Астрономски друштва

Придружете ни се

Интересно

Симпозиум „Улогата на астрономијата во општеството и културата“

По завршувањето на церимонијата за отворањето на Меѓународната година  на астрономијата (МГА), во просториите на Унеско во Париз беше одржан симпозиум за улогата на астрономијата во општеството и културата. Симпозиумот беше организиран од страна на Меѓународната Астрономска Унија (International Astronomical Union, IAU) во склопот на настани за одбележување на МГА.

Официјалниот постер на симпозиумот.

Симпозиумот броеше над 350 учесници. На отворањето на симпозиумот учествуваше лорд Мартин Рис (Martin Rees, UK), претседател на Кралското астрономско друштво и еден од првите астрономи кој предложил дека во центарот на квазарите има црна дупка како објаснување на механизмот на зрачење на квазарите.

Беа опфатен историјатот на астрономија и астрономијата кај старите народи (Абориџините, Маите, Индијците, Кинезите итн). Особено интеренсно беше објаснувањето на професорот Џорџ Салиба (George Saliba, USA) кој го покажа придонесот на исламските астрономи при преведувањето на грчките антички текстови. Тие не само што ги преведувале текстовите, туку и вршеле нови и поточни пресметки. Беа прикажани примери во уметноста каде што се направени обиди да се претстави космосот и нашето место во него. Интересно беше изложувањето на тезата на Валери Шримплин (Valerie Shrimplin, UK) во која тврди дека главната тема во фреската на Микеланџело од Последниот суд во Систинската капела е Коперниковата астрономија. Според неа, Исус е претставен како бог на Сонцето во аполонски стил, кој што е ставен во центарот.

Зборуваше и отец Хосе Фунес (Hosè Funes), директорот на Ватиканската опсерваторија, познат на јавноста поради неговата изјава дека постоењето на вонземен живот не се коси со христијанската религија. Посебен дел беше посветен за светлосното загадување и акциите што се превземаат околу тоа. Тука триумфално настапи Андреј Мохар презентирајќи ја Словенија која успешно го прифати законот против светлосно загадување и позитивните последници од тоа. Да се надеваме дека ќе направиме слична иницијатива и во Македонија додека има сè уште време.

На симпозиумот одржа презентација и Џорџ Смут (George Smoot, USA), добитник на Нобеловата награда во 2006 за мерењето на варијациите во температурата на космичкото микробраново позадинско зрачење од податоците добиени со сателитот COBE. Тој истакна дека космологијата може и треба да има важен придонес во едукацијата на младите.

Како што покажа Паоло Моларо од Трст, Италија, Бругел Постариот (Brueghel the Elder) насликал телескопи во четири негови слики од периодот меѓу 1609 и 1621 што претставува една од најраните прикази на телескоп.

Од Скопското астрономско друштво учестваа Филип Парталовски, Мартин Стојановски и Тања Петрушевска (јас учествував и со постер кој ја претставуваше новата влошена ситуација со астрономијата во Италија и протестите околу тоа поради новите закони кој предвидуваат сериозно кратење на финансиите). Мојата колешка Мариа Карла од Трст учествување со нејзина слика „The mind and the universe“ која беше изложена во салата на Унеско.  Престојувањето во Париз го искористивме и за да се видиме со еден стар член на САД т.е. Викторија Бојчева – Вики која веќе 3 години живее таму.

Македонија на овој симпозиум беше претставена со мегалитската обсерваторија Кокино, за која презентација одржа Ѓоре Ценев од скопскиот планетариум. Пред меѓународната астрономска заедница беше претставено дека во 2002 год. во северноисточниот регион на Македонија со помош на архео-астрономски истражувања е пронајдена античка опсерваторија која датира околу 2000 години пред наша ера. Исто така дека од централната позиција можат да се видат вкупно 9 маркери, од кои 3 биле користени за маркирање на изгревот на Сонцето а останатите 6 за полната Месечина. Како дел од проектите на МГА ќе биде и валоризирање и откривање на астрономските споменици, па да се надеваме дека и Кокино ќе стане дел од оваа мрежа.

Се разбира дека симпозиумот содржеше уште многу важни предавања кој не можат да бидат покриени во овој текст. Симпозиумот покажа пред меѓународната астрономска заедница дека наследството што го нуди астрономијата на човештвото е многу големо. Астрономијата како наука има нешто единствено и различно, таа може да нè научи дека Универзумот, бројот на ѕвездите и екстрасоларните планети се огромни. Ако човештвто како целина сфати дека небото над нас е едно, и дека нашата планета претставува само една бледа сина точка, како што би рекол Карл Саган, тоа би можело да има длабоки морални последици.

Овие резултати треба да се прошират кон сите, а тоа и е целта на Меѓународната година на астрономијата.

The Universe, yours to discover!
(Откриј ја Вселената!)

Comments