Ударни народни инструменти







Ударни народни инструменти се:

  • Дајре

  • Тапан

  • Тарабука



Дајре

Дајрето е македонски народен ударен инструмент кој се користи за одржување на ритам. Тоа е вид на мал, рачен тапан, округол по облик со една опна направена од козја кожа, растегната на дрвен, а поретко и на метален обрач. По должината на обрачот врежани се отвори во кои се вметнати прапорци или метални округли плочки во парови, кои призведуваат кус, кршлив звук кога свирачот удира по него со рачниот зглоб и прстите.Инструментот се тресе или удира по рака или по тело, или пак се струга по опната или по обрачот, при што прапорците ѕвечкаат. По обичај, дајрето е женски инструмент и се користи на слави, свадби, веселби.

Тапан

Тапанот е удирачки народен инструмент. Направен од буково, оревово или костеново дрво и покриен со штавена овча или козја кожа од двете страни. Кожите се оптегнати преку два обрача и се затегнати со јажиња кои дијагонално одат од едниот до другиот обрач. Тој се свири со две посебни палки: кукуда и прачка. Кукудата се прави од оревово дрво и по облик е нешто налик на луле. Прачката пак е тенка, и обично се прави од кучешки дрен или врба. Тапанџијата го чува тапанот нарамен со ремен во малку наведната положба за да може да удира со кукудата од едната страна, а со прачката од другата. Кожите се затегаат со нагорно повлекување на јажињата, едно по едно. Предвиден е да ја издржи тежината на возрасен човек при изведбата на народни игри и ора.

Тарабука

Тарабуката е македонски народен ударен инструмент со арапско потекло, изработен од глина во форма на вазна, затворена со штавена кожа, по широката кружна површина. Египетскиот назив за овој инструмент е дарабуке, а арапскиот дарабуках.Во Македонија корпусот на тарабуката се изработува од глина. Тарабуката се состои од два дела: горниот дел во форма на тимпан, со кружен отвор, затворен со штавена ожа, поставен на празна цевка проширена при крајот. Вкупната височина на тарабуката варира меѓу 200 и 450 мм. Корпусот на тарабуката може да биде украсен со шари или без нив (еднобоен). Тонот се произведува со удирање по распнатата кожа, наизменично со левата и десната рака.Тарабуката најчесто при свирењето се држи под левата мишка, врзана со врвца префрлена преку рамото. Денес тарабуката често се користи како ритмички инструмент во различни состави на народните оркестри. Денешните истражувања упатуваат на заклучокот дека во Македонија тарабуката ја пренесле патувачките турски ансамбли.