Многумилостив Боже мој, Господи Исусе Христе, Ти слезе од небото и се овоплоти за да нè спасиш сите. Ти се молам, Спасителу, спаси ме со благодатта, зашто ако ме спасуваш поради делата, тоа не е благодат и дар, туку повеќе е од долг. О, премилостив Христе, Ти си рекол: Кој верува во Мене ќе биде жив и нема да види смрт во векови. Ако верата во Тебе ги спасува очајаните, ете, јас верувам - спаси ме, зашто Ти си мој Бог и Создател. Прими ја мојата вера место дела, зашто, Боже мој, не ќе најдеш дела во мене што ќе ме оправдаат. Но, верата моја да биде достапна за сè: таа да ме заштити, таа да ме оправда, таа да ме направи учесник на Твојата вечна слава. Слово Божјо, да не ме грабне нечестивиот и да се пофали дека ме украл од Твојата рака и од Твојата ограда. Сакал јас или не сакал, Христе, Спасителу мој, спаси ме, побрзај, загинувам. Ти си Бог мој уште од утробата на мојата мајка. Удостој ме, Господи, да Те засакам сега како што некогаш го засакав самиот грев и пак да отпочнам да Ти служам сесрдно, без мрзливост, Тебе, на мојот Господ и Бог Исус Христос, во сите дни на мојот живот, секогаш и во сите векови. Амин. Од ноќ подранува мојот дух кон Тебе, Боже, зашто Твоите повелби се светлина. Научи нè, Боже, на Твојата правда и на Твоите заповеди. Просвети ги нашите духовни очи, за да не заспиеме во гревовна смрт. Изгони секаков мрак од нашите срца. Озари нè со сонцето на Твојата правда и со печатот на Твојот Свет Дух, запази ги чисти нашите души. Упати ги нашите стапки по патот на мирот. Да дочекаме ново утро и нов ден во радости да Те прославиме со утринските молитви, зашто Твое е царството, силата и славата на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.