Олимпијади
Македонскиот тим од натпреварувачи и ментори во Пекинг
Македонскиот тим со значаен успех на 17. Светска олимпијада по геонауки IESO 2024 во Пекинг
Радовиш, 16 август 2024 година – Македонскиот национален тим постигна извонреден успех на 17. Светска олимпијада по геонауки IESO 2024, која се одржа во Пекинг, Кина. Нашите млади геонаучници освоија еден сребрен и три бронзени медали, со што ја потврдија својата висока стручност и посветеност во областа на геонауките.
Учеството на тимот беше овозможено благодарение на целосната поддршка од рудниците за бакар „Бучим“ и „Боров Дол“. Како општествено одговорни компании, „Бучим“ и „Боров Дол“ активно се залагаат за поддршка на младите таленти и развојот на науката во државата. Со нивното покровителство, Македонското географско друштво (МГД) имаше можност да го подготви и поддржи тимот кој достојно ја претстави Македонија на ова престижно натпреварување.
„Како компании, веруваме во важноста на инвестициите во иднината на нашата младина и образованието. Нивниот успех на оваа олимпијада е доказ дека поддршката на науката и образованието е вистинскиот пат кон позитивни промени во општеството,“ изјави Ивица Карапетров, заменик управител на рудниците Бучим и Боров Дол.
Рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“ веќе долго време се познати по своите активности насочени кон подобрување на условите за живеење во локалните заедници, поддржувајќи бројни образовни и културни проекти, што е дел од нивната стратегија за општествена одговорност.
Македонското географско друштво изразува длабока благодарност до „Бучим“ и „Боров Дол“ за нивната континуирана поддршка, која овозможи младите научници од Македонија да го покажат својот потенцијал и знаење на светската сцена.
Со овие постигнувања, Македонија се наметнува како важен играч на глобалната мапа на геонауките, што претставува значаен успех за нашата држава.
Од раководството на рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“, Радовиш