Астрономски друштва

Придружете ни се

Интересно

Официјално отворање на МГА 2009 - Париз


На 15 и 16 јануари 2009 година во Париз во седиштето на УНЕСКО се одржа официјалното светско отворање на Меѓународната година на астрономија 2009. По покана на Меѓународната астрономска унија и УНЕСКО, на ова официјално отворање учествуваа учесници од сите земји во кои ќе се одржува и прославува годината на астрономијата. Вкупниот број на учесници од целиот свет изнесуваше околу 1000, во кои беа вклучени и многу нобеловци и професори од областа на науката, астронаутиката, физиката и астрономијата.

Македонија на овој настан ја претставуваа тројца учесници, сите во улога на поканети студенти. Тања Петрушевска, идниот наш магистар по астрофизика, која допатува од Трст каде што сега студира, Филип Парталовски, студнет на ПМФ на катедрата по астрономија и мојата маленкост Мартин Стојановски како дел од организациониот комитет за годината на астрономијата за Македонија. Ова е еден од ретките настани што се одржуваат од областа на астрономијата во светски рамки каде ние имавме наши претставници, па затоа се потрудивме на најдобар можен начин да ја искористиме оваа прилика за воспоставување на контакти со луѓе од светот на астрономијата, а секако и да се здобиеме со многу нови знаења и искуства.

Македонци во Париз (од лево кон десно): Филип, Тања и Мартин

Тања дојде заедно со Мариакарла, колешка од Универзитетот во Трст.

Да почнам со ред... Во младинскиот хостел се смествиме по напорното патување со автобус кое го имавме јас и Филип. Иако многу од луѓето дојдоа од многу подалеку, авионот е значително побрз начин на транспорт, па временски гледано нашето патување беше рекордно. Хостелот беше организиран од страна на УНЕСКО, а таму бевме сместени околу 100 студенти кои присуствуваа на настанот. Хостелот беше малку оддалечен од местото каде што се одржуваше конференцијата, ама тука е метрото, без кое Париз очигледно не може да функционира, а и ние во текот на нашиот престој таму. Голем дел од времето сигурно го поминавме во ходниците и тунелите на париското метро.


На наше големо изненадување, официјалното отворање на годината на астрономијата го изврши познатиот светски музичар Жан Мишел Жар (Jean Michel Jarre), кој инаку е и амбасадор на добрата волја на УНЕСКО. Со еден пригоден говор во кој ги спомна сите причини зошто 2009 е прогласена за година на астрономијата, спомнувајќи го и влијанието што го има астрономијата и ноќното небо кај младите, тој го најави прекрасниот настан кој не очекуваше тие 2 дена во Париз. Потоа следуваа говорите на генералниот  секретар на УНЕСКО Коичиро Мацура (Koichiro Matsuura) и претседателката на Меѓународната астрономска унија Катрин Цесарски (Catherine Cesarsky). За на крајот официјалниот дел на отворањето да го затворат претставници на Tales Alenia Space, еден од главните партнери на ЕСА во вселенските мисии, претставник од ЈАХА - Јапонската всленска агенција, владини министри и други поважни личности.

 

Македонската делегација со претседателката на Меѓународната астрономска унија Кетрин Цезарски.

Следната сесија предавачите говореа на најразлични теми од областа на астрономијата, а како најинтересни би ги издвоил Франко Пачини (Franco Pacini) кој ги има предвидено магнетарите, уште пред да бидат откриени пулсарите. Тој одржа предавање на тема „Небото ширум светот. Мултикултурно искуство“. Андре Браич (Andre Brahic) професор на Универзитетот Париз Дидеро и откривач на прстените на Нептун во 1984 година, кој одржа предавање на тема „Новите граници. Истражување на Сончевиот систем“, сигурно едно од најинтересните предавање кое беше одржано во текот на двата дена. Целата приказна за истражувањето на Сончевиот систем беше прикажана преку многу интересни и убави фотографии, а и со многу компарации и интересни шали кажани помеѓу објаснувањата. За на крај да го спомнам нобеловецот Роберт Вилсон (Robert Wilson), постар научник во астрофизичката обсерваторија Смитсониан при Харвард Смитсониан центарот за астрофизика во Кембриџ, Масачусетс. Инаку Вилсон заедно со Пензијас се откривачи на космичкото позадинско зрачење - еден од главните докази за Биг Бенгот, за кое откритие ја има добиено и Нобеловата награда за физика во 1978.


Церемонијата претставуваше ретка можност да се запознаете, фотографирате и поразговарате со нобеловци, професори, истражувачи. Овде сме придружени од физичарот и нобеловец Роберт Вилсон.

Следуваа уште неколку презентации и предавања. Се пушти и видео снимка од станицата Конкордија на Јужниот пол, каде можевме да видиме што работат научниците таму во текот на денот. Во вечерните часови во просториите на научниот музеј во Парис (Palais de la Decouverte) се одржа коктел, каде меѓу другото премиерно беа презентирани и два документарни филмови од областа на астрономија. Во научниот музеј успеавме да видиме и мал дел од презентираните направи таму. Сирурно има повеќе делови, но успеавме да видиме дел од астрономската поставка и од поставката за физика. Верувајте дека имаше премногу интересни направи и експерименти таму, кои и самите можете да ги вклучите за да видите како функционираат. На секого тоа би му се допаднало, дури и на некој возрасен, а замислете каков ефект би имал врз помладите за да се заинтересираат за науката. За жал таков музеј кај нас нема, а не се потребни многу пари за да се изградат такви машини и направи...

