Молитиви против осквернување

Боже, биди милостив кон мене грешниот.

По молитвите на светите Отци наши, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј нè. Амин!

Слава Ти, Боже наш, слава Ти.

Царе небесен, Утешителе, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, ризницо на добрини, Животодавче, дојди и всели се во нас. Исчисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, нашите души.

Свети Боже, Свети Силни, Свети Бесмртни, помилуј нè. (три пати) Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Пресвета Троце, помилуј нè. Господи, исчисти ни ги гревовите. Владико, прости ни ги беззаконијата. Свети, посети нè и исцели ги нашите слабости заради Твоето име.

Господи помилуј (три пати)

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја како на небото, така и на земјата; лебот наш дај ни го денес и прости ни ги долговите наши како и ние што им ги проштеваме на нашите должници; и не нè воведувај во искушение, но избави нè од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Господи, помилуј! (12 пати)

Слава на Отецот и Синот, и Светиот Дух и сега и секогаш и во вечни векови Амин.

Дојдете да се поклониме на нашиот Цар и Бог. Дојдете да се поклониме и да паднеме пред Христа, нашиот Цар и Бог. Дојдете да се поклониме и да паднеме пред самиот Христа, наш Цар и Бог.(три пати)

Псалм 50

Покајничка молитва

Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја добрина избриши ги беззаконијата мои. Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев, зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене. Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш. Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми. Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја. Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег. Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби. Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија. Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене. Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене. Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и благороден дух зацврсти во мене. Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта, и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат. Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже на моето спасение, и јазикот мој ќе пее за Твоето избавување! Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја; зашто, жртви не ти се мили, кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил. Жртвата пред Бога е скрушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш. Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, обнови ги ѕидовите ерусалимски. Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.

Тропари, глас 7:

Свјати мученици иже добрје страдалчествоваше и вјепчавшесја, молитесја ко Господу, помилуватисја душам нашим. Слава тебје Христе Боже апостолов пофвало, мучеников радованије, их же проповјед тројица јединосушчнаја.

Пастиру добар, Кој си ја положил душата Своја за нас, Кој ги знаеш моите скриени дела, единствен благи, врати ме мене, заблудениот со разум, и истргни ме од волкот, јагне Божјо, и помилуј ме. Обземен од сонот на наслади се помрачувам со гревовна измама: но дај ми утро на покајание, просветувајќи ги моите мисловни очи, Христе Боже, просветување на мојата душа, и спаси ме.

Мојот сплетен ум во живтоните наслади и со гревовната магла на мојата непокаена душа раѓа различни страсти и не пристапува кон умилни помисли. Но, смилувај се, Спасителу, кон моето смирение и дај ми умилни помисли, та и јас, спасувајќи се пред крајот, да го повикам Твоето благоутробие: Господи Христе, Спасителу мој, мене очајниот и недостојниот, спаси ме. Како оној што паднал во разбојници и е ранет, така и јас паднав во моите гревови, и душата ми е ранета: кон кого ќе прибегнам јас виновниот, ако не кон Тебе, милосрдниот Лекар на душите: излиј ја врз мене, Боже, Твојата голема милост.

Слава на Отецот и Синот, и Светиот Дух. Амин.

Како блуден син, и јас пристапив Милостиви: прими ме, Оче, мене кој се враќам како еден од Твоите наемници Божји, и помилуј ме.

И сега и секогаш и во вечни векови. Амин.

Богородичен:

Избави нè, Богородице, од гревовите што нè обзеле: зашто друга надеж ние верните немаме, освен Тебе и од Тебе родениот Господ.

Господи, помилуј! (40 пати)

И осум поклони со молитвата: Боже, биди милостив и прости ми, на мене блудниот, заради Твоето свето име.

