Поуки за брачните парови

За бракот

...Со што може да се спореди семејството? Да замислиме два камена, остри и цврсти. Додека не дојдат во допир сѐ е наизглед добро, бидејќи никој никого не допира.

Да ги ставиме во вреќа и да ги протресеме силно и долго. Можни се две варијанти на

развој на настаните: или камењата ќе се избрусат и нема повеќе да се рануваат еден со друг, или нема да се ослободат од своите остри врвови и тогаш вреќата ќе се скине, а

камењата ќе паднат од неа. Вреќата е семејството: или сопружниците ќе се избрусат со

помош на „ситни“ самопожртвувања, или со злоба ќе се нападнат меѓу себе.

Огромен број на разводи се случуваат 2-3 години по стапувањето во брак. Кога се разведува, човекот е убеден: „Каква лоша жена (маж) ми се падна! А ми велеше дека ме

сака! Како ли само ми падна на ум да се оженам со неа!“ Човекот не сфаќа дека сѐ уште и немало љубов, туку дека постоела само заљубеност. За љубовта треба уште да се бори.

Едноставно, никој од сопружниците не сакал да се ослободи од своите „остри агли“.

Човекот стапува во нов брак, а таму се продолжува истото што и во првиот. Тој со своите остри агли ја ранува својата нова сопруга, а таа, за возврат го ранува мажот со своите остри агли. Мажот наивно мисли дека пак добил лоша жена, не согледувајќи ги притоа своите недостатоци.

...Денес има сѐ помалку и помалку семејства со многу деца. Речиси никој веќе не сака да има многу деца. Често се случува раѓањето на уште едно дете да биде несакано и случајно. Внимавале, но ништо не помогнало. Слава Му на Бога, решиле да го родат и незабележливо станале многу посреќни, затоа што Господ за секое дете на родителите им додава повеќе среќа и радост.

За жал, денес, на младите родители кои сакаат да имаат трето дете, роднините и пријателите гледаат, во најдобар случај, со потсмев, додека најчесто вртат со прстот покрај слепоочницата: „Не можат ниту две да прехранат, а раѓаат и трето!“ Не плашете се, туку раѓајте, за да бидете нормално семејство.

...Разликите во душевната сила потекнуваат од различните улоги кои мажот и жената треба да ги имаат во семејството. Како мајка и сопруга, жената е чувствителен барометар, кој треба да ја фати душевната состојба на секој член од семејството, за потоа со својата нежност и внимание да му помогне на мажот правилно да ги насочи децата при воспитувањето. Жената ја создава внатрешната атмосфера во семејството. Нејзе Бог за тоа ѝ ги дал сите потребни способности: посебна интуиција, нежност во карактерот и

чувствителност. Како татко и маж, мажот е глава на семејството; тој треба да е во состојба да донесува одлуки и да носи одговорност за целото семејство. Мажот е надворешна

заштита за целото семејство, нему Бог му дал сѐ што му е потребно: логичен ум, цврстина на волјата, способност да не им се препушта на случајните емоции...

Свештеник Илија Шугаев

Кога жената ќе остане бремена

Кога жената ќе остане бремена, треба да се прекинат телесните односи, но, за несреќа, ако не се може, треба по голема сносходливост барем да се ограничат, да бидат сé поретки, па и тоа речиси никогаш. Но, од шестиот месец на бременоста треба задолжително да се престане, бидејќи освен огромната опасност за детето, сé поголема е и духовната штета.

Ембрионот неминовно учествува во уживањето што го чуствува мајката, и така, уште од утробата стекнува страсти. Постојат ембриони кои телесно се распалени. А постојат и млади момчиња, дваесет-годишници, кои не се оптоваруваат со своето тело. Откаде оваа разлика? Таа зависи од духовната состојба на родителите. Тоа е духовно наследство. Гледаш, родителите не им оставаат на децата само куќи и ниви, туку им ги принесуваат и своите страсти или добродетели.

Во зависност од тоа дали некој е богат или сиромав, остава многу или малку.

Постојат деца кои имаат богато духовно наследство од родителите. Деца со многу добродетели. Ако тие уште и лично се потрудат, можат да достигнат големи духовни висини, зашто од висина се и појдени.

Затоа Пресвета Богородица била толку чиста. Немала дури ниту лоши помисли. Јоаким и Ана биле свети луѓе, па затоа и зачнувањето на Богородица не било хедонистичко.

Но Бог не е неправеден. Она што е важно, е трудот што некој го вложува во себе. Борбата, личниот подвиг, што некој го вложил за да ги зачува Христовите заповеди - тоа е она важно, а не од која точка е појден.

Кога жената е бремена, треба да биде мирна, да чита Евангелие, да се моли. Со тоа и детето се осветува. Оттогаш почнува воспитувањето на детето. Внимавај со ништо да не оптоваруваш бремена жена.

- Старче, некои парови што сакаат да имаат деца - не можат. Зошто се случува тоа?

- За да се згрижи некое сираче. Се случува, откако ќе посвојат дете, Бог веднаш да им поради и едно нивно.

Старец Пајсиј

За воспитувањето на децата

1. Да се родат деца е дело на природата, но да се образоваат и да се воспитаат - е дело на умот и волјата.

2. Под должноста воспитување на своите деца јас подразбирам, не само грижа децата да не умрат од глад, на што, по се изгледа луѓето ги ограничуваат своите обврски спрема децата. За овој начин на грижење не се потребни ниту книги, ниту пак уредби (закони), за тоа многу јасно кажува самата природа. Јас зборувам за грижење да се образоваат душите на децата во добродетелите и побожноста, што е свет долг, кој не може да се погази, а да не се направи извесен вид на детеубиство.

3. Таа обврска е заедничка, како и за татковците така и за мајките. Постојат татковци кои не штедат ништо за да им обезбедат на своите деца учители за разонода, задоволувајки ги нивните барања како богати наследници, додека многу малку се грижат за тоа децата да бидат христијани и да се надградуваат во вистинска побожност. Какво грешно слепило! Токму на таа груба немарливост треба да се препише целата неуредност од која страда средината. Да претпоставиме дека сте стекнале за нив голем имот, но доколку децата не умеат да се однесуваат мудро овој имот не би можеле долго да го сочуваат. Имотот ќе биде расфрлан, ќе пропадне заедно со своите господари и тоа за нив ќе биде најтажно наследство.

