Post date: Sep 09, 2023
Решив да доистражам една недоволно раскажана и недоволно актуелизирана приказна. Идејата ми се јави со објавување на сторија во ФБ групата „Го љубим Тетоо“ дека улица во Скопје е крстена по еден тетовчанец - СИМО БУНЕВСКИ. Со промените на имиња на улици во Скопје во 2021 тој доби своја улица (поранешна ул. 54 во населба Лисиче, опш. Аеродром), а во објаснувањето стои:
Заклучив, дека ако е толку значајна личност за да добие улица, тогаш заслужува да оставиме пишана трага за него и ова е прв детален приказ на неговиот живот и дело кој може да се најде на интернет. Со помош на стариот радиоаматер од Тетово, Гоце Ристоски, го пронајдовме синот на Симо кој сеуште живее во Тетово, Нинослав - Нине. Со Нинослав закажав интервју и кој ми даде податоци и слики за својот татко.
Симо Буневски е роден во Тетово на 11 август 1926 од родители Менча и Глигур. Бил најмал од трите деца (по старост: Благоја, Благородна и Симо).
Синот и другите радиоаматери тврдеа дека тој никогаш не го носел прекарот „Мабус“ и дека е неправилно, туку тој прекар бил личен прекар само на неговиот брат Благоја Мабус (чиј син, Гиге Мабус, исто така живее во Тетово денес). Впрочем, на една од сликите подолу стои неговиот прекар под кој бил познат „Симо Буневски - Мики“.
Во својот краток живот од 50 години Симо работел како службеник во тетовскиот Катастар и се оженил за сопруга Мирјана (живеела од 1940 до 3 ноем. 2016) со кого имал 2 деца: Елисавета (6.8.1961) и Нинослав (17.9.1963). Во слободно време се занимавал и со рачно боење на црно-белите фотографии сликани од Среќко Сликарот, кој му плаќал за тоа.
Со сопругата најпрвин живееле под кирија во Саат Маало на ул. К.Ј.Питу, бр. 91, за во 1960-тите да се преселат во стан во Чешелите (адреса: Чешел 2, бр. 6/2).
Починал млад од погрешна дијагноза при лечење на заболување на јетрата и цревата, во Тетово на 17 мај 1976.
Симо на својата постара, домашна радио станица. Радиодифузниот приемник на кратки бранови, служел како помошен уред.
Симо со семејството
Со поновата, домашна радио станица, на сликата, десно горе е еден од трофејните радио уреди (како сувенир), предавателот GF 11
Фотографија направена како QSL карта: потврда за одржана радио врска која се испраќа на кореспондентот преку радиоаматерско QSL биро или преку пошта
Задна страна од слика со свој профил кој ја делел како визит-карта
Радиоаматеризмот Симо го запознал преку својот постар брат Благоја Буневски - Мабус (Z31GA exYU5GA), кој бил меѓу првите во Тетово и еден од најдолгогодишните претседатели на Радиоаматерскиот клуб во Тетово. Симо својата дозвола за работа со радио-станица ја добил во 1959. Тој и еден радиоаматер од Битола биле меѓу првите кои имале своја приватна радиостаница дома, составена лично од електронски елементи (т.н. home-made) или од расходувани воени радиостаници преправени за радиоаматерски фреквенции. Другите членови, тогаш работеле на станици сместени во радио клубовите, за кои се барало положен испит од III категорија и за тоа се добивала радиоаматерска диплома од III категорија.
На почетокот Симо работел со клубскиот повикувачки знак YU5JQR, а откако положил II категорија се стекнал со право на работа во домашни услови (од дома) и го добива повикувачкиот знак YU5NCF, кој што го користи до крајот на животот. Со овој повикувачки знак станал познат...
Имено, тој станал најпознат во 1963 кога ја испраќа првата информација и првиот S.O.S. сигнал во светот за катастрофалниот земјотрес во Скопје 1963 година само десетина минути по првиот потрес.