Молитва прва на свети Василиј Велики

Jас бедниот пак се сопнав со умот, и по лошата навика служејќи му на гревот, пак ме зароби кнезот на темнината и родителот на страсните наслади, и како понижен род ме принудува да ѝ служам на неговата волја и телесните желби. Што друго да правам, Господи мој, и Избавителу, и Заштитнику на оние кое се надеваат на Тебе, ако не пак да се вратам кон Тебе и да затажам, и испросам милост за она што сум го направил! Но, се плашам и треперам, да не би некако исповедувајќи се секогаш и ветувајќи дека ќе отстапам од лошотиите, секој час грешам, и не упатувајќи ја мојата молитва кон Тебе, мојот Бог, сум ја поттикнал и долготрпеливоста Твоја на негодување. А кој ќе го поднесе Твојот гнев, Господи? Но, познавајќи ја големината на Твоето милосрдие и широчината на Твоето човекољубие, јас пак прибегнувам кон Твојата милост, и извикувам кон Тебе: прости ми што згрешив, помилуј ме паднатиот; дај ми рака на помош на заглавениот во калта на сластите; не дозволувај Господи, созданието Твое да пропадне во своите беззаконија и своите гревови, туку поттикнат со вообичаеното Твое милосрдие и добрината, избави ме од калта и телесната нечистотија, и од моите страстни помисли кои постојано ја влкаат мојата страдна душа. Зашто еве, Господи, како што гледаш, во неа нема чисто место, туку сета стана лепрозна и целото мое тело го покри рана. Сам, значи, Човекољубов Лекару на душите и телата и Извору на милоста, исчисти ја со поројот на моите солзи, правејќи обилно да ги пролевам, излиј го врз мене Твоето човекољубие и дај ми оздравување и исчистување и исцели ме потиштениот, и не го одвраќај Своето лице од мене, та да не ме проголта огинот на очајанието како обична твар. Туку, како што си рекол, вистински Боже, дека голема радост е на небото за еден грешник кој се кае, направи го тоа и со мене грешниот, и не ги затворај ушите на Твоето милосрдие, пред молитвите на моето покајание, туку отвори ги, и таа нека излезе како кадило пред Тебе. Зашто Ти, Создателу, ја знаеш немоќта на природата и лесното паѓање во грев на младоста, млитавоста на телото, и не гледаш на гревовите, и го примаш покајанието на оние кои вистински Те повикуваат. Зашто се благослови и прослави пречесното и величественото Твое име, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега, секогаш и во сите векови. Амин!

Молитва втора на свети Василиј Велики

Mногумилостив, непреоден, чист, безгрешен Господи, исчисти ме мене, Твојот непотребен слуга, од секакво оскврнување, телесно и душевно, и од мојата нечистотија која од негрижа и мрзливост се умножила во мене со сите свои останати беззаконија и покажи ме чист, господару, заради добрината на Твојот Христа; и освети ме преку слегувањето на Пресветиот Твој Дух, за откако дојдам кон себе од маглата на нечистите ѓаволски привиденија и секаква осквернатост, да ме удостоиш со чиста совест да ја отворам својата извалкана и нечиста уста и да го славам Сесветото Твое име, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Потоа похвална молитва кон Пресвета Богородица

Тебе Богородице, која си почиста од херувимите и непсоредливо пославна од серафимите, Која без маана Го роди Бога Словото, Вистинската Мајка Божја, ние Те величаме.

Слава на Отецот и Синот, и Светиот Дух и сега и секогаш и во вечни векови Амин.

Господи, помилуј! (3 пати)

Благослови!

Отпуст.

Потоа:

Прими ја Господи, молитвата од мене грешниот, и помилуј ме како Благ и Човекољубив.

*** По тоа правило можеш да си прочиташ: Псалм 6; Римјан. 1гл.; Лука 7, 36-50 и дневното житие или житието на преп. Антониј Велики (17/30, 01).

*** Забелешка: При нечисти мисли и желба за грев, или при униние, очајание, скрб или друго искушение, треба многу пати да се произнесе молитвата „Богородице Дево...“ и, заради молитвите на Божјата Мајка, Господ Бог ќе и даде мир на душата.

ПСАЛМ 6

Покајничка молитва: Надеж во помошта од Господ

Господи, не карај ме во јароста Своја и не казнувај ме во гневот Свој. Смилувај се на мене, Господи, бидејќи сум немоќен; исцели ме, Господи, зашто коските ми се тресат; и душата ми е потресена. А Ти, Господи до кога? Врати се, Господи, избави ја душата моја, спаси ме поради милоста Своја, бидејќи мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе? Се уморив воздивнувајќи; секоја ноќ го навлажнувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја. Од скрб ми се помрачи окото мое, ми ослабе поради сите мои непријатели. Отстапете од мене сите вие, кои вршите неправда, зашто Господ го услиша гласот на мојот плач. Господ ја услиша молбата моја, Господ ја прими молитвата моја. Ќе се посрамат и уплашат сите мои непријатели; ќе се повлечат и веднаш ќе се засрамат.