4. Вашите деца ќе бидат секогаш доволно богати ако добијат добро воспитување од вас, кое ќе биде во можност да го опитоми нивниот карактер и да му даде правец на нивното однесување. И затоа грижете се на да ги направите богати, тук да ги направите побожни, господари над своите страсти, богати во добродетелите. Придонесете да не го бараат она што им е непотребно, и земните богатства да ги ценат онолку колку што и вредат. Вниматено гледајте ги нивните постапки, нивното друштво, врски, и не очекувајте од Бога никаква милост доколку не ја исполнувате оваа должност.

5. Ако апостолот ни заповеда повеќе да се грижиме за другите отколку за себе си, и ако постануваме виновни кога не се грижиме за нивна корист, нема ли да бидеме многу повеќе виновни тогаш, кога тоа се однесува на оние кои ни се најблиски? „Не Сум ли ви дал место во семејството ваше? - ќе ни рече Господ. Не ли ви ги поверив вам да се грижите за нив, поставувајки ве за нивни господари, старатели и судии? Јас ви дадов целосна власт над нив. Вам ви ја ставив целокупната грижа за нивното воспитание“. Вие ќе ми речете дека децата не сакале да се приклонат под јаремот и дека го отфрлиле. Но, всушност тоа и беше потребно да се предупреди на самиот почеток. Вие моравте да влијаете на нивните први впечатоци, да ставите узда кога тие се уште немаа сила да ја раскинат, да ја фатите таа млада душа во јаремот на должностите и да ја научите на Него, да ја обликувате спрема нив (должностите), да ја преврзете раната веднаш штом ќе се отвори, да ги отргнете трњата веднаш штом почнат да се појавуваат околу тие нежни цвеќиња, а не да чекате да пуштат длабоки корења и страстите да станат незауздливи и нескротливи.

6. Премудриот Исус синот Сирахов зборува: „Ако имаш деца, воспитај ги, уште од младоста стави им јарем на вратот нивни“ (Премудрост Сирах. 7,25). Но Господ ни ја дава таа заповед не само преку устата на својот пророк, туку уште преоѓа на наша страна заканувајки се со страшна казна за децата кои се непокорни на власта на своите родители: „Кој кажува зло на таткото свој и на мајката своја, да се погуби“ (3. Мој. 20, 9). Тој ги казнува со смрт оние кои од вас кријат, а вие ладнокрвно гледате на оние лоши дела кои ги вршат тие против највисоките власти. Они застануваат против самиот Бог, кршејки ги неговите заповеди, а вие на тоа гледате без никакво негодување, па дури и без најмал прекор. А што губи Господ од нивните навреди? - Ништо. Туку вие губите. И како да не се плашите за самите себе? Бидејки кој ќе го остави Господ, тој нема да го почитува ни својот татко, па ни самиот себе.

7. Децата кои се покорни и верни на Бога во послушноста на Неговиот Закон, наоѓаат изобилен извор на среќа, па дури и оваа земната. Сиромашниот човек со христијански морал е почитуван и сакан од луѓето кои го опкружуваат додека човекот со лошо и развратно срце целото негово богатство нема да го спаси од негодувањата и одбивноста на луѓето спрема него.

8. Младичот на кој вие ќе му пружите добро воспитување ќе ви постане мил не само заради тоа што ќе стекне сеопшто почитување, туку ќе ви биде мил и на вас самите. Вашата приврзаност за него нема да биде само проста наклонетост, туку ќе биде плод на неговите доблести. Затоа и вие во староста ќе ги уживате од него сите убавини на синовската љубов; тој ќе биде ваша потпора. Според тоа како што оние кои не го почитуваат Господа ги презираат и своите родители, така напротив, оние кои го почитуваат Бога, Отецот на сите луѓе - секогаш и на сите начини ќе ги почитуваат оние од кои го добиле животот.

9. Да претпоставиме дека ќе ги исполните заповедите на Законот во секој дрг поглед, но доколку бидете неверни во таа една заповед, ќе бидете строго казнети. Послушајте го доказот за тоа земен од историјата на еден древен народ. Веднаш ќе увидите на каква страшна казна се подложени татковците кои не се грижат за воспитувањето на своите деца. Јудејците имале еден свештеник кој бил многу почитуван заради својата кроткост. Се викал Илија. Овој свештеник имал два сина кои им се предавале на сите пороци. Таткото не се грижел и не обрнувал внимание за тоа. Кога нивниот разврат станувал поголем тој само ги опоменувал, но без голема ревност и власт, бил должен строго да ги казни, да ги отфрли од себе, да употреби строги мерки и со тоа да стави крај на нивната неуредност. Но тоа не се случило. Тој се ограничувал на тоа да ги опоменува во вид на совет: „Немојте деца мои, не е добро тоа што го слушам за вас“ (Сам. 2, 24). Зар така требало да зборува? Тие го навредувале Бога, а тој ги нарекувал свои деца. Тие го заборавале Оној на Кого Му го должат животот, а тој сеуште ги признавал за членови на своето семејство. Залудно и бескорисно ги советувал. Овде не беа потребни совети, туку силни укори, строги казни, силен лек кој одговара на злото. Тој морал страшно да делува врз нив и да ги отргне тие млади срца од нивната заблуда. А тој благо ги советувал. На неговите деца не им недостасувале совети. Тие зборови биле бескорисни! Децата всушност биле жртви на неговата грешна благост! Бидејќи војната почнала. Несреќниците паднале во рацете на непријателот. Илија, дознавајќи за нивната лоша судбина паднал на земјата и умрел.

10. Сега ви зборував дека татковците кои не се грижат да им пружат христијанско воспитување на своите деца се чедоубијци, т.е. убијци на сопствените деца. Нели е тоа вистина? Кој треба да го обвинува Илија за смртта на своите деца? Самиот себе. Навистина, непријателскиот меч ги усмртил, но ударот на мечот го усмерила безгрижноста на таткото. Оставени без небеска помош тие станале немоќни против филистимските стрели. Таткото ги усмртил и нив и себе си. Меѓутоа, вакви примери сретнуваме секојдневно. Колку родители постојат кои не сакаат да се трудат да ги поправат своите непокорни и непослушни деца? Тие како да се плашат да не ги огорчат своите деца, доколку со своите строги зборови ги побиваат порочните наклоности на кои се предаваат нивните деца. И што произлегува? Прекршоците се зголемуваат, неказнувањето доведува до душевни престапи, судовите земаат збор, несреќниците умираат на местото на казната. Не исправајќи ги вие станувате нивни соучесници. Вие сте се одрекле од своите сопствени права над нив и со тоа сте придонеле да подлегнат на строгите граѓански казни и човечкото правосудство ги применила над нив своите строги права (закони). Вие се плашите во ваше присуство да не ги посрамите со лесна казна, а каков срам паѓа на вас кога вашиот син исчезнува, а таткото прогонуван од погледот на тужителите веќе нема смелост воопшто да се појавува некаде.

