Translation Task 7
Авторските права ги заштитуваат оригиналните дела на авторите, композиторите, сценографите, компјутерските програмери и на другите што создаваат креативни дела. Во вистинска смисла, дури и техничките прирачници што претприемачите може да ги напишат за да ги објаснат своите производи имаат авторски права. Спротивно на вообичаеното верување, авторските права не заштитуваат идеи, туку формата во која се појавуваат. На пример, еден автор може да пишува за деловни комуникации но тој не може да има авторски права врз идејата за деловна комуникација. Затоа некои автори може да пишуваат на истата тема без да го нарушат авторското право на другите. Доктрината за прва продажба (Дел 106 од Актот за авторски права од 1976 година) му обезбедува шест права на сопственикот на авторски права: репродукција, подготовка на изведени дела, дистрибуција, јавна изведба, јавна изложба и изведување дигитална трансмисија. Сопственикот може да го дистрибуира или да го отфрли само тој примерок што го поседува.
Авторските права му даваат на сопственикот право да ги исклучи другите од репродукцијата на делото, поготовка на изведени дела, дистрибуција на примероците на делото и прикажување на делото во јавност. Авторските права траат до крајот на животот на сопственикот и дополнително уште 70 години. Потоа одат во јавна сопственост; сепак, според Актот за продолжување на авторските права на Сони Боно од 1998 година, првите постојни авторски права ќе станат јавна сопственост во 2019 година, без оглед на тоа колку се стари. делата што се изнајмуваат и делата што се анонимни сега имаат авторски права со траење од 95 години. За да се обезбеди заштита на авторските права и да му се даде на авторот можност да ги тужи тие што ги прекршуваат правата, авторот мора да го стави делото во материјална форма, со други зборови, форма што може да се види или да се слушне. Иако не се бара според законот, треба да се додаде и белешка за некој што ги крши авторските права да не може да тврди дека не бил известен. Забелешката треба да изгледа вака:
© Авторски права 2008 од [име на сопственикот на авторските права]
За да се добие целосна заштита на законот и да се обезбеди хартиен запис во случај на судски спор, авторските права треба да се регистрираат во канцеларијата за авторски права во Конгресната библиотека во Вашингтон. Мора да се приложи и целосен примерок или два целосни примерока од објавеното дело. Главно, со авторските права може да се управува без адвокат ако внимателно се следат правилата.
Законот за авторски права и прашањето за ширење на информациите го поминуваат најтешкиот тест како резултат на економијата на знаење и Интернетот. Леснотијата со која некој може незаконски да се служи со нечиј материјал заштитен со авторски права на Интернет доведе до создавање Милениумски акт за дигитални авторски права (DMCA). Тој стана Закон во 1998 година како одговор на заканата од Интернетот врз работата на авторите и уметниците. Овој Закон ги наведува како нелегални „произвдството, увозот, дистрибуцијата, или обезбедувањето производи или услуги што се примарно дизајнирани или произведени со цел да заобиколат технолошки мерки, како што се шифрирање, превртување, или други методи што ги користат сопствениците на авторски права за да ги заштитат своите дела“. Законот, исто така, содржи клаузула со која се заштитуваат давателите на интернет-услуги ако тие ненамерно повредат нечии права со пренесување или чување заштитен материјал што не го направиле или со тоа што ги поврзале корисниците со страници што содржат заштитен материјал.
На пример, дискографските куќи и музичките дистрибутери постојано се борат против нарушувањето на нивните деловни модели од страна на интернет-корисниците што дигитализираат, преснимуваат и дистрибуираат музика со заштитени авторски права преку интернет. Најпознатиот случај што настрадал од новиот закон бил случајот „Напстер“, интернет-компанија што равила технологија со која им овозможувала на корисниците бесплатно да споделуваат и да преземаат музика со употреба на софтвер што привремено го претвора компјутерот на корисникот во сервер за да се разменуваат MP3 фајлови. „Напстер“ не се квалификуваше како провајдер на интернет-услуги и, иако директно не хостираше или споделуваше материјал заштитен со авторски права, речиси целата содржина достапна на страницата на „Напстер“ бил материјал заштитен со авторски права. На 3 септември 2002 година, „Напстер“ беше принуден да го ликвидира својот имот и да го даде под стечај.
(адаптирано, само за образовни цели, според: Претприемаштво за научници и инженери, Кетлин Ален, Арс Ламина, Скопје, 2012)