Благодарствено правило (секој ден - наутро)

Најпрвин треба да се научиме да го славословуваме нашиот Бог и да Му благодариме за се што прави за нас, а потоа да бараме од Него било што. Ако му се молиме на Бога само кога имаме потреба, наликуваме на добро познати бессловесни, кои се сеќаваат на својот господар само тогаш кога ќе огладнат, па се жалат до небесата. Затоа, духовно сити со Небесниот Леб - Христос и напоени со живата вода на Светиот Дух, да се помолиме вака:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Цару небесен, Утешителу, Духу на Вистината, Кој си насекаде и се исполнуваш, ризницо на блага и на живот подателу, дојди и всели се во нас, и очисти не од секаква нечистотија, и спаси ги, Благи, душите наши. Свети Боже, Свети Крепки, Свети бесмртни, помилуј не. (3 пати)

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Пресвета Троице помилуј не; Господи, очисти ги гревовите наши; Владико, прости ни ги беззаконијата наши; Свети посети не и исцели ги слабостите наши, заради Името Твое.

Господи помилуј.(3 пати)

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш и во вечни векови. Амин

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото така и на земјата. Лебот наш насушен дај ни го денес; и прости ни ги долговите наши како што им ги пропштеваме и ние на нашите должници; и не воведувај не во искушение туку избави не од лукавиот.

Господи помилуј.... (12 пати)

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, и сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Дојдете да му се поклониме на Царот, нашиот Бог. Дојдете да му се поклониме и да припаднеме кон Христос, Царот, нашиот Бог. Дојдете да му се поклониме и да припаднеме кон Самиот Христос, Царот и Бог наш.

Тропари

Ние, недостојните Твои раби, Господи, благодарни за Твоите големи благодетели што ги пројави кон нас, Те славиме и Те восфалуваме, Те благословуваме и Ти благодариме, ја воспеваме и величаме Твојата добросрдечност и со ропска љубов Ти викаме: Благодетелу и Спасителу наш, слава Тебе!

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Владико Господи, ние, недостојните Твои раби, откако се удостоивме дарум со Твоите благодетели и дарови, сесрдно прибегнуваме кон Тебе, според своите сили благодарност Ти принесуваме и како Благодетел и Творец Те славиме и викаме: Слава Тебе. Боже, прештедар! И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Богородице, помошнице на христијаните, ценејќи го Твоето застапништво, ние, Твоите раби, со благодарно срце Ти викаме: Радувај се, Пречиста Богородице Дево, и со Твоите молитви секогаш избавувај не од сите беди, Ти, Која си единствена брза застапница!

Молитва 1-ва

Господи Исусе Христе, Боже наш, Боже на секаква благост и милосрдие, Твојата милост е безгранична, а Твоето човекољубие - неизмерна длабочина. Со страв и трепет, како недостојни слуги, Ти принесуваме благодарност со смирение. Те славиме, Те фалиме, Те воспеваме и величаме како наш Господ, Владика и Благодетел. Паѓаме пред Тебе и Ти благодариме за Твоето неизмерно и неискажливо милосрдие. Смирено Ти се молиме, милосрден Господи, и понатаму да ги исполнуваш нашите молби. Милостив Боже, сочувај ја Твојата света Црква и овој град (село) од секакво зло и дарувај ни мир и спокој. Удостој не секогаш да Ти принесуваме благодарност Тебе, на Твојот Беспочетен Отец, на Пресветиот, Благиот и Животворен Твој Дух - во едно суштество прославуваниот Бог наш, секогаш да ги славиме и воспеваме Твоите добрини кон нас. Слава Тебе, Благодетелу наш, во вечни векови. Амин.

Молитва 2-ра

Просвети ги очите мои Христе, Боже мој, Кој си ми ја покажал Твојата прекрасна светлина. Господи мој, Господи, кон годините на мојот живот додај уште години за да можам да се покајам за останатите мои гревови и да го исправам својот живот. Амин. Слава Тебе, Господи Исусе Христе, Сине Божји, Спасителу мој, Надеж моја, Прибежиште мое, Господи мој, што си ми ја покажал светлината, слава Тебе!

Молитва 3-та

Нека е благословен денот и часот во кој мојот Господ Исус Христос се роди заради мене, беше распнат и пострада до смрт. О, Господи, Исусе Христе, Сине Божји, во мојот смртен час прими ја душата на Твојот раб, заради молитвите на Твојата Пречиста Мајка, и на сите Твои светии. Амин. Владико, Господи Исусе Христе, Сине на Живиот Бог, Творецу на небото и на земјата, Спасителу на светот, Упование на целиот свет, прими ги молитвите на недостојниот Твој раб, и исполни ги сите мои добри желби, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.

