Астрономски друштва

Придружете ни се

Интересно

Македонија Србија и Бразил под едно небо

Под мотото Ѕвезден Мир - „Star Peace" викендот од 22 до 24 мај на врвот Одвраќеница на планината Голија во близина на Нови Пазар во Србија се одржа еден мал астро-камп кој на едно место собра повеќе членови на астрономски друштва од Македонија и Србија, а имавме и посетител од Јужно американскиот континент, од Бразил.





Но да почнам од почеток! Од Скопје тргнавме во раните утрински часови се со цел да ги завршиме сите попатни задачи што ги имавме и навреме да стигнеме на закажаното место за средба со членовите од астрономските друштва од Србија, во Нови Пазар. За да не биде ова еден совршен викенд и добро изведен проект каде што треба преку небото да се презентира дека не треба да има граници помеѓу државите се погрижија српските цариници, кои не сакаа да не пуштат со телескопите во Србија, барајќи ни некои документи како ние да носиме не знам каква опрема и мислиме да ја продаваме во Србија. И така си се вративме во Куманово, ги оставивме сите телескопи и голораки отидовме во Србија.



Но, сепак, еден телескоп не чекаше попатно. И тоа не било каков телескоп 16 инчен Meade Добсон со 1830 мм фокусна далечина. Со еден збор кажано „огромно“ чудовиште. Да да, моментално најголемиот телескоп што го имаме во Македонија, а и во догледно време сигурно ќе остане најголемиот. Го земавме телескопот, се сретнавме со останатите во Нови Пазар и во една колона за еден час пристигнавме на Голија. Ноќта наближуваше, па по првите импресии околу патувањето веднаш се фативме за работа монтирајќи ја опремата. Иако ја немавме комплетната опрема, сепак, телескопи не недостасуваја. Имаше од се по нешто, рефрактори, рефлектори, катадиоптрици, големи и мали, телескопи од крајниот исток и телескопи од западот, скапи и ефтини. Во почетокот на вечерта небото не посака сите, па можевме да уживаме во неговите благодети. Јанко, Милан, Боки и Драго со своите фото сетапи пробуваа да направат фотографии од објектите на небото. Се надевам во наредните денови ќе успееме да ги видиме и резултатите од тие експерименти. Останатите ја тестираа својата опрема, дел како се покажува за набљудување, дел тестирајќи ја за астрофотографија. Јас и Радан цели задоволни од нашата нова играчка се препуштивме на пребарување на небото и дознавање на новата форма и детали кај објектите кои по стотина пати досега ги имаме видено.



Досега мислев дека навистина небото повеќе нема што ново да ми понуди кога ќе погледнам во некои објекти, но верувајте длабоко сум се излажал. Се осеќав како прв пат да гледам низ телескоп и да го осознавам небото, зошто тоа што можев да го видам во окуларот беше нешто што претходно го немав видено, а го набљудувавме М101 или галаксијата Запчаник. Фантазија, можеа да се забележат сите краци како на фотографија, а претходно се што можев да видам кога ја набљудував беше само една сива измаглица, која одвај ќе ја забележите. Да не почнам да зборувам за маглината Буф (М87) Веил, и двата нејзини делови, галаксијата Вртлог (М51) итн, зошто ова ќе биде само изнесување на импресии.





Фотографската опрема сепак помина преку границата, и покрај набљудувањето успеав да направам и неколку долготрајни експозиции (Star trail). Небото саботата навечер беше феноменално, ветерот што дуваше претходната ноќ успеа да ја исчисти атмосферата и да ни дозволи нашиот ѕвезден мир да се реализира во најсовршени услови за набљудување. Во текот на двете вечери имавме и посета од околу триесетина студенти по биологија од Нови Пазар кои исто така во рамките на нивната професија ја истражуваа планината. Во текот на нивните 2 посети имаа можност да погледнат голем дел од објектите на небото, секако највпечатлив за нив беше планетата Сатурн. Одржавме и мало предавање за соѕвездијата на небото и секако за сите интересни теми од астрономијата за кои тие имаа прашање за нас. Сите беа многу расположени за објаснување и за делење на нивното знаење од астрономијата со студентите. Уште еден добар показател дека небото може да ги доближи луѓето преку неговата убавина. Ноќта беше прекрасна, па до утринските часови останавме покрај телескопите, дури успеавме да го дочекаме и Јупитер и да уживаме во неговите прекрасни појаси и сателити кои симетрично беа поставени од двете страни. Дека дојде утро и дека е време за спиење ни кажа Венера која околу 4 часот се појави на небото.





Викендот беше преполн со многу дружење кое ги доближи членовите на повеќе астрономски друштва под едно небо, дружејќи се, кажувајќи за најразновидните астрономски искуства, давајќи најразновидни совети околу опремата и набљудувањето и уживајќи во неописливата природа која ја имаше наоколу.



Годината на астрономијата сеуште е пред нас и има уште многу време за докажување дека астрономијата не е само за членовите на астрономските друштва и за луѓето што професионално се занимаваат со неа, туку дека секој жител на планетата Земја може да ужива во неа. Небото е едно исто за сите, и на него нема граници, границите се само во нашиот ум, колку ние можеме да разбереме дека оваа Вселена дозволила ние да бидеме тука, и дека треба да бидеме благодарно што се наоѓаме на една ваква прекрасна планета.

Официјалниот извештај кој излезе на страната на Меѓународната година на астрономијата 2009 може да го прочитате на следниот линк.
Официјалниот извештај на страната на проектот Ѕвезден мир - Star Peace, со уште повеќе фотографии може да го прочитате на следниот линк.
Comments