Translation Task 10
Папата, како што веќе видовме, имал неколку причини да покаже благонаклоно интересирање за носителите на моштите. Константиновото пријателство со Фотиј, поранешниот патријарх од Константинопол кој своевремено бил сметан во Рим за заколнат непријател на папството, било, несомнено, незгодно. Но угледот којшто тој го уживал во грчките манастири во Рим му одел во прилог. Во февруари 868 година, Адриан II организирал гозба во чест на грчките калуѓери што живееле во Рим. На таа гозба веројатно присуствувале Константин и Методиј, а можеби и нивните ученици. Најдоцна до крајот на март папата решил да ја одобри употребата на словенскиот јазик во богослужбата. Тоа не можело да биде лесно решение затоа што тоа значело напуштање на веќе утврдената традиција којашто на латинскиот јазик му обезбедила речиси целосен литургиски монопол ширум Западната црква; и, со тоа што активно го поддржал делото на Константин и Методиј, папата се изложил на опасност од голем судир со франкското свештенство. Меѓутоа плодовите од христијанството на словенски народен јазик што му биле понудени нему сега биле премногу драгоцени за да бидат одбиени, а популарноста што Константин и Методиј ја уживале на словенските дворци во централна Европа претставувала силен дополнителен аргумент. Во слава на тоа се пееле свети литургии, во трите главни цркви во Рим последователно. Црковните книги на словенски јазик биле поставени во црквата Санта Марија Маџоре и по тој повод била одржана литургија. Потоа словенските ученици на Константин и Методиј биле ракоположени за свештеници од страна на два римски епископа; и конечно со помош на новопроизведените свештеници во наредните денови се пееле свети литургии на словенски во црквите Св. Петар, потоа во црквата Св. Петронила и Св. Андреј, и во црквата Св. Павле fuori le mura. Во црквата Св. Павле по светото бдение била отпеана и литургија на словенски јазик над гробот на апостолот со чинодејствување на два високодостојници на римската црква, еден од нив бил Константиновиот пријател, библиотекарот Анастасиј. Важноста што им се придава на литургиите во црквата Св. Павле во Vita Constantini е од значење: апостолот на назнабошците можел во извесна смисла да се смета, заедно со Св. Климент, за светец-заштитник на словенската мисија.
Ракоположувањето во Рим на неколкумина од неговите членови во свештеници претставувало значаен настан. И навистина тоа бил значаен настан зашто токму за таа цел, за да бидат ракоположени неговите ученици, Константин патувал јужно од Моравија. Според Vita Methodii, самиот папа го ракоположил Методиј за свештеник набрзо по доаѓањето на мисијата во Рим; додека учениците на двата брата биле ракоположени од страна на два римски епископа, Формосиј од Порто (Formosus of Porto) и Годерик од Велетрија (Gauderic of Velletri).
Во ниту еден од изворите од тоа време не се спомнуваат имињата на овие новоракоположени ученици. Еден документ од доцниот средновековен период, сепак, спомнува еден од нив по име Климент.
Она што го знаеме за него доаѓа главно од два средновековни грчки документа. Пораниот и многу подетален, обично познат по името Пространо житие, и со право, му се припишува на Теофилакт, архиепископ Охридски од крајот на единаесеттиот и почетокот на дванаесеттиот век. Вториот, Краткото житие, напишано во првата половина од тринаесеттиот век, му се припишува од подеднакво силни причини на еден друг охридски архиепископ, Димитриј Хоматијан.