11. И така, ве молам груижете се за доброто воспитување на своите деца. Пред сé помислувајте на спасението на нивните души. Бог ве поставил како глави и учители на вашите семејства; ваша должност е непрестајно да внимавате на однесувањето на свото семејство. Послушајте го апостолот Павле: „Ако вашите жени сакаат нешто да научат, нека ги прашаат своите мажи... Подигнувајте ги своите деца во воспитувањето и науката Господова“ (Ефес. 6,4). Подржувајте го Јов, кој бдееше над однесувањето на своите деца и принесуваше жртви да го умилостиви Бога за тајните гревови кои би можеле да ги направат (Јов 1, 5). Подржувајте го Авраам кој помалку се трудеше околу стекнување на богатство, а повеќе за одржување на Законот Божји од страна на своите домашни, за што сведочи Господ: „Зашто знам дека ќе им заповеда на синовите свои и на домот негов после него, да се одржат на патеките Господови и да го прават она што е праведно и добро“ (1 Мој. 18,19). Давид кога се приближувал кон смртта, сакал на својот син Соломон да му го остави најважното наследство, го повикал и му го повторил во вид на мудри поуки Божјото ветување: „Ако го запазат синовите твои патот свој, одејќи верно пред Мене, со сето свое срце и со сета своја душа, тогаш нема да исчезне човек од престолот изразилев“ (3 Цар. 2,4). Тоа се образците на кои ние мораме да се угледаме и за време на животот и при последната воздишка.

12. Ако добрите татковци се грижат да им дадат добро воспитание на своите деца, тогаш не би биле потребни ни закони, ни судови, ни судници, ни казни. Џелатите постојат затоа што нема моралност.

Свети Јован Златоуст

Децата и постот

- Старче, дали деца од пет-шест години треба да постат пред причест?

- Треба барем вечерта пред тоа да јадат на масло. Меѓутоа, тоа зависи од духовникот. Најдобро е мајката за тоа да го праша духовникот, затоа што може детето да има некој здравствен проблем, па мора, на пример, да пие млеко.

- Колку треба детето да пости, старче?

- Ако е силно и здраво, може да пости. Инаку сега има многу посна храна. Некогаш децата постеа и по цел ден трчаа и си играа, но повеќе пати земаа оброци. Во Фараса, за време на Великата Четириесетница, сите, и стари и млади, се придржуваа до „деветтиот час“ . Родителите ги собираа децата во Кастра, им даваа играчки да си играат, а во три часот после пладне, кога ќе заѕвонело ѕвоното за Литургија на претходно-осветените дарови, одеа да се причестат. Св. Арсениј имаше обичај да рече: „Децата не се сеќаваат на храна кога играат цел ден. А сега, кога уште и Христос им помага, како да не издржат?“

И возрасните кога не постат, се укоруваат самите себе гледајќи како децата постат. Кога бев мал и подолго време работев со мајсторите во некоја куќа, па затоа и таму ручавме, во среда и петок одев дома за да ручам, затоа што тие не постеа. Во една прилика, беше среда, ме послужија со баклава. „Ви благодарам многу“, им реков, „но јас денеска постам“. „Види го ти него“, рекоа, „мало дете, па пости, а ние возрасните јадеме!"

За интимниот живот на сопружниците во период на зајакнат пост и молитва

1. Мажот да ја извршува својата должност спрема жената, а исто така и жената - спрема мажот.

2. Жената не е господарка на телото свое, туку мажот; исто така и мажот не е господар на телото свое, туку жената.

3. Не лишувајте се еден од друг - освен по договор за некое време, за да се посветите на молитвата и пак да бидете заедно за да не ве напаствува сатаната, поради вашето невоздржување.

4. Ова, пак, ви го велам како допуштање, а не како заповед. (1. Коринтјаните. 7, 3 – 6).

Објаснување:

Во период кога Црквата (црковната зедница) е во Пост, односно, кога духовниот раководител на сопружниците, од разни причини, ќе им определи Пост ( се мисли на телесниот Пост, на воздржување од некои видови на храна) тогаш сопружниците, преку взаемен договор, за некое време се воздржуваат од интимни односи. Ова воздржување има за цел сопружниците по активно и по задлабочено да го практикуваат подвижничкиот (аскетскиот) духовен живот за, преку истиот, да можат:

1. духовно да се воздигнат, за да надминат некои слабости или грешни настроенија

2. личносно да созреат, за по спасоносно да чекорат по Патот на спасението

3. да се издигнат над секојдневните активности и обврски кои знаат да го затапат сопружничкото живеење и да го испразнат од љубов, нежност, душевен допир, взаемно воодушевување

4. Особено е препорачливо во периодот (накаде околу три дена) пред пристапувањето да се Причестиме - да го засведочиме нашето единство со Христос, а и со неговата Црква - да го зајакнеме нашиот духовен подвиг.

5. Интимните односи, во рамките на благословениот брак, во животот на Црквата не се доживуваат како нешто грешно или неприфатливо, напротив, истите се битен фактор во љубовниот живот на сопружниците. Во периодот на Пост се советува сопружниците да се воздржуваат од интимните односи – не затоа што истите се грешни – тука затоа што во тој период сопружничкото живеење со воздигнува на еден повисок, духовен степен, односно, повеќе се преферира духовниот/ личносниот контакт од телесниот. Искуството потврдува дека зајакнувањето на овој духовен контакт помеѓу сопружниците позитиво делува и на телесниот контакт.

6. Интимните односи, надвор од благословениот брак, во животот на Црквата се доживуваат како грев – љубовно промашување. Тоа е така, зато што надвор од благословениот брак, интимните односи знаат многу да му наштетат , како на духовниот , така и на телесниот живот на човекот.

7. За позадлабочено запознавање со оваа проблематика обратете се кај вашите духовни раководители/парохиски свештеници.

Десет кратки поуки за родителите

1. Богато опсипувајте ги децата со љубов. Таа на децата им дава сигурност и ги смалува проблемите.

2. Воспоставете дисциплина. Кога се применува со определена мерка, доследно и разумно, дисциплината ја извежбува способноста на децата и ја зацврстува нивната самодоверба.

3. Барајте прилики за разговор, игра, учење со децата. Воспоставете вистинска комуникација.

4. Трудете се да дадете добар пример, наедно со поучувањето за тоа; што е добро – така станувате поубедливи.

5. Развивајте со децата односи на меѓусебно почитување: така им помагате да бидат одговорни.

6. Обратете неподелено внимание на сè што детето зборува, а не само на она што вие ќе слушнете. Само така ќе го разберете.

