да ја прекрши заклетвата. Ел-Бера„ ибн Азиб вели: 'Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. ни наредил: да ги посетуваме болните, да следиме џеназе, да му одговориме на оној што ќе кивне, да му поверуваме на оној што ќе се заколне...” (Бухари)
6- Да го посоветува кога ќе побара совет од него, односно да му објасни она што е најдобро и најисправно во конкретниот случај. Поради зборовите на Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. кој вели: 'Кога ќе побара совет неговиот брат од него, нека го посоветува.” (Бухари)
7- Да му посака добро како што го посакува за себе, и да не посака да му се случи нешто лошо што тоа не го посакува за себе. Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Никој од вас нема да биде целосен верник се додека не му посака на својот брат она што го посакува за себе.” (Бухари, Муслим)
8- Да му помогне и да не го остава на цедило во секоја потреба и помош. Поради зборовите на Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. кој вели: 'Помогни му на својот брат, без оглед дали тој прави неправда или нему му е направена неправда!” Прашан како ќе му се помогне ако прави неправда, Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Така што ќе го спречиш за рака.” Односно нема да му дозволиш да прави неправда, тоа всушност значи негово помогнување. (Бухари, Муслим)
9- Да не му нанесува зло или нешто што тој презира. Поради зборовите на Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. кој вели: 'Муслиманот е брат на другиот муслиман, неповредливи и свети се неговата крв, имот и чест.” (Муслим) Исто така, Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Аллах не сака верниците едни на други да се вознемируваат.” (Ахмед)
10 - Да биде скромен кон него, без да се надува над него, да не го крева од место за тој да седне. Возвишениот Аллах вели: 'И од надуеност, не врти го лицето од луѓето и не оди на земјата отмено, бидејќи Аллах не го сака горделивиот надуен.” (Лукман, 18) Во таа смисла Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Возвишениот Аллах ми објавил да бидете скромни, така што никој над никој да не се надвисува.” (Ебу Давуд, Ибн Маџе)
11- Да не го избегнува повеќе од три дена, бидејќи Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'На муслиманот не му е дозволено да го избегнува својот брат повеќе од три дена..” (Бухари, Муслим)
12- Да не се клевети, омаловажува, грди, пренесува зборови и повикува со погрдни и грозни надимци и прекари. Семожниот Аллах вели: 'О верници, мажите еднисодруги нека не се потценуваат, можеби едните се подобри од другите, а и жените нека не се потценуваат еднисодруги, можеби едните се подобри од другите. Не грдете се самите себеси и не надевајте надимоци лоши еднинадруги. Е, само колку е лоша расипаноста по верувањето! А оние кои не ќе се покајат - та, зулумќари се! О верници, избегнувајте ги сомневањата многу; некои сомневања, навистина, се грев. Не испитувајте се и не озборувајте се еднисодруги. Посакува ли некој од вас да го јаде месото од брат му, мртов! Е, само колку е одбојно тоа! Плашете се од Аллах! Аллах, навистина, е Простувач и Сомилосен!” (Ел-Хиџурат,11:12) Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Во Џеннет нема да влезе клеветникот.”
13- Да не се пцуе, навредува, без оглед дали е жив или умрен, бидејќи Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Пцуење на муслиманот е грев, а војување против него е неверство.” (Бухари, Муслим)
14- Да не му завидува, да не мисли лошо за него и да не го мрази. Возвишениот Аллах вели: 'О верници, избегнувајте ги многуте мислења, бидејќи некои мислења се грев.” (Ел-Хуџурат, 10) Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Немојте да завидувате еден на друг, ниту да се мразите, ниту да вртите грб еден на друг..” (Муслим)
15- Да не го изневерува, заведува и насамарува. Возвишениот Аллах вели: 'А оние кои ги вознемируваат верниците и верничките со она што тие не го заслужуваат, понесуваат, навистина, товар и грев јасен.” (Ел-Ахзаб, 58) Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Кој носи оружје против нас или не изневерува тој не е од нас.” (Муслим) Исто така Пејгамберот а.с. рекол: 'Кој ќе му ја расипе или изневери жената или слугинката на некој човек тој не е од нас” (Ебу Давуд)
16- Да се однесува кон него со добар морал и карактер, да му прави добро, спречува зло од него, го сретнува со насмеано лице, му го прима неговото доброчинство а му простува на неговите лоши дела. Севишниот Аллах вели: 'Прифати го простувањето! Наредувај добро и избегнувај ги незнајковците!” (Ел-„Араф, 199) Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Плаши се од Аллах каде и да бидеш, лошото дело проследи го со добро дело ќе го избриши и кон луѓето однесувај се со убав морал.” (Тирмизи, Хаким)
17- Да го почитуваш ако е старец, да му се смилуваш ако е мал. Поради зборовите на Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. кој вели: 'Не е од нас кој не ги почитува старите луѓе и не е милозлив кон нашите мали деца.” (Ебу Давуд, Тирмизи) Исто така Пејгамберот а.с. рекол: 'Од искажување почит кон Аллах е почестување на стар човек муслиман.” (Ебу Давуд) Се пренесува дека Пејгамберот а.с. кога се враќал од патување го пресретнувале деца, тој застанувал некои ги качел на врат, други пред него и им наредувал на своите асхаби да ги понесат другите деца. Сето тоа е знак на неговата грижа и милост кон децата.
18- Да му помогне на муслиманот кога има потреба од помош, да ја покрие неговата мана и отстрани некоја потешкотија или гајле. Возвишениот Аллах вели: 'Потпомагајте се меѓу себе во доброчинство и побожност.” (Ел-Маиде, 2) Аллаховиот Пејгамбер с.а.в.с. рекол: 'Муслиманот е брат на муслиманот, не му прави зулум и не го остава на цедило. Кој ќе му помогне на својот брат во тешкотија, Аллах нему ќе му помогне во тешкотија; кој ќе отстрани некоја неволја на еден муслиман, Аллах ќе му отстрани една од неговите неволји на Судниот ден. А кој ќе го покрие срамот на еден муслиман, Аллах ќе го покрие неговиот срам на Судниот ден.” (Муслим)