Translation Task 6
Во мај 1977 година канцеларијата за патенти објавила дека ќе му издаде дозвола за патент на Гулд за уред што ја засилува светлината. Во текот на наредните неколку месеци, Гулд поднел барања за уште неколку патенти, и започнал парница за кршење на патентни права против „Контрол ласер интернешанал корп“, кои речиси 17 години му плаќале авторски хонорари на Таунс за масер-патентот.
Врз основа на првиот патент, објавен во 1979 година, Гулд и неговиот застапник добиле доволна финансиска поддршка од приватни инвеститори за да ја создадат „Патлекс корп“ која подоцна ја објавиле во јавност. Она што било необично за оваа нова компанија е дека нејзиниот главен капитал бил акциски капитал добиен од разни судски парници. Гулд и Самјуел поднеле тужби против 90% од компаниите за ласери што постоеле во тоа време.
Следеле години на борба со УСПТО и разни компании што „Патлекс“ ги тужел. Во многу случаи, канцеларијата за патенти се однесувала на мошне необично затоа што, како што тие тврделе, сите патенти на Гулд можеле да се применат и против владата. Сепак, Канцеларијата за патенти требало да биде независно тело, а не застапник и ова нетипично однесување му одело во прилог на Гулд. На 19 декември 1985 година судот констатирал дека Канцеларијата за патенти направила многу грешки во оценувањето на барањата за патенти на Гулд и пресудил во негова корист. Оваа пресуда донела лавина од пресуди во полза на Гулд. Најпосле, повеќе од 100 производители на ласери потпишале договор за лиценца со „Патлекс“, вклучувајќи ги и гигантите како „Форд“, „Џенерал електрик“, и „Нешанал семикондуктер“. Гулд, конечно, станал признат за својот историски пронајдок. Починал во 2005 година на возраст од 85 години.
(адаптирано за образовни цели од: Претприемаштво за научници и инженери, Кетлин Ален, Арс Ламина, Скопје, 2012)