Прими го, Христе мој, молењето од нечистата уста, од осквернавеното срце, од нечистиот јазик, од грешната душа и непрезирај ги моите зборови, а дај ми да Ти кажам сè што сакам, Христе мој. Но уште повеќе, научи ме што треба да правам и што да зборувам. Згрешив повеќе од блудницата, која, кога разбра каде си, купи миро и смело дојде при Тебе, Христе мој и Боже мој, да Ти ги помажам нозете. Ти не си ја отфрлил неа што дошла при Тебе искрено, па не отфрлај ме и не гнаси се и од мене. Слово Божјо, дај ми ги нозете да ги целивам и со потоци солзи, како со скапоцено миро, да ги помажам. Измиј ме со моите солзи и очисти ме со нив. Прости ми ги прегрешенијата. Ти знаеш дека имам многу гревови, ги гледаш моите рани, но и верата моја и желбите ги знаеш, како и воздишките ги слушаш. Не е скриена од Тебе, Боже мој, Создателу и Избавителу мој, ни солзната капка, па ниту делче од неа. Уште пред да сум направил нешто, тоа го виделе Твоите очи. Во Твојата книга се запишани уште и неизвршените дела. Погледни го моето смирение, види ја мојата мака и прости ми ги сите мои гревови, Боже на сите творенија, та со чисто срце, со растреперена мисла и со скрушена душа да се причестам со Твоите пречисти и пресвети тајни, преку кои оживува и се обожува секој кој јаде и пие со чисто срце. Ти си рекол, Владико мој: Секој што го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, живее во мене и Јас во него. Сосема е вистинско словото на мојот Владика и Бог. Ако се причестувам со божествените и боготворни дарови, не сум веќе сам, но со Тебе, Христе мој, Трисончена Светлино, што го просветуваш светот. За да не останам сам без Тебе, Животодателу, мое дишење, мој живот, радост моја и спасение на светот - пристапив кон Тебе, како што гледаш, со солзи и со скрушена душа, молејќи се да ме избавиш од моите гревови, за да се причестам неосудено со Твоите животворни и пречисти тајни, та да живееш, како што си рекол, со мене несреќниот, и соблазнителот да не ме најде без Твојата благодат, па безмилосно да ме зграпчи и, откако ќе ме соблазни, да ме оддалечи од Твоите боготворни зборови. Ете зошто паѓам пред Тебе и топло Ти се молам. Како што си го примил блудниот син и блудницата, милосрден Господи, прими ме и мене блудниот и нечистиот. Доаѓам сега при Тебе со смирена душа, Спасителу, и знам дека никој друг не Ти згрешил како јас. Но и ова го знам, дека ни големината, ниту множеството на гревовите не го надвишуваат Твоето бескрајно човекољубие. Ти со Твојата милост ги чистиш и ги осветлуваш и ги правиш учесници на светлината сите што искрено се кајат и ги придружуваш кон Твоето Божество. И, што е чудно за ангелите и човечките умови, многупати им зборуваш како на блиски пријатели. Ова ме осмелува, ме окрилува, Христе мој; охрабрен од Твоите богати добрини кон нас, со радост и со трепет се допирам до огнот и, макар што сум трева, чудно, не изгорувам, но бидувам оросуван како некогаш капината што гореше и не изгоруваше. И сега, со благодарна мисла, со благодарно срце, со потполна благодарност на душата и на телото мое, се поклонувам, Те величам и Те славословам, Боже мој, зашто си благословен сега и во вечни векови. Амин.