ХОТЕЛ „ПАЛАС“, ОХРИД
Изграден во 1958 година, хотелот „Палас“ е првиот хотел од висока категорија во Македонија. Лоциран е на брегот на Охридското Езеро, во непосредна близина на сите знаменитости на градот, како и на главните текови на пешачкото движење. Уште од својата изградба, „Палас“ станува вистинска институција за Охрид, неговите сали и тераси претставуваа жариште на социјалниот живот во градот правејќи го овој објект нераскинлив дел од меморијата на охриѓани. Проектиран од истакнатиот словенечки архитект Едо Михевц, објектот е обликуван во духот на рационалистичката мисла како јасен хоризонтално поставен волумен на чијашто јужна фасада се оцртува решетка формирана од длабоките лоѓии на хотелските соби. Видлива е дарежливоста на архитектот во димензионирањето на заедничките простори, како и големиот двор со раскошно хортикултурно уредување. Исто така, вреди да се напомене и присуството на регионализмот (карактеристично за творештвото на Михевц), што може да се согледа преку модернистичките интерпретации на градителската историја на Охрид, како што се колонадите во дворот, тремовите, двовисинските простори, употребата на каменот како завршна обработка, како и апликациите од керамика и слични детали. Вреди да се спомене и вниманието посветено на отворањето на сите видици кон езерото како императив во обликувањето на објектот. За жал, голем дел од овие квалитети се изгубени со подоцнежните реновирања, кога голем дел од заедничките простори се претворени во хотелски соби, во функција на заголемување на сместувачкиот капацитет, што било соодветно на тогашната практика на масовен туризам, стратегија што денес се преиспитува.
Имајќи ги предвид горенаведените квалитети, традицијата на хотелот и стремежите за подигнување на стандардот на сместувачките капацитети, со овој проект се предлага трансформација на „Палас“ во репрезентативен хотел од висока категорија, со што, на овој објект повторно ќе му биде вратен статусот што го имал непосредно по неговата изградба. Првиот чекор кон остварувањето на овие цели претставува отстранување на подоцнежните (релативно несмасни) интервенции, со што повторно би се оформиле заедничките простори, „дневни соби“ во кои гостите би можеле да се социјализираат. Најгорниот, петти кат повторно добива заедничка програма, овојпат спа центар, обликуван како кат-градина со употреба на транспарентни прегради и испреплетување на вегетација низ целата основа, што претставува интерпретација на изворната замисла на Михевц. Со додавање на конгресен центар во приземјето на објектот, се комплетира програмското надополнување, со што хотелот би одговорил на современите барања. Впечатокот на урбана вила со градина дополнително се засилува со збогатување на хортикултурното уредување и апликацијата на вегетација на крововите од ниските делови на објектот и фасадата, со што „Палас“ би се претворил во зелена оаза во центарот на Охрид.
Јане Стојаноски
Роден 1984 година. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2009 година.Работел како демонстратор на Архитектонскиот факултет во Скопје и како проектант-соработник во „Прима инженеринг“-Скопје. Моментално работи во „Тајфа план“-Скопје.
Работилници и изложби во кои учествувал: „Просторот како медиум“-работилница за ревитализација на левиот брег на Вардар во организација на Архитектонскиот факултет во Скопје и градот Скопје, 2007; Европски собир на студенти по архитектура (EASA), Ирска, 2008; „Круг: ре-визија“, галерија Press to Exit, Скопје, 2005; БИСТА-биенале на студентите по архитектура, 2006 и 2008; „Поинаку од секогаш: современиот дизајн и моќта на конвенционалното“, Музеј на современата уметност, Скопје, 2007; „Ние“-изложба по повод 60 години од основањето на Архитектонскиот факултет, Музеј на Град Скопје, 2009. Учествувал на конкурсите за идејно решение на управната зграда на ЈП „Водовод и канализација“ (Скопје, 2010) и „Менување на ликот“-уредување и довршување на локацијата „Паромлин“ (заеднички труд со Невенка Манчева, Загреб, 2010).