7. Трудете се да упатувате, а не да заповедате. Тогаш детето ќе ви пристапува и повеќе ќе ве почитува.

8. Негувајте ја самостојноста и независноста на децата. Така ќе созреваат и ќе стануваат поодговорни.

9. Прифатете ги и разберете ги слабостите; и на своите деца, и своите. На тој начин подобро ќе се разберете самите себе и подлабоко ќе ги сакате своите деца.

10. Со својот партнер одржувајте нежен однос, исполнет со почитување. Децата се радуваат на тоа.

Монах од манастирот Ватопед, на Света Гора.

Поуки до брачните парови

Едно благочестиво семејство имало 9 деца. Сопругот бил многу побожен и многу ревносен во духовниот живот. Буквално сакал да живее како да е калуѓер. Неговата жена се жалела кај старецот дека многу се изморува и барала помош. Кога доаѓала во манастирот сама со децата, тие плачеле, викале, а плачела и таа зашто била преморена…

Тој, пак, нејзиниот сопруг, одел во еден параклис на „Светите Бесребреници“ и таму правел метании, се молел со бројаница и бдеел.

Сопругата отишла и се жалела со плачење кај старецот, а и имала право.

Наредниот ден старецот штом ги видел во дворот заедно, сфатил дека нешто се случува и дека се имаат скарано помеѓу себе.

Старецот со благи зборови и расудување зборувал со натажената мајка за да ја утеши, а храбро и внимателно со насмевка му рекол на таткото: „Ти се израдував вчера. Пееше цела ноќ и се молеше. Добро направи! Но ќе имаше поголем благослов и награда, ако седеше половина час, а не три часа, и ако беше близу до жена ти и ако ѝ помагаше да ги нахрани децата за да спијат.

Бидејќи, за вас брачните, бројаница и метании се вашите деца. Кога ќе пораснат ќе имате време и за молитви и бројаница…

Заклучок: петте минути кои родителот ги користи за молитва, додека го успива своето дете, имаат иста вредност пред Бога, како и петте часови на монахот во молитва. Никој не бара од родителот да се моли со часови, како што никој не бара од монасите да се грижат за деца. Оние кои ќе успеат во ова лудо време да го сочуваат својот брак во светост, и да ги воспитаат правилно во верата своите деца, таквите од Бога ќе добијат поголема награда и светост, од многумина кои се откажале од светот, и Бог таквите ќе ги насели во населбите на светителите и мачениците, затоа што добро се бореле со добар подвиг (1.Тим. 6,12), патот го завршиле, верата ја запазиле (2. Тим. 4, 7).

Блажени старец Јаков Цаликис

Почитувани пријатели да не биде грешка разбрана поуката ќе додадеме дека старецот не му рекол на мажот да не се моли, туку да се грижи и за семејството.

Десет брачни поуки

1. На својот партнер не бидете му учител. Најдобар начин да го поучете е да го сакате.

2. Бракот е една постојана, но убава авантура, која ни помага да ја откриеме вистината за себеси, за душевниот свет на својот партнер и да го познаеме Бога.

3. Својот партнер треба да го прифатиме онаков каков што е, со сите негови слабости и посебности, а не каков што ние би сакале да биде. Семејството е борилиште и вежбалиште.

4. Настојувајте секогаш да го разберете партнерот или партнерката. Не заборавајте дека мажот размислува само со разумот, а жената – со срцето.

5. Не обидувајте се да го наметнете своето мислење и да го поправете партнерот. Подобро; погрижете се да се исправете самите себе. Љубовта живее од сложувањето на спротивностите.

6. Со вера, трпеливост и љубов – успешно се соочуваме со сите тешкотии во животот.

7. Најголем непријател на брачниот живот е егоизмот. Не ве избавува напаѓањето на партнерот, туку напаѓањето на своето его.

8. Тајната на семејниот мир и спокојство е – простувањето.

9. Бракот е “голема тајна” – која почнува во Црквата, а се обновува со божествената Литургија и со Тајните на Црквата.

10. И внимание: не прави споредување по венчавањето. И најдоброто е непријател на доброто.

Монах од Светагора

Слово за одгледување на децата

Еден старец рече:

„Молитвата е доверба во Бога. Кога во Бога имаме целосна доверба, не е потребно ни да се молите за нешто, оти Самиот Бог ќе го земе тоа врз Себе. Мора само трпеливо да се чека плодот да созрее и да падне од дрвото. Според тоа, родители, доверете ги своите деца на Бога. Вие сте ги создале само телесно, а Бог им ја дал душата. Според тоа, Бог е обврзан и да се грижи за нив“.

⌘ ⌘ ⌘

Еден старец рече:

На децата им е потребно многу раководење и многу љубов. Гледањето телевизија е најголема несреќа.

Човекот на своето дете му дарува тело. Бог ја создава детската душа. Кога детето ќе порасне, родителот веќе не е одговорен за него. Бог му доделува ангел чувар на секој роден човек, за да му помага во текот на целиот живот. Оттука, зарем нема себеси да Му се довериме на Бога?

Ќе им помагате на своите деца до определен момент. Оттогаш па натаму ќе Му ги доверите на Бога. Нивниот ангел чувар е постојано покрај нив. Некој би можел да рече: „Ако човекот падне во искушение, ангелот чувар се оддалечува“. Меѓутоа, ангелот не се обесхрабрува, туку останува во близина. Дури и кога некој ќе застрани, Бог преку ангелот чувар му испраќа добри мисли.

Не би требало да се оддалечуваме од Бога, зашто тоа предизвикува душевна болка. Да помислиме дека ангелот чувар за време на целиот наш живот настојува во нас да внесе добра мисла, дека страда и дека чека, дека воздивнува кога човекот греши и кога на крајот со празни раце застанува пред Бога. Да размислиме за тоа! Тоа е доволно за во нас да предизвика голема болка! Тоа е доволна причина за човекот да не се оддалечи од присуството Божјо со тоа што ќе одбие да ја извршува Неговата волја. Некои ангели со малку напор, а некои без никаков напор на Бога Му ја претставуваат човечката душа. Меѓутоа, некои ангели со мноштво напор, страдање и болка доаѓаат пред Бога. Тоа е така болно!

Размислете! Да покажеме барем малку срдечност. Вреди да се бориме дури и само за да не го ожалостиме ангелот чувар! Постојат многу луѓе коишто го виделе својот ангел чувар. Кога само би можел да го види својот ангел чувар, човекот веќе ништо не би прашал. Кога и да забележиме дека малите деца се насмеани додека спијат, (да знаеме дека) тоа е затоа што го гледаат својот ангел чувар.

