ФАБРИКА „ИЛИНДЕНКА“, КРУШЕВО
Фабриката „Илинденка“ е индустриски комплекс кој е лоциран во северозападниот дел на градот Крушево. Комплексот е составен од пет погони, чија намена била изработка на текстилни производи. Денес, овој комплекс ја има изгубено својата основна намена и е напуштен. Во негова близина се позиционирани неколку главни обележја на градот Крушево. Едно обележје е споменикот „Македониум“, кој со неговата скулпуралност нè потсетува на еден важен момент од историјата на македонскиот народ. Од неодамна во близина на фабриката „Илинденка“ е подигната и спомен-куќата на Тоше Проески, која претставува монумент на еден од нашите најголеми уметници. Во непосредна близина на фабриката е лоцирано и Крушевското Езеро. Крушево е град кој има богата вегетација, неговата опкуженост со планински масиви и природни богатства, го прават да биде туристичко место кое има што да понуди. Предмет на наша разработка е Погонот за изработка на јамболии, за кој предлагаме да се пренамени во младински хостел со сала за свечености и конференции. Младинскиот хостел е поделен на две единици со различна намена. Во првата хала се сместени собите, како и социјалните простори, додека во втората хала се сместени салата за свечености и повеќенаменскиот простор. Овие две единици се решени на тој начин да можат да функционираат како една целина, но доколку е потребно можат да претставувааат и две посебни единици. Хостелот е составен од 28 соби и два поголеми простори кои се наменети за социјализација. Во просториите за социјализација се предвидени кујни (за самопослужување), простори за видеопроекции, различни видови собиранки и сл. Исто така, на првото ниво се предвидени видиковци кои овозможуваат поглед кон самиот град. Се надеваме дека нашата интервенција ќе претставува само една алка од синџир на реакции кои ќе доведат до пренамена на овој индустриски комплекс, но истовремено би поттикнале и слични интервенции во останатите погони на „Илинденка“ со функции прикладни за таа локација.
Весна Митаноска
Родена 1984 година. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2010 година.Работи во „Ива-Ж инженеринг“-Скопје. Работилници и изложби во кои учествувала: „Премостување“-работилница во рамките на продлабочената настава на тема „Оформување на Голем ринг“, Архитектонски факултет, Скопје, 2007; Летна школа за архитектура на тема „Град за сите“ во организација на Архитектонскиот факултет во Скопје, манастир Св. Јоаким Осоговски, 2007; Работилница за фотографија и изложба „Младите влијаат“ во организација на Британскиот совет, Културен центар „Точка“, 2008. Во 2007 учествувала на работилницата „Премостување“ под менторство на проф. Петер Габријелчич од Љубљана, како дел од продлабочената настава на тема „Оформување на Голем ринг“; Европски собир на студенти по архитектура (EASA), Италија, 2009.
Марија Милошевска
Родена 1985 година. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2010 година. Работела како демонстратор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Моментално работи во “ФОРМА”. Изложби во кои учествувала: изложба во Музеј на Македонија во Скопје со проект за измени на постоечката состојба на истиот музеј (отсек: едукација) 2007 година; Изложба во холот на Архитектонскиот факултет Скопје на програмот Железничка колинија: Нов станбен пејсаж, за продлабочена настава 2008/2009 година; Изложба на Дипломската работа на тема “Противпожарна станица Скопје-Север” во холот на Архитектонски факултет 2011 година. Награди кои ги добила: “Инженерски прстен 2011”, “26 Јули – Франк Манинг”, награди за студент со највисок просек во втора и четврта студиска година од Архитектонски факултет-Скопје.