СРЕДНОВЕКОВНИ КУЛИ-КРАТОВО
Кратово е уникатно место познато како „град на кули и мостови“. Кратовските кули се маркантни објекти, симболи на градот. За жал, од некогашните 14 кули денес се останати уште шест од кои само две се реконструирани и претворени во музеи. Останатите се запуштени без никаква функција и оставени на забот на времето. Наша идеја е програмски и просторно да ги „подмладиме“ со содржини директно врзани за локалното население и за туристите кои се чести посетители на Кратово. Предвидуваме библиотека, опсерваторија, кафе – книжарница, уметничка галерија, мултимедијален центар, кино на отворено, музеј, туристичко инфо, интерактивни традиционални занаетчиски работилници, мини хотел, градина... Во четири кули интервенираме само програмски без поголеми просторни промени; во една кула правиме интервенција во дрвената меѓукатна конструкција за да добиеме единствен повеќевисински простор; а во урнатата кула вметнуваме сосема нов волумен во поинаков материјал со што ја формираме некогашната силуета на кулата. Со новиот сплет на содржини средновековните кули би станале директни учесници во современиот секојдневен живот, а примената на нови материјали и современ третман би вградиле уште еден сегмент во целината која сведочи за сите изминати периоди и настани низ вековите наназад. Наша цел е кулите да престанат да бидат неми споменици, празни тела, туку да ја повратат изгубената врска со градот и луѓето во него. На тој начин овие средновековни зданија повторно да заживеат и да придонесат за развојот на заедницата, а воедно да продолжат да бидат препознатлив белег на градот.
Ивана Миронска
Родена 1984 година во Скопје. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Работела како демонстратор на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Од 2009 година работи како проектант-соработник во „Мегарон инженеринг“- Скопје.Работилници и изложби на кои учествувала: Европски собир на студенти по архитектура (EASA), Грција, 2007 и Ирска, 2008; „Инвентаризација на културното наследство“ – заеднички проект на Општина Новаци, Македонија и Нормандија, Франција, с.Старавина, 2008 ; БИСТА-Биенале на студентите по архитектура, Мултимедијален центар „Мала станица“, Скопје, 2010Александар Рајчевски
Роден 1978 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2011 година. Работел во „ДиВи консалтинг“- Скопје. Моментално работи како соработник во „MEGA aluminyum“ на скопскиот аеродром Александар Велики.
Невенка Манчева
Родена 1984 година. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 година. Работела како демонстратор на Архитектонскиот факултет во Скопје и како проектант- соработник во „Мегарон инженеринг“- Скопје. Моментално е на Мастер студии при Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим. Работилници и изложби во кои учествувала: Европски собир на студенти по архитектура (EASA)-национален контакт, 2005-2008; Мал собир на студенти по архитектура (SESAM) на тема „Реанимација“, Крушево, 2006; Летна школа за архитектура на тема „Процес“ во организација на Архитектонскиот факултет во Скопје, манастир Св. Јоаким Осоговски, 2006;„Просторот како медиум“-работилница за ревитализација на левиот брег на Вардар во организација на Архитектонскиот факултет во Скопје и градот Скопје, 2007; „Инвентаризација на културното наследство“- заеднички проект на Општина Новаци, Македонија и Нормандија, Франција, с. Старавина, 2008; „Ние“- изложба по повод 60 години од основањето на Архитектонскиот факултет, Музеј на Град Скопје, 2009; БИСТА-Биенале на студентите по архитектура, Мултимедијален центар „Мала станица“, Скопје, 2010; “Почеток на колективната халуцинација”- групна изложба на автори од колективот НМП, МКЦ, 2006; „Душатата на градот“- изложба на фотографии по истоимената работилница во организација на МЦФ, Музеј на град Скопје, 2007; групна фотографска изложба од курсот за аналогна фотографија во организација на МЦФ, Мултимедијален центар „Мала станица“, 2008. Во 2010 година е дел од организацискиот одбор на TEDxSkopje, првиот независно организиран TED-настан во Македонија.