Translation Task 5
Кога вашите херои од детството се Маркони, Бел и Едисон, не е чудо да станете пронаоѓач. Пред да се запише во средно училиште, Гордон Гулд знаел дека еден ден тој ќе биде пронаоѓач, но тој направил многу повеќе наместо да чека да дојде тој ден: се подготвувал за тоа проучувајќи како работат нештата. Гулд го доживеал своето откритие на 9 ноември 1957 година кога имал 37 години. Еден физичар од Колумбија, Чарлс Х. Таунс пронашол начин да се засили микробрановата енергија, што го нарекол „масер“, но Гулд бил заинтересиран да ја направи истата работа со светлина. Идејата за неговиот пронајдок му дошла ненадејно вечерта на 9 ноември и тој ја поминал целата ноќ запишувајќи ги своите мисли, дизајни и потенцијалните примени на пронајдокот. Следниот ден веднаш си го заверил бележникот на нотар. Пронајдокот на Гулд претставувал начин да се засили светлината и да се искористи засилениот светлосен зрак за сечење и загревање супстанции и за мерење растојанија. Гулд увидел дека неговиот пронајдок ќе стане негово животно дело.
Гулд се консултирал со адвокат за патенти но, за жал, погрешно го разбрал она што му го рекле. Тој мислел дека треба да изгради функционален прототип на својот ласер за да добие патент, но УСПТО барал пронаоѓачот само да го опише својот пронајдок на начин на кој квалификувано лице од областа би можело да го реплицира. Гулд бил толку возбуден да започне да работи на својот ласер што го напуштил Универзитетот Колумбија без да си ја заврши дисертацијата и се вработил во една мала њујоршка компанија „Техникал рисрч груп, инк.“ Откако во 1959 година добил субвенција од државата во износ од 1 милион долари, конечно поднесол барање за патент и открил дека имало повеќе од дузина слични пронајдоци што ја покриваат основната ласерска технологија. Во меѓувреме, Чарлс Таунс веќе имал поднесено барање за патент за својот оптички масер. За да бидат работите полоши, државата ги прогласила истражувањата на Гулд за врвна тајна и бидејќи немал владина безбедносна дозвола за пристап, неговите бележници биле конфискувани. За среќа, тој зачувал копии и ги запомнил основните сознанија за проектот.
Таунс и неговиот партнер Артур Шавлов го добиле патентот за нивниот оптички масер во 1960 година и во следните 17 години нивните ласерски патенти ќе бидат единствените за кои ќе се плаќаат авторски хонорари. Во 1973 година, Гулд добил одлука од Канцеларијата за патенти во која било изјавено дека неговата првична апликација не откривала податоци за оперативна ласерска технологија. Со оваа одлука, исто така, се поништиле и неговите барања што биле во постапка. Но, Гулд не сакал да се откаже; тој се борел за своите патенти но трошоците станувале неподносливи. Во еден момент Гулд му се обратил на еден познат адвокат за патенти, Ричард И. Самјуел, кој по опсежно истражување, поверувал дека Гулд е вистинскиот пронаоѓач на ласерот. Неговата фирма се согласила да ја финансира борбата на Гулд за патентни права во износ од 300000 долари во замена за 15% од идните авторски хонорари. Фирмата што се согласила да постапува како агент за лиценцирање на патентите на Гулд, РЕФАЦ, требало да добие 25% од идните авторски хонорари, оставајќи му на Гулд 35%.
(адаптирано за образовни цели од: Претприемаштво за научници и инженери, Кетлин Ален, Арс Ламина, Скопје, 2012)