Мора да ги учите децата како да се молат, зашто Бог ќе ги услиши нивните молитви. Детскат молитва мора да дојде од нивнот срце. Никаква корист нема од молитвата доколку таа не доаѓа од длабочините на човечкото срце.

Обидете се на децата, додека се мали, да им помогнете со добрина, за да го сфатат подлабокот значење на животот. Секогаш со добрина!

⌘ ⌘ ⌘

Еден опитен подвижни на посетителите им го упати следното „добро слово“ за одгледување на децата:

„Сѐ уште жалам поради постапката на мојот татко, бидејќи до 18 години не одев на исповед кај духовникот. Сѐ уште жалам поради тоа. Потребно е детето веќе на 6 или 7 години да има свој духовен отец. Така нека биде…

Значи, штом се вратите од Света Гора во вашите домови, обратете внимание на своите деца, учете ги и чувајте ги, особено со своите молитви. Молете се онака како што се молел патријархот Јаков за своите деца. Молете се на следниов начин: „Пресвета Богородице, заштити ги, помагај им и надгледувај ги моите деца“. Додека се молите, осенете се со крсниот знак и отпејте го кондакот на Пресвета Богородица. Нагледувајте ги. Бидете сигурни и знајте каде одат за време на ноќта, и со кого се дружат, зашто лошите разговори ги расипуваат добрите обичаи. Можно е вашите деца да се добри, но некој да влијае лошо врз нив. Тоа е мојот совет за сите оженети луѓе“.

Светогорски старечник

Поуки за родителите и децата

Ништо не смее да ја замени нашата грижа за децата, за нивното воспитување и Господовата наука. Да ги учиме од почетокот на вистинската мудрост, зашто со тоа ќе стекнат многу поголема слава и богатство, отколку ако ги опкружиме со изобилие... Не трудете се да го опкружите детето со славата на овој свет, туку учете го како да ја познава вистинската мудрост - со тоа ќе се прослави. Тоа можете да го правите без оглед дали сте богати или сиромашни. Тоа знаење не се стекнува од вешти учители, туку со божествено откровение... Тоа што му е навистина потребно на детето е примерен живот - а не празно зборување; благородност - а не мудрување; дела - а не зборови. Овие нешта ќе му го осигураат царството небесно и стотици Божји благослови.

Доброто воспитување не се состои од тоа првин да дозволиме да се развијат пороците, а потоа да се трудиме да ги отстраниме. Треба да се преземат сите мерки нашата природа да ја направиме непристапна за пороците.

Младите не треба да се застрашуваат откако веќе пораснале; тие треба да се воспитуваат и насочуваат уште од детството. На тој начин и подоцна нема да има потреба од застрашување.

Ако си го воспитал добро својот син, тој својот, а овој пак својот, тоа е како низа добри животи со почеток и корен во тебе, кои ти ги носат плодовите од твојата грижа за потомците.

Ако децата што си ги родил, од тебе ги добијат потребните поуки и со твоја грижа бидат одгоени во добродетелта, ќе си поставиш темел и почеток на твоето спасение. За тоа, освен награда за сопствените добри дела, ќе добиеш и голема награда за нивното воспитување.

Свети Јован Златоуст

Семејство - воспитување

Момчињата и девојките што стапуваат во брак треба да имаат ист духовник и да се усогласат уште од почетокот, за подоцна да немаат проблеми. На духовникот тоа може многу да му помогне, бидејќи го знае карактерот секому поединечно. Кога бев столар, го обработував дрвото така, за да може да се склопи и да се поврзе и без шајки. Ако едно парче дрво не одговара со другото, тогаш само во почетокот ќе изгледа како да се вклопени, а потоа, под притисок ќе се распаднат. Затоа ,,столарот'' треба да ги има двете парчиња дрво во рацете. Така може да види дали си одговараат еден на друг. Таков треба да биде и духовникот.

Духовникот може многу да помогне. Има многу брачни парови кои се земале од еротска љубов, а потоа се разделиле, бидејќи немале духовник за да им помогне. Многу подобро поминуваат сопружниците, кои не си одговарале во сѐ, но со помош на духовникот го надминале тоа.

Момчето својата свршеница треба да ја гледа како сестра и двајцата да бидат внимателни и воздржани. Треба да се борат за Божјата благодат за на крајот да бидат овенчани како ревносни борци. Тоа го симболизираат венците на црквата. Така се добива за помошник Божјата благодат.

Свршувачката треба да биде кратковремена, да не се одолговлекува.

Старец Пајсиј Светогорец.

Лагата честопати веднаш е откриена и казнета

Едно семејство седнало да руча. Штом ја изнеле печената гуска на маса, наишол некој. Домаќинката брзо ја земала чинијата со печената гуска и ја ставила под масата. Кога влегол гостинот, таа го понудила да им се придружи, истовремено извинувајќи се што нема нешто подобро за ручек. Само што го кажала ова извинување, а песот, на кого домаќинката заборавила, ја дофатил печената гуска и почнал да ја влече низ собата, на голем страм и резил за домаќинката.

Почитувани пријатели, и лажењето е грев. Треба да бидеме искрени и ако сме згрешиле во нешто, да не се оправдуваме или да лажеме, туку треба да ја кажуваме вистината. Обично се случува кога се направи некоја белја, за да не не караат излажеме, тоа не е добро. Простете ми, јас го сторив тоа и тоа, згрешив и толку, тоа треба да го велиме. Инаку постојат и други типови на лаги, лага со фалење и гордост, лага за да му напакостиме на некого, и така натаму...

Исто што треба да прават родителите е да ги учат децата да не лажат. Пинокио е обична измислена приказна ама од неа може да се зема поучен пример, од секоја лага на пинокио му расте носот, така и ние, кога лажеме не ни расте носот, но ни расте грев во душата.

Господи, очисти ги моите гревови

Постои една стара приказна за тоа како Господ ги испратил Своите Ангели да го донесат најдоброто што ќе го најдат на земјата. И секој од Ангелите донел од земјата дар пред Бога. Не дошол само еден од нив. Но, се појавил и тој му рекол на Господа:

,,Ти донесов дар, солзите на грешниците. Видов како ноќе грешникот, кого сиот свет го презираше, во самотија горко плачеше поради своите гревови и молеше за прошка. Земав од неговите солзи и Ти донесов од нив".

И Господ рече: ,, Ова е најубавиот подарок. Солзите на грешникот кој се кае, за Мене се скапоцен дар.

