Мејоза

Мејозата е редукциона делба која се одвива исклучиво во половите клетки на повеќеклеточните организми. Со оваа делба се овозможува бројот на хромозоми во гаметите од диплоиден сет (2n)  да се намали на хаплоиден сет (n). Слично како кај митотската делба, и кај мејоза има интерфаза како подготвителен период во кој се реплицираат хромозомите при што се добиваат две сестрински хроматиди поврзани со центромерите. За полесно проучување на делбата, последователните промени се разгледуваат како мејоза I и мејоза II.

Мејоза I започнува со профаза I која е и најдолгата фаза во мејотската делба. Профаза I е поделена на неколку стадиуми во кои се случуваат карактеристични промени: лептотен, зиготен, пахитен, диплотен и дијакинеза. Во лептотен почнува спирализацијата на ДНК, но спирализацијата е сеуште слаба. Во зиготен хомологните хромозоми (со по две хроматиди) се поврзуваат во синапсис. Пахитен е стадиум во кој спарувањето на хромозомите е комплетирано, а хромозомите се спирализирани така што на микроскопските препарати се забележуваат паровите хромозоми кои се поврзани во биваленти. Во оваа фаза се одвива реципрочна размена на генетски материјал помеѓу хомологните хромозоми (crossing-over). Во диплотен почнува делумно одвојување на бивалентите и формирање на т.н. хијазми на местата каде што сеуште се поврзуваат, по што следи дијакинеза. Во дијакинеза јадрото е комплетно дезинтегрирано а хромозомите се целосно спирализирани, со сеуште присутни хијазми, и се организира делбеното вретено. Следи метафаза I во која бивалентите се подредуваат на екваторијалната рамнина (метафазна плоча) на клетката. Анафаза I започнува кога се прекинуваат последните хијазми и почнува одвојувањето на хомологните хромозоми (кои сега се со рекомбиниран генетски материјал) и нивното движење кон спротивниот пол на клетката. Потоа настапува телофаза I во која има реорганизација на јадрото кое сега содржи хаплоиден сет на хромозоми кои се двохроматидни. При тоа следи и цитокинеза (делба на цитоплазмата) и формирање на две засебни клетки.

Процесот продолжува во двете добиени хаплоидни клетки со мејоза II и тоа со профаза II која трае многу кратко додека се доврши организацијата на хромозомите, кои потоа се поставуваат на метафазната плоча во метафаза II. Во тек на анафаза II сестринските хроматиди се раздвојуваат на ниво на центромер и секоја хроматида се упатува кон спротивниот пол на клетката. Хромозомите се деспирализираат и повторно се јавува јадро со јадренце во телофаза II, при што од секоја од клетките добиени со мејоза I со цитокинеза се добиваат по две нови хаплоидни клетки. Заради рекомбинацијата на гените во пахитен, крајниот резултат од двете делби во мејоза се четири хаплоидни клетки од кои секоја носи различен генетски материјал. 

Во анафаза I, цели хромозоми кои се рекомбинирале и носат уникатни информации во гените се движат кој половите на клетката.