Деновиве пред години
Редослед на најзначајнитете датуми од тетовското минато:
ЈАНУАРИ
05. јан. 1915. - Во Тетово е роден Исаја Јован - Јон - филмски, театарски и телевизиски актер, претставник на најстарата генерација македонски артисти. Почина во Скопје во 1993 година.
14. јан. 1928. - Почина во Скопје - Мара Бунева, македонска хероина, родена 1902 година во Тетово од мајка Ана и татко Никола.
15. јан. 1946. - Роден во Тетово Јован Дамјановски - романсиер, драмски автор. Член на Друштво на Писателите на Македонија.
21. јан. 1909. - Роден е во Тетово- Тодор Скаловски, истакнат македонски композитор, хорски и симфониски диригент.
22. јан. 2001. - Еден македонски полицаец е убиен, а тројца ранети во нападот на полициската станица во Теарце, во близина на Тетово. Ова беше прв инцидент во 2001 во Тетовскиот регион. По еден ипол месец на 14.март 2001 започнаа престрелки на Тетовското кале.
31. јан. 1954. - Еден од најтрагичните настани во тетовското планинарство - При почеток на штафетата на младоста - која требала да започне од Титов Врв, двајца наши планинари: Диме Флејта и Иван Чанак ги загубија своите животи во лавината која затрупа и поголем број од планинарите.
ФЕВРУАРИ
01. феб. 1950. - Се формира Ниже музичко училиште во Тетово со решение на Народниот Одбор на општина Тетово, а на предлог на Советот на Просвета на Народна Република Македонија. Укинато 1962 па обновено во 1968. Постои и денес во истата зграда, прераснато во Средно Музичко Училиште ‘Тодор Скалоски - Тетоец’.
02. феб. 2007. - Донесена Одлука за формирање на Национална Установа Тетовски Театар - Тетово (сл.весник 12/2007). Свечано е отворен со престава на 21.окт.2007.
06. феб. 2009. - Излезе од печат најлуксузното и најобемното издание, кога и да е посветено на Тетово, а напишано од Тетовчанец - енциклопедијата ‘Тетовски Древности’.
11. феб. 2001. - Во Тетово е поставен камен-темелник на Штуловиот Универзитет, првиот приватен универзитет во Република Македонија.
18. фев. 1930. - Роден е во Тетово Драган Бојаџиев, познат македонски музички публицист. Почина во Охрид во 1981 година.
23. феб. 1994. - На падините на Шар Планина, во близина на Тетово, беа предадени во редовно производство четири мали хидроцентрали на водоснабдително-енергетскиот систем „Попова Шапка“.
23. феб. 2004. - После долгогодишно илегално работење (познат како Малоречанскиот Универзитет), со политички консензус, Донесена Одлука за формирање (легализација) на втор тетовски универзитет после Штуловиот - Државен Универзитет во Тетово - ДУТ. (сл.весник 8/2004).
МАРТ
03. мар. 1992. - Формиран првиот плуралстички совет на Општина Тетово, и заради тоа што се смета за настан кој го означува крајот на еднопартискиот систем во Тетово, се одбележува и празнува како Ден на Општина Тетово.
12. мар. 1944. - Родена во Тетово Душица Илин - Поет, член на Друштво на Писателите на Македонија.
14. мар. 2001. - Започна конфликтот во 2001. на подрачјето на град Тетово, помеѓу ОВК и македонските сили, со истрели во раните утрински часови од тетовското Кале.
23. мар. 1925. - Во Тетово е формиран најстариот Планинарски Клуб на овие простори - ПК ‘Љуботен’. Овој клуб континуирано постои се до ден-денес.
АПРИЛ
15. апр. 1928. - Во тетовското село Гајре, роден е Мурат Исаку, Поет, раскажувач, романсиер, драмски автор од албанската националност во Македонија. Член на Друштво на Писателите на Македонија. Заведен на листата на најзначајни албански литерати. Почина во Тетово во 2005 година.
21. апр. 1953. - Највисокиот врв на Шар Планина е преименуван во Титов Врв со одлука на Собранието на Н.Р. Македонија, а на иницијатива на Планинарскиот Клуб ‘Љуботен’ и група граѓани. Претходното име беше Голем Турчин (најстарото народно име) и Александров Врв (преименуван од окт. 1934).
МАЈ
23. мај. 1952. - Родена е во с.Шемшево, Тетовско, Костадинка Коца Ѓорѓиевска - Поет, член на Друштво на Писателите на Македонија. Денес живее и работи во Германија.
23. мај. 1953. - Прв одржан концерт на учениците од Музичкото Училиште во Тетово по формирањето во 1950. Во салата на ОУ Лирија се преставија солисти на пијано и виолина како и хорот и оркестарот.
ЈУНИ
05. јун. 2001. - Кај селото Гајре, на патот Тетово-Попова Шапка, албанските терористи од заседа убија петмина припадници на Армијата на Република Македонија. При престрелката беа повредени и шестмина припадници на безбедносните сили.