Господ сака секој човек да се спаси. Но не секој човек сака спасение на дело. На зборови сите сакаат да се спасат, а на дело го отфрлаат спасението. Со што го отфрлаат? Не со гревовите, зашто постоеле големи грешници, како разбојникот на Крстот, Света Марија Египетска и други, кои се покајале за своите гревови и Господ им простил: на тој начин и добиле спасение. Загинува оној, кој греши и не се кае, но самиот себеси се оправдува во гревовите. Тоа е она најужасното, најпогубното... А ние од самољубие ги сокриваме своите гревови, се оправдуваме, лукави сме, иако со една нога веќе стоиме во гробот... Погледни го сиот живот покај се за сѐ, за што си свесен. Моли се со солзи како што се моли Светата Црква, со големи поклони (метании): ,, Дај ми да ги согледам своите согрешенија''. Ако човекот и не ги гледа своите гревови, тоа не значи дека ги нема. Тоа само значи дека човекот, не само што е заглибен во гревови, туку е уште и во духовно слепило. А ако духовникот или воопшто некој човек отстрана нѐ обвинуваат за грев, не треба да се оправдуваме, туку треба да Го молиме Господа Он да ни ги открие нашите гревови и да ни даде да се покаеме пред смртта, и тука, на земјата, да добиеме простување.

Откровението послужило за спасение.

Бог му е поблизок на човекот отколку здивот и крвотокот. И кој ќе го сознае тоа и ќе го чува во умот, никогаш нема да падне во очајание. Па ако и падне во очајание, само да не ја изгуби верата, Бог ќе го спаси на свој начин, најчесто неочекувано. Така се случило со едно момче, кое се одлучило да скокне во морето и на тој начин да си го одземе животот. Тој ден кај блажениот Лонгин дошол некој трговец и му донел ќесе со злато. Овој свет маж не сакал да ги прими парите, велејќи дека не му се потребни. Додека го зборувал тоа, му се отворил духовниот вид и му се открила лошата намера на она момче. Затоа тој му рекол на трговецот брзо да појде, на тоа и тоа место, каде што ќе најде еден млад човек, на кого може да му помогне со своите пари. Трговецот го послушал и отишол на одреденото место. Таму го нашол момчето и го прашал за неговата неволја. Момчето објаснило дека имало некоја продавница и дека пропаднала, па ништо друго не му преостанувало освен да скокне во морето и да се удави. Тогаш трговецот му ги дал парите и така го спасил од вечната пропаст.

(Свети Николај, поуки и дела на светителите)

Разлика помеѓу Божјите и човечките казни

,,Кој синот свој го сака, често го казнува - та на крајот да му се радува'' учи старозаветниот мудрец (Мудр. Сир. 30, 1). Луѓето употребуваат казни за да ги вразумат децата и оние кои го прекршуваат законот. На тој начин, казните немаат одмаздољубив карактер, туку педагошки: да поправат. Слично прави и Бог со луѓето. Но сепак постои голема разлика помеѓу едните и другите казни. Во суштина, Бог никого не казнува, па затоа не би требало ни да зборуваме за Неговите казни. Тој само му допушта на човекот, како на разумно и слободно создание, да прави зло и да страда од него, да го жнее она што ќе го посее, да падне во бездната на патот кој сам си го одбрал, во очекување човекот сам да си ја види својата грешност и опасноста која му се заканува. Ако човекот не ја увиди таа опасност, Бог се труди да му ги отвори очите; ако злото кој го прави толку го опило, што тој како пијан се клати и се приближува кон амбисот на провалијата, Бог настојува на разни начини и со разни средства да го разбуди и освести. Со еден збор прави сѐ за да го спаси, не нарушувајќи ја неговата слобода, која од почетокот му ја подарил. Ако му се заканува и со казни, не го прави тоа од желба за одмазда, туку само му ги предочува последиците од неговото напуштање на заедницата со небесниот Отец и здружувањето со злото. Со тоа нема ништо да Му наштети на Бога, туку на себе. Злото кое ќе го снајде на крајот не дошло како Божја казна, туку е последица на неговото одвојување и оддалечување од Бога, изворот на секое добро, и плод на другарувањето со злото. Такво е и вековното верување на нашиот народ, изразено во онаа народна изрека ,,Кој со ѓаволот тикви сади, ѓаволот очи му вади''.

Почитувани пријатели, многупати сме слушале како некои луѓе се плачат говорејќи ,,Бог ме казни'' или зошто ме снајде оваа несреќа или болест, или па зошто тој и тој сега се упокои а требаше да живее долго и така натаму...

Бог никого не казнува, нити светителите. Бог го допушта тоа страдање заради наше вразумување, заради подигнување од калта, заради наше освестување, и заради гревот. Болестите ни се дадени за да се смириме а воедно и заради спасение, и тоа е благослов Божји, а ние на тоа гледаме како нешто страшно. И самата смрт не е страшна, зошто се боиме од неа кога душата ни е бесмртна? смртта не е крај на нашето постоење, таа е почеток на нашиот нов живот, вечен живот. Бог дава живот Бог зема, дали некој се упокои млад или стар, тоа е Негова волја! Многу луѓе веруваат во Бога а се бојат од смртта, зошто?

Повеќето луѓе си мислат дека со смртта се е завршено со нас, ќе не нема, готово, или ,,еднаш се живее,, и ќе правиме што сакаме, ќе уживаме, да се изнаживееме со страстите, задоволствата, оти утре ќе не нема....Колку бедно, жално...тоа е замка на ѓаволот, како прво со тоа ги тера луѓето да јадат, да пијат, да уживаат во задоволства, да блудствуваат, да прават прељуби а како второ да мислат дека човечкиот живот трае од раѓањето па до смртта и толку а воедно и да не мислат дека има Бог и вечен живот.

Што вели Христос во Евангелието:

“На некој богат човек нивата му родила многу; и мислеше во себе, велејќи: ‘Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.’ Па рече - вака ќе направам: ‘ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе и речам на душата своја: душо, имаш многу добра, поготвени за многу години; јади, пиј и весели се!’ Но Бог му рече: ‘Безумниче, ноќеска ќе ти ја побарам душата твоја; тоа, што си го приготвил, кому ќе му остане?’ Така бива со оној што собира добра за себе, а не се богати во Бога.” (Лука 12. 16-21).

Има луѓе кои велат дека ги казнува светител, на пример еве: света Петка сега ме казни, или некој друг светител, колку жално. Светителите, најдобрите луѓе кои воопшто живееле и живеат на земјата, исполнети со љубов отсекогаш помагале и ќе помагаат во спасението на луѓето, никогаш не помислиле да направат лошо на човек, а ние ги обвинуваме дека не ,,удриле''....