Ти благодарам, Господи, за сите Твои добрини кон мене!

Ти благодарам, Господи, и за сите искушенија, страдања и гонења, со кои си ме удостоил!

Ти благодарам за се, Господи. Нека е благословено името Твое, сега и секогаш и во вечни векови.

Достојно е навистина блажена да Те нарекуваме Тебе, Богородице, секогаш блажена и пренепорочна, и Мајка на нашиот Бог. Почесна од Херувимите, и неспореджво пославна од Серафимите, Бога Словото нетлено што Го роди, навистина си Богородица, ние Те величаме. По молитвите на светите Отци наши, Господи Исусе Хрисге, Сине Божји, помилуј не. Амин.

*** По тоа правило можеш да си прочиташ: Псалм 117; Ефес. 5, 8-21 и Лука 17,12 -19, и Житието на денот.

Псалм 117

Праведните се радуваат на победата

1 Славете Го Господа, зашто Тој е добар, зашто милоста Негова е вечна.

2 Нека каже сега домот Израилев, дека е Тој добар, дека милоста Негова е вечна.

3 Нека рече сега домот Аронов, дека е Тој добар, дека милоста Негова е вечна.

4 Нека кажат сега сите, кои се бојат од Господ: дека е Тој добар, дека милоста Негова е вечна.

5 Кога бев на мака, Го повикав Господа и Тој ме услиши и на ширина ме изведе.

6 Господ е мој помошник, нема да се плашам: што може да ми направи човек?

7 Господ ми е помошник: и јас победоносно ќе гледам на непријателите мои.

8 Подобро е да се надевам во Господ, отколку да се надевам во човек.

9 Подобро е да се надеваш во Господ, отколку да се надеваш во кнезови.

10 Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив;

11 ме опседнаа, ме обиколија, но со името Господово јас ги победив.

12 Ме опкружија како пчели околу сотка, па се запалија како оган во трње: со името Господово јас им се противставив.

13 Ме турнаа силно за да паднам, но Господ ми помогна.

14 Господ е крепост моја и сила; Тој стана мое спасение.

15 Глас на радост и на спасение се слуша во домовите на праведните; десницата на Господ дава сила!

16 Десницата Господова ме возвишува, десницата Господова дава сила.

17 Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови.

18 Господ строго ме казни, но на смрт не ме предаде.

19 Отворете ми ја вратата на правдата: ќе влезам во неа, ќе го прославувам Господ.

20 Ете, тоа е вратата Господова, праведните влегуваат низ неа;

21 ќе Те славам, зашто ме услиши и стана спасение мое.

22 Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.

23 Тоа е од Господ, и прекрасно е во очите наши.

24 Ова е денот што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него.

25 О, Господи, спаси! О, Господи, побрзај!

26 Нека е благословен оној, кој оди во името на Господ! Ве благословуваме од домот Господов.

27 Бог е Господ и Тој нè осветлува; образувајте празнична придружба до роговите на жртвеникот.

28 Бог мој си Ти и Тебе ќе Те славам; Бог мој си Ти и Тебе ќе Те превознесувам.

29 Славете Го Господа, зашто Тој е добар, зашто милоста Му е вечна.

Ефес 5, 8-21

8 Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ: живејте како деца на светлината! 9 Зашто плодот на светлината се состои во се што е добро, праведно и вистинито - 10 одлучете се за она што Му е мило на Бога! 11 Не учествувајте во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги! 12 Зашто за она што го прават скришум, срамно е и да се зборува. 13 А се што е изобличено, светлината го прави јавно; бидејќи се што е јавно, светлина е. 14 Затоа е речено: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!” 15 Па така, внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри; 16 ползувајте го времето, зашто дните се лукави. 17 Затоа немојте да бидете неразумни, туку распознајте што е волјата Божја! 18 И не опивајте се со вино, во него има разврат, но исполнете се со Дух. 19 Разговарајте меѓу себе со псалми и славословија и духовни песни, пеејќи и воспевајќи Го Господ во срцата ваши; 20 благодарејќи Му секогаш за се на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос; 21 покорувајте се еден на друг во страхопочит Божја.

Лука 17, 12-19

12 кога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку, 13 па со силен глас повикаа: „Исусе Учителе, смилувај се!” 14 Штом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!” И тие, уште додека одеа, се очистија. 15 А еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати и Го прослави Бога гласно; 16 и падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин. 17 Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се излекуваа десетмина? Каде се другите девет? 18 Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?” 19 И му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!”