Прва изложба на астофотографии во Македонија

Кога ќе си ги замислам почетоците на астрофотографијата во Македонија, а воедно и во нашето Друштво секогаш ми текнува на оние стари Zenit фотоапарати, со сајли за пуштање на експозиција кои наликуваат на некој префинет инструмент за акупунктура. Голем дел од опремата и телескопите кои бараат многу работа само за да го пратите објектот на небото и многу ноќи поминати под ѕвезденото небо дружејќи се со астрономската опрема. Иако тие почетоци лично јас не можев да ги искусам, сепак, фатив доволно од тој шарм на астрофотографијата која се одвиваше од почетоците на Друштвото, па се до пред 3-4 години.

Со купувањето на подобра опрема, во која влегуваат многу подобри телескопи, монтажи за пратење и дигитални (DSLR) фотоапарати настана и една поголема револуција во астрофотографијата кај нас. Веќе почнавме да добиваме квалитет на фотографиите како и многу други аматерски астрофотографии, бројот на часови поминати под отвоено небо, некогаш на температури далеку под нулата со фотоапаратот монтиран на телескопите се зголемуваше, нашето воодушевување од секоја нова фотографија беше оргомно. Секој фотограф, а воедно и секој уметник сигурно си се воодушевува на сопственото дело кога ќе го заврши. Овие наши дела се една презентација на уметноста која што ја има проткајано Универзумот, и ни дозволува да ја позајмиме од него за да уживаме во сиот тој раскош на бои и дезени во најразлични форми.

Изложбата со пригоден говор ја отвори Доцент Д-р Зоран Ивановски, професор на факултетот за електротехника и информациони технологии (ФЕИТ), заедно со претседателот на Друштвото Васко Цацаноски. Со впечатливи и убави зборови во 10 минути беше претставена работата на Друштвото во овие 10 години, секако со посебен осврт на астрофотографијата и подготовките за изложбата и прославата на 10 годишнината од постоењето. На отворањето беа присутни многу гости и пријатели на Друштвото, со кои САД има соработувано во текот на своето постоење. Изложбата исто така претставува и еден почеток на активностите за 2009 како година на астрономијата, во која е планирано овие фотографии да пропатуваат и низ другите градови во Македонија, како едно претставување на ноќното небо над нас.

На изложбата беа претставени 43 фотографии, направени во текот на овие 10 години, со користење на најралична опрема: од аналогни фотоапарати, фотографски објективи, аматерски и професионални телескопи, дигитални фотоапарати и CCD камери. Беа претставени шаренило од најразновидни објекти: галаксии, маглини, збиени и отворени ѕвездени јата, Сонцето, Месечината и планетите од Сончевиот систем, како и неколку фотографии од активностите на Друштвото и неговите членови. Беа изложени и неколку фотографии од наши пријатели од астрономски друштва на Балканот. Нашите пријатели од Балканот беа претставени од двајца членови на астрономското друштво „Инфинитум“ од Загреб - Хрватска, Борис Штромар и Вид Николиќ, фотографии од астрономското друштво „Аристарх“ од Крагуевац - Србија и фотографии на сигурно еден од најдобрите астрофотографи на Балканот Љубинко Јовановиќ од Крањска Гора - Словенија.

За сите што сеуште ја немаат погледнато изложбата, таа ќе биде поставена до 1-ви декември во просториите на Културно информативниот центар - Скопје, секој ден освен недела од 10 до 20 часот. Па повелете и присуствувајте на нешто невообичаено за нашите простори. Небото ќе го имате на дофат на вашата дланка.

На крај да им се заблагодарам на сите членови на Скопското астрономско друштво и на групите за астрофотографија и теренска работа, без чиј труд овие фотографии немаше да бидат реалност, на неговите основачи, на сите пријатели на и соработници на Друштвото, на сите кои што помогнаа во реализацијата на оваа изложба: Министерството за култура и Културно информативниот центар - Скопје и едно најголема благодарност до Станко Неделковски со чија помош и иницијатива на еден прекрасен начин го одбележавме овој 10 годишен јубилеј на совладување на науката и доближување на астрономијата кон граѓаните на Скопје и Македонија.

Comments