Праисторија

МЕТАЛНА ЕПОХА

Кон крајот на 4. милениум, започнуваат првите продори на новите доселеници, степски народи од централна Азија- Индоевропејците, кои уништувајќи и асимилирајќи ја старата неолитска култура создаваат нов енеолитски културен комплекс на Балканот, наречен Салкуца-Бубањ-Криводол. Траги од ова ново население најдени се и во Полог (во Палчиште, Желино итн.). Оваа состојба се стабилизира во средното бронзено време кога се појавуваат првите зачетоци на балканските прото-етничките, а подоцна и пра-етничките заедници. Во овој период започнува и силен продор на материјалните обележја од југ од развиената Микенска култура, што се гледа и преку еден параден луkсузен бронзен меч пронајден во Тетово, увезен токму од тие микенски центри.

Иако и наредните епохи ќе бида во знак на масовни миграции, сепак Железното Време се карактеризира со стабилизација, што довело до развој на трговијата. Од овој период датираат и керамичките големи питоси за житарици, пронајдени близу с.Ларце.

Во овој период, според записите на Страбон кои се однесуваат на ковницата во Дамастион, а особено според зачуваните ономастички траги од подоцнежните времиња, се гледа дека Полог бил населен од Бригите (Briges, Brigoi). Бригите биле составен дел на подоцнежните етнички заедници на Пајонците, античките Македонци, Дасаретите, Едоните и Мигдонците. Дури и Пајонците, иако биле стара бронзеновременска популација, на овој дел од Балканот, имале неоспорни врски со Бригите. Пајонската и античко-македонската лингвистика и ономастика покажуваат голем број глоси и имиња со бригиски корен, што упатува на фактот дека Бригите биле substratum или база во пајонското и античко-македонското етничко формирање.

* Резиме од книгата: Гавровски Д; Тетовски Древности - Полог од праисторијата до 7.век н.е. со посебен осврт на тетовскиот крај; Тетово 2009.

КАМЕНА ЕПОХА

Според најновите податоци добиени преку археолошките ископувања на неолиските наоѓалишта Тумба кај с.Долно Палчиште (1987/88.) и Под село тумба кај с.Стенче (2000.), најстарите траги на живот во Полошката Котлина (тетовскиот и гостварскиот крај) датирааат од пред 8000 години или поточно од 6100-тата година ст.е. Од овие наоѓалишта потекнуваат голем број ископани фаргменти, но и целосно сочувани парчиња на грнчарија, но и жртвеници и статуетки посветени на женскиот култ. На подрачјето на Тетовско, пронајдени се и многу значајни претстави на карпестата уметност како уметнички композиции поврзани со обредните ритуали.

Овој крај низ целиот неолит бил населен со носителите на културната група Анзабегово-Вршник, која била застапена и во скопскиот регион и Источна Македонија. Во раниот неолит, сепак, овој крај бил под силно влијание и на неолитскта култура Велушина-Породин од Пелагонија јужно оттука, што се гледа и преку формата на најстариот сочуван жртвеник типот ‘Големата-Мајка’ (lat. Magna Mater) пронајдена на овие простори, а откриен близу Стенче. Доцниот неолит се карактеризира со влијание на Винчанската култура од север.

Хронологија

Околу 10.000 години п.н.е.  Карпеста уметност по долината на реката Пена, Тетовско, која според истражувачот Д.Алексовски, претставува вистински музеј под отворено небо. Формите на овие видови гравири се различни. Среќаваме обични линии, форми на животни и геометриски фигури. Праисторискиот културен деец се обидел и тоа со успех, природно оформените карпи во вид на човечка фигура, со помош на брзите води на Пена да ги преобрази во човечки фигури со маска.  Според него ваквите фигури немаат преседан во карпестата уметност во светот(© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

6100 години п.н.е.  Најстари траги од животот во Полог, што говори за континуиран живот на овие простори од над 8.000 години. Првите значајни податоци за неолитот во Полог потекнуваат благодарение на сондажните ископувања во 1987. и 1988. на локалитетот Тумба кај с.Долно Палчиште, Тетовско. Овие податоци се докомлетирани со археолошките истражувања извршени есента 2000. и повторно есента 2007., на локалитетот Под село –Тумба кај с.Стенче, Тетовско, со што во голема мера се заокружи сликата за неолитот во Тетовско и Полог воопшто. Во овој период овие краишта биле населени од т.н. културна група Анзабегово-Вршник.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

6100 години п.н.е.  Жртвеникот од типот Големата Мајка (Magna Mater), ископан 2000. на локалитетот Под село –Тумба кај с.Стенче, Тетовско. Тој посочува на старите корени на почитување на култот на Големата Мајка, како најстар жртвеник пронајден во ареалот на Анзабегово-вршничката  група, и е повеќе векови постар од досега најпознатиот ваков жртвеник кај нас од скопскиот локалитет Тумба кај Маџари, и е во порудиментирана форма од него, еволутивно претходејќи му. Жртвеников е висок 25 см, а е изработен од црвено печена керамика, а направен е од еден четвртест постамент- куќа, со по два четириаголни и два отвора во форма на буквата ‘М’, поставени на спротивни страни. Врз него се издига еден цилиндер со малку извлечен венец, а во форма на оџак, како пред-фаза која во наредните векови ќе еволуира во женски лик, како кај жртвеникот од Тумба, Маџари.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Помеѓу 1425 - 1340 година п.н.е.  Луксузен раномикенски меч - рапир од гр.Тетово, долг 99 см, а ширината кај крилцата од рачката е 10 см. Преку овој наод излиен многу вешто од бронза, видливи се силните влијанија кои постоеле во периодот на доцното бронзено време, особено од југ, во Тетовско и Македонија воопшто. Ова бил луксузен увезен предмет од микенски производители, а служел како параден меч– знак на достоинство и власт на некој тогашен тетовски поглавар. Истиот претставува еден од најсеверните наоди на таков импорт од егејската област.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Помеѓу 1200 - 1100 година п.н.е.  Бронзена ранохалштадска шуплива воена секира (келт), пронајдена во Гостиварско. Овој наод е доказ дека и Полог, како важна патна артерија се нашол во виорот т.н. втор бран егејски преселби (крајот на 12. и почетокот на 11. век п.н.е.), кога во неколку сукцесивни бранови се одвивале миграциски продори од север кон југ, по долината на Морава и Вардар. Овој ранохалштадски келт е од специфичен, подунавски тип, карактеристичен за тогашните народи на средна Европа и е доказ дека борбените новодојденци од север извесно време се задржале и во нашите краишта.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)