30. јун. 1939. - Роден е во Тетово Павле Кузмановски, Професионален ликовен уметник. Член на Друштво на ликовни уметници на РМ.
ЈУЛИ
01. јул. 2004. - Почина во Скопје- Тодор Скаловски - истакнат македонски композитор, хорски и симфониски диригент, роден на 21.01.1909. во Тетово.
01. јул. 2008. - Почина Живко Стефановски, тетовски функционер, писател, новинар и публицист.
09. јул. 1997. - Специјалната полиција на Република Македонија изведе акција со која од собранијата на општините - Гостивар и Тетово беа симнати знамињата на Албанија и на Турција.
23. јул. 2001. - Комплексот Арабати Баба Теќе беше завземен од Паравоената ОВК.
29. јул. 1930. - Роден е во тетовското село Гајре, Абдиљазис Исљами - поет, романсиер, драматург. Заведен на листата на најзначајни албански литерати. Почина во Тетово во 2005 година.
29. јул. 1949. - Роден е во тетовското село Глоѓи, Љупчо Силјановски - поет, раскажувач, драмски писател. Член на Друштво на Писателите на Македонија.
31. јул. 2001. - Во Тетовско, од нападот на албанските екстремисти врз полициски пункт кај Радио Тетово, загина Цоки Стојановски (28) од Тетово, припадник на МВР.
АВГУСТ
02. авг. 1954. - Отпочната една од најстарите традиции во планинарството во Тетово. По повод двата Илиндена, на 2 Август 1954 година ПК ‘Љуботен’ започна да го организира традиционалниот Илинденски слет на Лешница, кој со незначителни прекини во континуитет се одржува се до ден-денес.
04. авг. 1981. - Почина во Охрид Драган Бојаџиев, познат македонски музички публицист. Роден е во Тетово во 1930 година.
07. авг. 2001. - Албанските терористи грабнаа петмина работници на градежната компанија „Маврово“ кои работеле на автопатот Скопје - Тетово. Притоа, биле физички малтретирани... и со нож на телото им биле напишани првите букви од нивните имиња.
08. авг. 2001. - Десет припадници на безбедносните сили на Република Македонија се убиени, а тројца се повредени во нападот што албанските терористи го извршија врз воениот конвој кај местото Карпалак на патот Скопје - Тетово. Еден од најцрните денови за време на конфликтот во 2001.
09. авг. 2001. - Во Тетово во борба против албанските терористи загина полицаецот Душко Синадиновски, роден во 1960 година од село Ратае, Тетовско.
16. авг. 2005. - Почина во Тетово Абдиљазис Исљами - поет, романсиер, драматург. Заведен на листата на најзначајни албански литерати. Роден во с.Гајре, Тетовско во 1930 година.
21. авг. 2001. - Еден од најтрагичните денови во конфликтот во 2001. Само една недела пред манастирската слава ‘Голема Богородица’ - во селото Лешок, Тетовско, албанските терористи го минираа православното светилиште - манастирот "Свети Атанасиј".
26. авг. 2001. - Албанските терористи со експлозив го кренаа во воздух и целосно го уништија мотелот „Бриони“, лоциран покрај реката Вардар, во близина на селото Челопек, Тетовско. Притоа, од експлозијата животот го загубија (беа најдени врзани со динамит околу телата) двајцата чувари на објектот - Боге Илиевски и Свете Трајчевски.
27. авг. 1995. - Во Тетово почина Кочо Тулевски, истакнат македонски општествено - политички работник. Тетовчани го паметат како еден од највидните и најуспешни Градоначалници на Општина Тетово, избран на таа позиција во 2 мандати. Роден е во Тетово во 1921 година.
31 авг. 1905. - На денот на празнувањето на Голема Богородица, се случило познатото Сардисување на Лешочкиот манастир, опеано и во народна песна.
31. авг. 1944. - Албанските балисти го нападнаа селото Блаце, Тетовско, и во мугрите на слободата уште еднаш ги покажаа своите злодела преку палење, пљачкосување и убивање на невини жители. Со палежот на селото до темели беа изгорени 13 куќи и ѕверски беа убиени 12 Македонци.
СЕПТЕМВРИ
09. сеп. 1920. - Во Тетово е роден Тодор Циповски - Мерџан, народен херој на Југославија, од Македонија. Во борбата против балистите загина во селото Белчица, Мавровско, на 19 септември 1944 година.
10. сеп. 1937. - Роден е во Тетово, Јован Павловски - поет, раскажувач, романсиер, публицист. Член на Друштво на Писателите на Македонија. Добитник на многу награди.
13. сеп. 1993. - Почина во Скопје, Исаја Јован - Јон - филмски, театарски и телевизиски актер, претставник на најстарата генерација македонски артисти. Роден во тетово во 1915 година.