За овој чин било пишувано во радиоаматерските списанија (подолу се исечоците од списанијата, благодарност до Гоце Ристоски), а претходно и за овој чин бил наградуван неколку пати (подолу се дел од наградите, благодарност до синот Нинослав):
1964 - спис. „Радиоаматер“, бр. 7-8, стр. 263 - со најдетален опис за начинот на праќање СОС кобниот ден
1996 - книга на П. Ивановски: „50 години Радио сојуз на Македонија“
1964 - спис. „Радиоаматер“, бр. 1, стр. 25
Награда „Никола Тесла“ на југословенскиот сојуз на радиоаматери (1961)
Награда „Борис Кидрич“ на југословенската „Народна техника“
Вторпат, награда „Никола Тесла“ на југословенскиот сојуз на радиоаматери
Спомен плакета од Собрание на град Скопје радиоаматери (1967)
Диплома од „Сојузот на радиоаматери на Србија“ (1969)
Организацијата на „Народна техника на Македонија“ е формирана во 1946 година, со задача да ги воспитува и образува во прв ред, младите на планот на усвојувањето на техничките знаења и да оспособува кадри за обновата и изградбата на земјата и да подготвува идни воени обврзници како радиотелеграфисти во тогашната ЈНА. Во тоа време, активностите на оваа Организација, првенствено, беа насочени кон неколку гранки на техниката.
Во Тетово во склоп на „Народна техника“ како поседбни клубови со свои простории функционирале; Радиоматрескиот клуб „Иљо Антевски-Смок“, Фотоклубот „Чкрап’’, Аероклубот „Тодор Циповски-Мерџан“ (сместен во приземје на куќа на ул. Т.Ц.Мерџан кај скорешната кафеана 77, за да заврши во старите едноспратни простории од Народна одбрана до денешно Средно економско училиште).
Радиоаматерскиот клуб во Тетово се формирал веднаш по втората светска војна, а го носел називот „Р.К. Иљо Антевски – Смок“ , и добил повикувачки знак YU5JQR. После распадот на Југославија, на Македонија како самостојна држава, IARU (International Amateur Radio Union) го доделува префиксот Z3 со што повикувачкиот знак на клубот се преименува во Z37JQR.
Меѓу први членови и долгогодишен претседател бил Благоја Буневски - Мабус (постар брат на погорниот Симо) кој од 1981-82 бил Претседател и на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија.
Клубот бил најпрвин сместен во една од просториите на „Стара пошта“ на ул Страшо Пинџур. Овој простор бил напуштен заради оштетувања од земјотрес во 1961, по што се преселил клубот во простории на „Електродистрибуција-Тетово“ (чиј Директор бил претседателот на клубот Благоја - Мабус) во близина на тогашниот Зелен Пазар. Потоа клубот се селел во бараките до Стара општина (зад Тупан Џамија, на местото на сегашниот Дом на Култура), за на крајот да заврши во старите едноспратни простории од Народна одбрана до денешно Средно економско училиште (барака бр. 1 била на Аероклубот, бр. 2 на Радиоклубот, а барака бр. 4 седиштето на Народна техника).
Во клубот имало неколку поголеми и помали станици кои членовите ги користеле за стекнување нови пријателства низ светот и развивање на техничката култура. Клубот често вршел прием на членови и организирал натпревари бирајќи најдобри ученици од предметот ОТП во тетовските училишта и сите што имале желба да се занимаваат со овој позив.
После 1985 година, во клубот се одржува настава за електроника и телеграфија, каде што членуваат голем број ученици, но за радиоаматерски активности клубот останува само со една голема станица. На симпозиумот во Крушево 1988 година е организиран натпревар во категорија „млади техничари“, за изработка на функционален електронски склоп и е освоен златен медал. По распадот на Југославија, се намалуваат активностите во клубот заради немање финансиски средства и немање поддршка од страна на општината. Последен претседател на Радиматерскиот клуб е Гоце Ристоски-Z32CD (ex YU5CD), а меѓу последните активности на клубот се организирање на ученици за меѓуопштински натпревари во1999 година во Струмица и 2000 година во Берово, каде се освоени први места.
Гоце Ристоски освен што е долгогодишен активист во Радио клубот, е и соработник на ЕМИТЕР, македонско списание за популаризација и примена на науката и техниката.
Радиаматерскиот клуб сеуште формално-правно постои како здружение на граѓани, исто како и „Народна техника“ но нема активности во Тетово.
Сепак, заклучно 2018 вкупно 16 радиоаматери од Тетово сеуште поседуваа лиценца за работа од Радиоматерскиот сојуз на Македонија, работејќи од дома, со што ова хоби продолжува да живее.
Сторија за радиоаматерот Младен Томовски од Тетово (Z31CQ, ex YU5CQ), во локалниот весник Полог (1990-ти)