Translation Task 9
Еден зимски ден, на крајот од 867 или на почетокот на 868 година, група римски граѓани, со запалени свеќи в рака, тргнала да се сретне со една дружина странци во последната фаза од нивниот пат кон Рим. На чело од делегацијата за прием се наоѓал папата. Странците беа допатувале, преку Венеција, од Моравија, словенското кнежевство што лежело на обата брега од средниот Дунав, во срцето на централна Европа. Биле од разни националности: некои биле Грци, а другите - Словени. Нивни водачи биле двајца браќа, обајцата истакнати граѓани на Византиската Империја, Константин (подоцна познат како Кирил), и Методиј.
Нивните имиња и репутација биле добро познати во Рим. Во текот на последните четири години, како пратеници на византискиот император во Моравија, Константин и Методиј ја превеле византиската литургија и христијанските свети книги од грчки јазик на словенски, и го обучиле месното свештенство да изгради црква на словенски јазик во централна Европа. Моравија, средиштето на нивната дејност од 863 до 867 година, припаѓала на западното христијанство и била под папска јурисдикција. Моравците веќе биле преобратени, порано истиот век, во латинско христијанство од страна на франкски мисионери од Салцбург и Пасау. Разбирливо е тоа што франкските свештеници ги сметале пратениците од Византија за престапници на нивниот мисионерски терен. Во напнатата атмосфера што следела по пристигнувањето есента 863 година на Константин и Методиј во Моравија, единствено папата бил во позиција да го охрабри и поддржи нивното дело. Непослушноста што ја покажале франкските бискупи предизвикала загриженост и незадоволство во Рим. Константин и Методиј, поради своето византиско потекло, конфликтот со Франките, и силната поддршка што им ја пружиле словенските кнезови од централна Европа - Ростислав од Моравија и Коцел од Панонија - се вплеткале во едно од најзначајните прашања на папството од деветтиот век. Не е изненадување што Рим грижливо го следел развојот на христијанството на словенскиот народоноговорен јазик во централна Европа. Во 867 година до Константин и Методиј пристигнала покана од папата Николај I да го посетат. Додека да пристигнат во Рим Николај веќе починал а неговиот наследник, Адриан II, им посакал ним и на нивните придружници добредојде во предградието на Рим.
Историјата на кирилометодиевската мисија меѓу Словените, на тој начин, претставува нужен вовед во почетокот на Климентовата кариера; па можеме да бидеме мошне сигурни дека тој се наоѓал во свитата на неговиот учител кога таа влегла во Рим зимата 867/8 година.
Значајната чест која на приемот на посетителите им ја укажал папата со своето присуство не може да им се припише на личните заслуги или на мисионерските успеси на двајцата водачи. Возбудувањето што ги предизвикало нивното доаѓање во Рим не било причинето од нив, ами од она што тие го донеле. На почесно место во нивниот багаж се нашле моштите за кои се верувало дека му припаѓале на Св. Климент, епископ Римски, еден од првите наследници на Св. Петар.
Околностите во коишто се откриени тие мошти се опишани во неколку современи, или безмалку современи, извори. Главни меѓу нив се Житие Константиново на стар црквено-словенски, Vita Constantini, и еден документ на латински познат под различни наслови како Legenda Italica или Vita cum translatione sancti Clementis, заснован на доказите од Константиновиот пријател од Рим, библиотекарот Анастасиј, секретар на папата.
Моштите биле откриени близу градот Херсон, на Кримскиот Полуостров, во текот на зимата 860/1 година, година кога Константин се наоѓал во дипломатска мисија на дворецот на хазарскиот владетел, во подножјето на Кавказот. Откако биле пренесени во Константинопол, Константин и Методиј ги однеле во Моравија а оттаму во нивното конечно почивалиште во Рим.
Денес за овие мошти знаеме дека не биле вистински. Пишаното предание според кое Климент бил протеран на Кримскиот Полуостров во времето на владеењето на императорот Трајан, и фрлен во Црното Море, врзан за котва, датира не порано од четвртиот век и денес главно се смета за апокрифно. И покрај тоа, во ова цврсто се верувало во средниот век: а Константин бил секако убеден дека откритието било вистинско и дека се должело на Божја помош. И Римјаните, исто така, верувале. Нивното чувство за историја како и нивната локална гордост одново пламнале со посмртното враќање на св. Климент, папа и маченик, во градот во којшто бил еден од првите епископи. Уште од седмиот век сè повеќе се ширел обичајот на „пренесување“ мошти од христијански маченици во светилишта во самиот Рим. Ова оживување на култот кон римските маченици го поддржале големите папи од крајот на осмиот и почетокот на деветтиот век, Адриан I, Лав III, и Паскал I, коишто ги возобновувале своите цркви и штедро ги украсувале своите светилишта. До средината на деветтиот век, преку оваа комбинација на свето старинарничење и архитектурен приказ, на Рим почнало да се гледа, можеби како никогаш претходно, како на град со тројна маска – град на мачениците, цел на ходочасниците, и наследство на Св. Петар. Ниеден папа не се обидел повеќе од Николај I да ја втисне таквата слика во свеста на западното христијанство: а тешко може да се замисли некаков настан којшто обезбедил повпечатлива поддршка на таквата политика од пристигнувањето во Рим, набрзо по неговата смрт, на моштите на Св. Климент.