,,Кој синот свој го сака, често го казнува - та на крајот да му се радува'' учи старозаветниот мудрец (Мудр. Сир. 30, 1). Луѓето употребуваат казни за да ги вразумат децата и оние кои го прекршуваат законот. На тој начин, казните немаат одмаздољубив карактер, туку педагошки: да поправат. Слично прави и Бог со луѓето. Но сепак постои голема разлика помеѓу едните и другите казни. Во суштина, Бог никого не казнува, па затоа не би требало ни да зборуваме за Неговите казни. Тој само му допушта на човекот, како на разумно и слободно создание, да прави зло и да страда од него, да го жнее она што ќе го посее, да падне во бездната на патот кој сам си го одбрал, во очекување човекот сам да си ја види својата грешност и опасноста која му се заканува. Ако човекот не ја увиди таа опасност, Бог се труди да му ги отвори очите; ако злото кој го прави толку го опило, што тој како пијан се клати и се приближува кон амбисот на провалијата, Бог настојува на разни начини и со разни средства да го разбуди и освести. Со еден збор прави сѐ за да го спаси, не нарушувајќи ја неговата слобода, која од почетокот му ја подарил. Ако му се заканува и со казни, не го прави тоа од желба за одмазда, туку само му ги предочува последиците од неговото напуштање на заедницата со небесниот Отец и здружувањето со злото. Со тоа нема ништо да Му наштети на Бога, туку на себе. Злото кое ќе го снајде на крајот не дошло како Божја казна, туку е последица на неговото одвојување и оддалечување од Бога, изворот на секое добро, и плод на другарувањето со злото. Такво е и вековното верување на нашиот народ, изразено во онаа народна изрека ,,Кој со ѓаволот тикви сади, ѓаволот очи му вади''.