23. сеп. 1998. - Зоран Тодоров и Драшко Настоски - двајца тетовски планинари и членови на Планинарскиот Клуб ‘Љуботен’ - за прв пат го освојуваат највисокиот врв во Африка, Килиманџаро.
ОКТОМВРИ
05. окт. 2007. - Донесена Одлука за основање на Национална Установа - Уметничка Галерија во Тетово (сл.весник 120/2007) со простории во стариот градски Амам, обновен и прилагоден за таа намена со средства од УСАИД програмата.
10. окт. 1996. - Пуштен е во сообраќај автопатот Тетово - Гостивар во должина од 20 километри.
15. окт. 1939. - Роден во тетовското село Волковија Петко Дабески - поет, член на Друштво на Писателите на Македонија. Во еден мандат извршител на функцијата Претседател на СО Тетово (Градоначалник).
19. окт. 2002. - Во Тетово, играјќи кошарка со пријателите пред својот дом е застрелан 18-годишниот Ванчо Јосифовски од страна на припадник на албански паравоени банди. еден од најтрагичните моменти во пост-конфликтниот период во Тетово.
21. окт. 2000. - Почина во Скопје - Александар Ацо Ивановски - Ревија, еден од најпознатите македонски фотографи. Роден е во Тетово, на 14 март 1921 година.
24. окт. 1992. - Во Тетово е формиран Сојуз на албанските жени.
26. окт. 1995. - Во Скопје умре Киро Поповски, претседател на Собранието на Република Македонија. Роден е во селото Вратница, Тетовско, на 13 април 1942 година.
НОЕМВРИ
03. ное. 1915. - По воените акции во Првата Светска Војна, во Тетово влезе и го освои Бугарска Армија, со што Тетово влезе како составен дел на Кралството Бугарија се до капитулацијата во 1918 година.
03. ное. 1944. - Отворање на Тетовската Гимназија. На предлог на Поверенството за просвета, Президиумот на АСНОМ донесе решение за отворање на гимназии во градовите: Тетово но и Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Велес и Охрид.
05. ное. 1931. - Роден е во Тетово- Бранко Гапо, еден од најпознатите, најплодните и најнаградуваните македонски филмски режисери. Почина во Скопје 18 ноември 2008.
10. ное. 1972. - Претпладнето Јосип Броз - Тито е во Тетово каде го посетува Меморијалнио музеј на ЦК КПМ а го разгледува и волнарскиот комбинат “Тодор Циповски Мерџан“ (Тетекс), води разговори со општествено-политичките работници и стопанственици од Тетово, во угостителскиот објект “Арабат-баба теќе“ присуствува на мала модна ревија, а за време на ручекот држи здравица. Вечерта заминува од Скопје за Белград.
11. ное. 1919. - Во Тетово е роден Ѓоце Стојчевски - Амбарче, народен херој на Југославија, од Македонија. Загина во борите против албанските балисти во селото Беличица, Гостиварско, на 19 септември 1944 година.
11. ное. 1944. - Во Гостивар, во центарот на градот, албанските балисти стрелаа шестмина македонски патриоти: Киро Ристовски - Дрнц од Тетово, Васил Пејчиновски од Горна Бањица, Баренко Георгиевски и Изре Зафировски од Долна Бањица, Сократ Павловски од Гостивар и Павле Петрески од Балин Дол, Гостиварско.
12. ное. 2001. - Тројца припадници на специјалната единица на македонската полиција „Лавови" загинаа, а повеќе се ранети во близина на тетовското село Требош.
19. ное. 1944. - Тетово е ослободено во Втората светска војна, како последен ослободен град на територијата на Македонија.
20. ное. 2001. - Тетово официјално станува универзитетски град. Во Тетово е официјално отворен Универзитетот на Југоисточна Европа (SEE University), под покровителство на комесарот на ОБСЕ - Макс Ван Дер Штул.
21. ное. 1999. - Во Тетово е одржано Основачко собрание на политичката партија Единство на Ромите во Македонија. За претседател на партијата е избран Меваил Алити. Регистрирана е на 22 февруари 2000 година, со седиште во Скопје.
29. ное. 1926. - Во Тетово е пуштена во редовно производство хидроелектраната „Пена“, прв и најстар хидроенергетски објект во Македонија. Изградена е во периодот од 1924 до септември 1926 година. Инвеститор беше Тетовското индустриско акционерско друштво формирано на иницијатива на Михајлович, руски емигрант кој живееел во Тетово.
ДЕКЕМВРИ
03. дек. 1942. - Во Тетово излезе првиот број на весникот на Окружниот комитет на КПЈ за територијата на Македонија под Италијанска окупација „Востаник“. Излегуваше до февруари 1943 година.
08. дек. 2001. - Од подметнат пожар изгоре црквата во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓија“ во Мала Речица, Тетовско.
28. дек. 1961. - Роден е во Тетово, Бошко Ѓуроски - интернационален фудбалски играч, тренер и репрезентативец.
.
(с) Дарко Гавровски, 2010