Зошто, така? Затоа што блудницата пристапила кон Христа со срдечно расположение, со огнена душа, со вера, и се дофатила до светите нозе на Господа, расплела коси, пролеала солзи и разлеала миро. Со она што ги соблазнила Јудејците, со тоа и постигнала покајание; со она што ги возбудила погледите на страстливите, со истото пролеала обилни солзи; со тие коси, со коишто вовлекла многумина во грев, со истите таа ги истрила нозете на Господа. Со она миро, со коешто ги примамувала душите, со него таа обилно Го помажала Господа Исуса Христа. Така и ти, човеку, со она со коешто си Го прогневил Бога, со истото можеш и да Го умилостивиш. Ти си Го прогневил со кражба на пари, умилостиви Го со враќање на украденото и со благотворение од тебе, како што сторил Закхеј. Ти си Го прогневил Бога, тогаш кога си се обидел многумина да злословиш; ти пак умилостиви Го со чисти молитви, со благословување на оние кои си ги злословил и ќе им простиш на злоречивите и ќе им благодариш на тие што те сакаат. За сето тоа не е потребно многу време. Спасението не се раѓа од големината на деновите, туку од квалитетот на покајанието.