Општинското основно училиште „Владо Тасевски“ – Скопје е јавна образовна установа со долгогодишна традиција во воспитно-образовниот процес. Училиштето се наоѓа на ул. „Миле Поп Јорданов“ бр. 74, во Општина Карпош.
Училиштето е основано во септември 1957 година, како издвоено училиште од ООУ „29 Ноември“. По земјотресот во 1963 година, училиштето добива монтажен објект како подарок од Владата и народот на Англија, а во 1983 година, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, е пуштена во употреба нова училишна зграда од тврда градба.
Реонот на училиштето ја опфаќа урбаната заедница Козле, како и делови од урбаните заедници Трнодол и Жданец. Воспитно-образовната дејност се реализира во објект со површина од 4.614 м² и дворно место од 4.400 м², со приклучување на градската топлификациска мрежа.
Наставата се одвива во две смени за околу 1.000 ученици во 38 паралелки, со ангажман на 87 вработени – наставен и ненаставен кадар. Покрај редовната настава, училиштето организира и продолжен престој. Наставата се изведува на македонски јазик.
Нашето училиште го унапредува социо-емоционалниот развој, менталното и физичкото здравје на учениците, обезбедува стекнување на квалитетно знаење, вештини и ставови со примена на современа методологија и информатичка технологија, овозможувајќи индивидуален развој на секој ученик, почитувајќи ги оригиналностите и различностите, негувајќи инклузивност, довербата, соработката и пријателскиот однос меѓу учениците, наставниците и родителите, сè со една единствена цел – да создадеме добри среќни личности, луѓе со добар карактер, кои добронамерно ќе ѝ служат на нашата татковина.
Да сме училиште во кое сите, вработени и ученици, доаѓаат на училиште со задоволство, да креираат пријатна атмосфера за соработка и учење, да чувствуваат припадност кон училишната заедница.