Словото Божјо за надежта:

Благословен е оној човек, кој се надева на Господа, и кому надежта му е Господ (Јер. 17, 7);

Подобро да се надевам на Господа, отколку да се надевам на човек. Подобро да се надеваме на Господа, отколку да се надеваме на кнезовите. (Псал. 117, 8-9).

Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; нема да се поколеба, ќе живее вечно (Псал. 124, 1).

Кој се надева на Господа, ќе се развесели и ќе се спаси (Изреки 29, 25).

Оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја; ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат (Исаија 40, 31).

Оние, што се надеваат на Мене, нема да се посрамат (Исаија 49, 31).

Кој се надева на Мене, ќе ја наследи земјата, вели Господ (Исаија 57, 13)

Да не се надеваме на себеси, а на Бога, Кој ги воскреснува мртвите (2 Коринтјаните 1, 9).

Надежта во Бога никогаш нѐ изневерила

Економот на манастирот на Свети Сава Освештени, во околината на Ерусалим, еден ден му јавил на авва Сава дека идната сабота и недела не ќе може да го чука клепалото и според обичајот да ги повикува браќата на заедничка служба и трпеза, затоа што во манастирот немало ни трошка брашно, ниту било што за јадење или пиење. Поради тоа не може ни Богослужба да се врши. Светителот му одговорил без размислување: ,,Јас нема да ја оставам службата Божја поради недостаток на брашно, верен е Оној кој ни заповедал да не се грижиме за телесното, и моќен е да нѐ храни во време на глад''. И ја положил сета надеж во Бога. Во краен случај тој бил подготвен да испрати некои од црковните садови или одежди во градот и да ги продаде, само никако да не се изостави службата Божја и вообичаената братска трпеза. Но пред саботата, некои луѓе, поттикнати од Промислата Божја, довеле во манастирот 30 мазги, натоварени со пченица, вино и масло. ,,Што велиш сега, брате, му рекол Сава на економот, да не го чукаме ли клепалото и да не ги повикуваме ли отците?'' Економот се засрамил поради своето маловерие и го замолил игуменот за прошка.

(Епископ Николај, Охридски пролог, 5 декември, стр. 973)

Поуки од Старец Пајсиј

Многумина, иако имаат проблеми кои ги предизвикале со своите гревови, не одат кај духовникот, кој може сосем сигурно да им помогне, туку завршуваат така што се

исповедуваат кај психијатар. Им ги раскажуваат своите приказни, ги прашуваат за совет, и ако треба да ја преминат реката, фрлени се во неа, па се удавуваат, или излегуваат, но каде излегуваат... А ако отидат кај духовникот да се исповедаат, лесно би преминале на другата страна преку мостот, бидејќи преку Светата Тајна Исповед дејствува Божјата благодат и тие преку неа добиваат ослободување.

- Старче, некои велат: „Не можеме да најдеме добри духовници и затоа не одиме да се исповедаме.“

- Тоа е само барање на оправдување. Секој духовник, со самото тоа што носи епитрахил, е овластен од Бога. Извршува Света тајна, поседува Божја благодат и кога ќе ја прочита разрешителната молитва, Бог ги брише сите гревови што сме ги исповедале по искреното покајание. Од нас зависи колку помош ќе добиеме преку Светата Тајна Исповед.

...Но, гледам дека тука има и нови ѓаволски вештини. Им става на луѓето во глава помисла дека се духовно здрави, ако донесат заветен дар и ако отидат некаде на поклонение. И така, гледаш многу луѓе како со свеќи и со ветени дарови одат во манастирите на поклонение, ги оставаат таму даровите, се крстат, малку и плачат и со тоа се задоволуваат. Не се каат, не се исповедуваат, не се поправаат и ѓаволот се радува на тоа.

Крст со смисла или бесмислен крст

Видете, деца, сите имаме свој крст – прашањето е: сакаме да носиме крст со смисла, со утеха и надеж, како разбојникот распнат од десната Христова страна, или сакаме да се мачиме со бесмислен крст, како разбојникот распнат лево од Христос? Мислам дека изборот не е тежок. Затоа, ајде да не губиме време и вистински да го почитуваме Крстот Христов, црпеќи ја од него силата на преобразувањето и воскресението. Вистинско почитување или поклонување на Крстот значи вистинско живеење според Крстот.

Што значи тоа вистинско живеење според Крстот?

Па, на степенот од очистување на срцето од страстите, тоа е ставање на умот во процес на исцеление преку послушание кон духовен отец. Без ставање на словесната сила во процес на исцеление нема очистување на срцето од страстите. Бидејќи целата борба произлегува однатре – од заробеноста од страстите и демонот поврзан со нив, затоа на тој степен, секој може да го носи само својот крст. Со Крстот Христов во своите раце, односно со смирение, со послушание и со трпение и надеж, се бориме и ги одбиваме нападите на нашите непријатели – демоните (не луѓето).

На степенот од просветлување на умот, преку умносрдечната молитва, вистинско живеење според крстот е подвигот за аскетска љубов кон непријателите и задржувањето на умот – колку што е можно повеќе во текот на денот, во аскетски молитвен подвиг внатре во срцето; таму каде што благодатта на Крштението му покажува. Демонот е оневозможен да напаѓа однатре преку страстите; тој напаѓа однадвор преку луѓето под негово влијание, со цел да го спречи тој внатрешен подвиг. Оној што е на овој степен, повеќе го носи крстот на другите, односно тој крст и неговиот се слеваат во еден и ист крст – се поистоветуваат. Се поистоветуваат, значи, и неговиот крст со крстот на сите оние за кои се моли, што е лесно сфатливо – нудејќи ги пред Бога дури и своето здравје и својот живот заради исцеление и спасение на другите, но и неговиот крст со крстот на оние што неправедно го напаѓаат.

Зошто неговиот крст се поистоветува и со крстот на неговите непријатели? Токму затоа, како што ви објаснив и во претходната беседа, што на злото од непријателот треба да одговори со Христова љубов. Љубов која на непријателот му овозможува време и услови за покајание. Љубов која внимава да отстрани од своето срце секаква скриена желба духовниот закон да подејствува, та оној што направил зло да го сретне истото на патот – умножено, од една страна, заради љубовта со која му било вратено, а од друга страна, заради упорноста во злото и непокајанието (види Изрек. 25, 21-22). Љубов која двата крста прави да се проземаат, а долго време да ги носи само еден човек. Таквиот го носи крстот во своето срце; и таинствено го привлекува и штити народот околу себе.

