Господи, Исусе Христе, Сине Божји, не допуштај суетата, самољубието, сетивноста, неработата, гневот да го сподарат со мене и да ме оттргнуваат од Твојата љубов. О, мој Господи, Создателу мој, не оставај ме без удел во блажената вечност! Направи да го следам Твојот свет пример и да бидам покорен на властите поставени над мене. Дарувај ми ја онаа чистота на духот, онаа едноставност на срцето коишто нè прават достојни на Твојата љубов! Кон Тебе, о мој Боже, ја вознесувам мојата душа и срце, не допуштај да пропадне Твоето создание, туку избави ме од единственото и најголемото зло - гревот! Направи, Господи, со такво трпение да ги поднесувам душевните немири и жалости, со каква што радост ги примам задоволствата на срцето. Ако сакаш, Господи, Ти можеш да ме очистиш и осветиш. Се предавам на Твојата доброта и Те молам да истераш од мене сè противно и да ме приклучиш на мноштвото Твои избраници. Господи, земи ја од мене празнотијата на духот, што го убива времето, суетата на мислите, која се меша во Твоето присуство и го расплинува вниманието при мојата молитва. Ако се оддалечам од Тебе со своите помисли, помогни ми мојата растресеност да не биде самоволна и одвраќајќи го умот, да не го одвраќам и срцето. Ти ги исповедувам Тебе, на својот Бог, сите гревови на моето беззаконие, сега и порано кон Тебе направени. Прости ми ги поради Твоето свето име и спаси ја мојата душа што си ја откупил со Твојата драгоцена Крв. Се врачувам себе си на Твоето милосрдие, се предавам на Твојата волја, постапувај со мене спрема Својата добрина, а не спрема мојата злоба и беззаконие. Научи ме, Господи, да управувам со своите дела така што тие да помагаат во прославувањето на Твоето свето име. Смилувај се, Господи, на сите христијани, услиши ги желбите на сите коишто викаат кон Тебе, избави ги од секое зло, спаси ги своите слуги(имињата), испрати им радост, утеха во неволјите и Својата света милост! Господи, Ти се молам особено за оние коишто на било кој начин ме увредиле, ожaлостиле или ми скривиле, или ми направиле било какво лошо: не казнувај ги поради мене грешниот, туку излиј ја врз нив Својата благост! Господи, Ти се молам за сите оние коишто, јас грешниот, сум ги ожалостил, увредил или соблазнал, со збор, дело, помисла свесно или несвесно. Господи Боже, отпушти ни ги нашите гревови и нашите взаемни нажалостувања! Истерај, Господи, од нашите срца, секое негодување, гнев, злопамтење, кавга и сè она што може да пречи на љубовта и да го намали братољубието. Помилуј ги, Господи, тие коишто ме замолиле да се молам за нив, јас грешниот и недостојниот. Помилуј го, Господи, секого којшто ја бара Твојата помош! Господи, направи го овој ден ден на Твоето милосрдие, дај му на секого спрема неговата молба, биди Пастир на заблудените, Водач и Светлост на неверните, Учител на нерасудните, Татко на сиромашните, Помошник на угнетените, Лекар на болните,Утешител на тие коишто умираат, и сите нас приведи нè до саканиот крај, при Тебе, пристаништето наше и блаженото упокоение. Амин.