Послание до Римјаните

Глава 1

Павле, слуга на Исус Христос, повикан за апостол, издвоен за Евангелието Божјо, кое Бог однапред го беше ветил преку пророците, во Светите Писма, за Својот Син, по тело роден од семето Давидово, одреден како Син Божји во силата, по Духот на светоста, преку воскресението од мртвите, Исус Христос, нашиот Господ. Преку Него добивме благодат и апостолство за да ги приведеме на послушност кон верата меѓу сите народи во Негово име, меѓу кои сте и вие, повиканите од Исус Христос. До сите вас во Рим, возљубени од Бога и повикани да бидете свети: благодат и мир од Бог Отецот наш и Господ Исус Христос. Пред се, Му благодарам на Мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, зашто за вашата вера се разгласува по целиот свет; Бог, Кому Му служам со својот дух, преку Евангелието на Неговиот Син, сведок ми е дека постојано си спомнувам за вас секогаш кога во молитвите свои се молам, та со Божја волја некако да ми се даде да дојдам кај вас. Зашто копнеам да ве видам, па да ви предадам некој духовен дар за да станете поцврсти, односно, взаемно да си помогнеме преку заедничката вера - вашата и мојата. Би сакал да знаете, браќа, дека многупати бев на мисла да дојдам кај вас, да имам некаков плод и меѓу вас, како и меѓу другите народи, но се досега бев попречуван. Должник сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните. Затоа, што се однесува до мене, подготвен сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието. Зашто јас не се срамам од Евангелието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин. Бидејќи во него се открива правдата Божја, од верата и во верата, како што е напишано: „Праведникот преку верата ќе живее.” Зашто гневот Божји се открива од небото против секоја безбожност и неправда на луѓето кои вистината ја спречуваат со неправда. Па така, она, кое може да се знае за Бога, ним им е откриено, бидејќи Бог тоа им го открил. И навистина, она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела, па така тие немаат изговор. Зашто, кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи; тврдејќи дека се мудри, тие обезумија, и славата на непропадливиот Бог ја заменија со лик на смртен човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи. Затоа и Бог, според желбите на срцата нивни, ги предаде на нечистота, па сами да си ги обесчестуваат своите тела. Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во вечни векови. Амин! Затоа Бог ги предаде на срамни страсти: жените нивни природните потреби ги заменија со противприродни. И мажите исто така, напуштајќи го природното општење со женскиот пол, се распалија со желби еден кон друг, и вршеа срамни работи мажи со мажи, добивајќи ја заслужената отплата за својата изопаченост. И бидејќи не се обидоа да Го задржат Бога во разумот свој, затоа Бог ги предаде на нивниот изопачен ум - да го прават она што не прилега, исполнети со секаква неправда, лукавство, алчност, злоба; полни со завист, убиства, кавги, измами, злонамерност; озборувачи, клеветници, богомрасци, насилници, фалба?ии, горделивци, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви. Тие, иако ја познаваат праведната одредба Божја дека оние, што вршат такви дела, заслужуваат смрт, сепак не само што ги вршат, туку се благонаклонети и кон оние што ги вршат.

Лука (7, 36-50)

Еден од фарисеите Го покани да јаде со него; и Тој, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом дозна дека Тој седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе сад од алабастер со миро; па застана одзади покрај Неговите нозе, плачејќи почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Кога Овој би бил пророк, би знаел која е и каква е оваа жена што Го допира, зашто таа е грешница.” Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.” А тој рече: „Кажи, Учителе!” Исус му рече: „Некој заемодавец имаше двајца должници: едниот му должеше петстотини денарии, а другиот педесет. Но бидејќи немаа да му вратат, тој им ги подари на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?” Симон одговори и Му рече: „Мислам оној, кому повеќе му подарил.” А Тој му рече: „Право пресуди.” И тогаш се сврте кон жената, па му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои. Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои. Затоа ти велам: нејзе и се простени многу гревови, зашто покажа многу љубов. А кому му е простено малку, тој мала љубов има.” Нејзе, пак, и рече: „Простени ти се гревовите!” А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови простува?” На жената пак и рече: „Верата твоја те спаси; оди си во мир!”