Оние што се на степенот од боговподобување (обожение), таквите, велам, учествуваат во самиот Христов Крст. А крст свој, немаат. Инаку, преку Неговото Воскресение веќе преминале од смрт во живот – уште во овој век, и на суд нема да излезат (види Јован 5, 24). Што тоа точно значи, ќе видат оние што ќе дојдат до просветлување на умот. Сѐ друго е бесплодна фантазија.

Божјиот дар, обично – на самиот почетокот, не го препознаваме веднаш како дар – во сите свои димензии, затоа што секогаш ни се дава прво како крст. Крстот, пак, треба најпрво аскетски да го прифатиме како дар, за потоа – кога ќе го усвоиме благодатно и лично, да можеме да ги согледаме сите негови димензии – што се неговата ширина и должина и што се неговата длабочина и височина; и на тој начин да ја узнаеме Христовата љубов што го надминува секое знаење (види Ефес. 3, 14-19).

Митрополит Струмички Наум

Молитва при склучување брак

Господи, Боже наш, во Својот Домострој на спасение, во Кана Галилејска го удостои, чесен да го покажеш бракот, со Твоето присуство. Сам Ти сега слугите Твои (имињата) , кои благоволиш да се соединат еден со друг, во мир и во едномислие запази ги. Покажи го чесен нивниот брак, запази ја нескверна нивната постела, благослови да живеат во непорочно сожителство, и благоволи длабока старост да достигнат, со чисто срце извршувајќи ги повеленијата Твои. Зашто Ти си Бог наш, Бог семилостив и спасоносен, и Тебе слава Ти вознесуваме, со везначалниот Твој Отец и сесветиот и благ и живототворен Твој Дух; сега, секогаш, и во сите векови.

Амин.

За страдањето и болестите

...Каква и да е причината, поради која ни се испраќаат страдањата, сите тие секогаш ни служат нам на корист, за спасение на нашата душа и за простување на нашите гревови, а ако Христијанинот страда поради својата праведност, тогаш тие страдања му донесуваат венец во Царството Небесно.

Задонската подвижничка Матрона Наумовна постојано говореше: „Несреќите во животот се слатки колачи кои ни се испраќаат од рајот“.

...„Во суштина, Христијанинот треба да се одрече од трагичното сфаќање на зборот „несреќа“ и изразот „несреќен случај“, зашто секое страдање, соединето со трпение, е добро и корисно“ – пишува преподобен Петар Дамаскин. „Она што луѓето го нарекуваат несреќа, всушност е Божјо милостивно поучување и вразумување на човекот или испитување на христијанската вера“.

На оној, кој болеста ја поднесува со трпение и благодарност, таа му се смета наместо подвиг, па дури и повеќе од тоа.

Страдањето можеме да го трпиме или да не го трпиме, но не можеме да го избегнеме, а нетрпението нема да го одврати страдањето кое ни го одредила промислата Божја. Од нетрпеливоста, меѓутоа, не произлегува ништо друго, но само штета и загуба. Преку трпението, пак, се олеснува секое страдање. Погледни на оние кои веќе долго се болни или на оние кои долго седат во затвори, тие на тоа трпение немало да се навикнат, да не го чувствувале тоа. Од маките се раѓа трпението (Рим. 5, 3). Наспроти тоа, преку нетрпението се зголемува болеста... (Св. Серафим Саровски)

Болеста понекогаш се испраќа заради очистување на гревовите, а понекогаш заради смирување на гордоста. (Авва Доротеј)

За страдањето на децата, преподобен Григориј го праша блажениот Нифонт

(епископ кипарски), говорејќи:

„Еве, оче мој, гледам дека од лути болести страдаат и децата; каков грев тие направиле? Како да сфатиме, поради што нив ги поразува Бог?

Блажениот Нифонт одговорил: „Кога ќе се умножат човечките гревови и кога човечката злоба веќе ќе постане неизлечива, тогаш Господ ги зема при Себе нивните деца и испраќа на нив многу и тешки болести, за да ги вразуми нивните родители. Зарем тогаш, кога го гледаат измачувањето на своите деца, кои не згрешиле, нема да се уплашат, зарем нема да се обратат кон покајание? Зарам тие нема да повикаат: „Тешко на нас, грешните, зашто поради нашите беззаконија се мачат незлобивите дечиња! Што ќе се случи со нас, грешните, во страшниот ден на Второто доаѓање Господово? Ако, кога ќе го видат тоа, родителите не се покајат и поправат, туку продолжат да живеат во претходното безбожништво, тогаш ќе бидат изложени на уште поголемо, страшно мачење, зашто биле казнувани, а не се вразумиле. На оние деца, пак, кои тука пострадале и биле мачени за да нивните родители се обратат кон покајание, Господ ќе им даде нераспадливи венци и почести во вековите на бесконечниот живот во Царството Небесно“.

(Извадок од книгата ,,Христос нашиот небесен лекар,,)

Молитва - Господи, Мој Господи!

Јас сум бездна на гревот; каде и да погледнам во својата душа - ништо добро нема да најдам: на што и да се сетам - сѐ лошо сум постапил, грешно сум кажал, нечисто сум помислил... И намерата и расположението на мојата душа само те навредуваат Тебе, мојот Создател и Добротвор! Смилувај се на мене, Господи Исусе Христе Боже наш, и поштеди ме! Ти згрешив Тебе како ништожен и беден човек, но, Ти бидејќи си Сештедар и Многумилостив Бог, помилуј и прости ми ги прегрешенијата мои! Прими го, Господи, моето покајание!

Подари ми уште време, за да принесам плодови достојни за покајание! Не сакам веќе да грешам, не сакам веќе да те жалостам, Господи! Удостој ме за Причест со Твоите Свети Тајни! Нека се излие преку нив на мене Твојата благодатна сила! Истреби, запали, уништи го гревот кој живее во мене! Живеј во мене, Бесмртен Господи, така што ни животот ни смртта да не ме разделат од Тебе! Ти, Кој праведно им судиш на луѓето, како сакаш и како знаеш спаси ме мене, кутриот и беден грешник! Ќе го благословувам и прославувам Твоето пречесно Име во сите векови. Амин!

Поука: Почитувани пријатели, треба да знаете дека молитвата не се чите еднаш во денот или во неделата и толку. Молитвата се чита често, што повеќе толку подобро, на пример, 20, 50, или 100 пати во текот на денот... колку повеќе толку подобро. Истото важи и за молитвата Оче Наш, и оваа молитва треба да ја кажуваме колку што можеме повеќе и тоа едно по друго, а воедно и за Пофалната молитва кон Пресвета Богородица - Богородице Дево, и оваа молитва треба да ја кажуваме колку што можеме повеќе!