Од деветтиот ден до четириесеттиот ден, цели триесет дена, на душата и се покажуваат местата на пеколните маки на грешниците. Минувајќи низ нив, душата почнува да ја фаќа страв и таа да не биде осудена на такви маки. На 40 ден душата по трет пат застанува пред лицето Божјо за да ја прими својата награда за евангелискиот и добродетелен живот, или пак да ја прими заслужената казна за грешниот живот на земјата. Во тој миг, додека душата стои пред Праведниот Судија - Господ Бог, над неа се извршува посебен и привремен суд, кога пред Бога и ангелите, како на филмско платно ќе поминат сите настани од нејзината младост, па се до последниот час на животот, и според тоа, ќе и се определи привремено место на радост или казна. Тогаш најмногу е присутно чувството дека речиси сиот земен живот, всушност, го живееме и работиме за тој суден ден. Сето земно богатство и слава, недоволно исползувани, се кобни за вечноста на душата. Добрите дела и евангелскиот живот се гаранција за вечниот и блажен живот. Сé друго е суета. Но, постои уште една можност преку која се спасуваат душите на покојниците. Тоа е Божјата милост, крсните страданија на Спасителот Господ Исус Христос, топлата молитва и милостина принесени од блиските и црквата, за Семилостивиот Бога да ја покаже својата родителска љубов и милост. Затоа Светата Црква советува, четириесетдневниот дневен помен да се прави во истиот ден кога се исполнуваат 40 дена од земната кончина. Светата Црква препорачува на сите помени, а особено на 40тиот ден да се отслужи света Заупокоена Литургија.