Познатата германската фирма за астрономска опрема Baader постави мини-опсерваторија во дворот на УНЕСКО, како и телескоп за набљудување на Сонцето.

Сосема случајно го пронајдовме седиштето на Европската вселенска агенција, каде се донесуваат одлуките кои ја обликуваат иднината на оваа институција. 

Во утринските часови наредниот ден следуваше директно вклучување со опсерваторијата Very Large Telescope - VLT во Паранал, Чиле, по што повторно следеа многу интересни предавања. Сигурно тука вреди да се спомене предавањето на Џослин Бел Бурнел (Jocelyn Bell Burnell) „Пулсарите, прогресот и сложувалките“. Дамата која е виновник за откривањето на пулсарите имаше едно прекрасно предавање на кое беа објаснети пулсарите, а беа претставени и многу од загатките кои сеуште постојат околу овие тела. Предавањето на Андре Брак (Andre Brack) „Најголемото прашање од сите: Барањето за вонземски живот“ во кое беа напоменати многу од начините како може да бараме живот надвор од нашата планета, и кон кои објекти треба да се насочиме во потрагата. Тука беа и прадавањата на членовите на НАСА Џонатан Гарднер (Jonathen P. Gardner) и ЕСА Дејвид Саутвуд (David Southwood) кои ги претставија сегашните и идните мисии кои ги планираат овие 2 големи вселенски агенции.

Салата Miró во зградата на УНЕСКО беше исполнета со дела со астрономска тематика: астрофотографии, слики, скулптури, презентации...

Ходниците и салите на УНЕСКО беа исполнети со макети од најпознатите телескопи и сателити, минати, сегашни и идни. На фотографијата се наоѓа макета на европскиот 40 метарски Екстремно голем телескоп, чија градба се очекува да започне во блиска иднина.

Попладневните часови беа исполнети со презентации на некои од телскопите кои што се наоѓаат во светот. Беше презентирано набљудување со со Канадско-Францускиот телескоп кој што се наоѓа на Хаваите. Меѓу другото беа презентирани и видео материјали и фотографии што се имаат направено со помош на овој телескоп. Тие фотографии, како и видеото што ќе излезе набрзо со дозавола од луѓето што работат на телескопот може да бидат достапни на секој за правење на изложби во текот на 2009 година. Во друга сала имаше презентација и набљудување во живо со радио телескопот Салса во Онсала, Шведска. Тој телескоп го користат студенти, претежно од Шведска, за набљудување на Млечниот Пат на 21 см бранова должина. Ни беше кажано дека овој телескоп може да го користи секој, се разбира со претходна најава. Ќе ви бидат објаснети подробностите околу тоа како работи телескопот и начинот на негово користење, кој верувајте дека е многу едноставен, и подоцна можете да си направите свој проект и набљудување со еден радио телескоп.

Можеби еден од најинтересните настани во текот на двата дена од церемонијата беше Големиот линиски интерферометар (Very Large Baseline Interferometar - VLBI). Тука беа споени 24 радио телескопи кои беа распространете по целиот свет на 5 континенти: Австралија, Азија, Европа и Северна и Јужна Америка. Во текот на тие 2 дена беше набљудуван еден квазар кој се наоѓа на околу 7 милијарди с.г. од нас, и во живо преку главната база во Холандија сите податоци беа пренесувани во Париз. Таму на мониторите можевме да видиме како се добива еден податок од толку далечен објект. Луѓето што работеа на проектот беа толку љубезни и на секому му објаснуваа како работи интерферометарот и на кој начин се добиваат податоците. Отпрвин изгледа многу комплицирано, но сепак, со убавото и темелно објаснување работите стануваат многу јасни и едноставни. Ова беше досега најголемата соработка помеѓу радио телескопите во светот, во кој беше направен интерферометан голем колку полупречникот на нашата планета :)) Едноставно, преубаво беше да се види и да се чуе како сето тоа функционира.

На студентите од светот не им беа потребни многу причини да се здружат. Еве како изгледаше една просторија за време на паузата за ручек.

Вечерта со уште еден пригоден коктел во здрадата на УНЕСКО беше затворена манифестацијата на отворањето на годината на астрономијата. За подоцна да започне еден прекрасен концерт на квартетот Кронос и хорот на УНЕСКО, со перформансот „Сончеви прстени“ (Sun Rings). Едно прекрасно музичко и возуелно шоу, кое мислам дека сите таму не остави без зборови. Квартет составен од 2 виолини, 1 виола и 1 виолончело, кои свират модерна класична музика со всленски звуци и многу убави визуелни ефекти со астрономски и мотиви од физиката, ускладени со ритамот на музиката. Прекрасно чувство за сечиј вкус, и визуелен и аудио.

Момент од концертот на квартетот Кронос.

Официјалниот дел од отварањето заврши тука, но на нас студентите ни беа дадени уште 2 дена за прошетка по Париз. Во саботата бевме во посета на опсерваторијата во Париз. Беше организирана прошетка каде што ни беше објаснета цела историја на опсерваторијата, од нејзиното основање во 1667 па се до денес. Внатре можевме да видиме најразновидни апарати и телескопи кои се користеле при долгогодишното постоење на опсерваторијата. Имаше најразновидни направи и часовници за мерење на времето, секако и некои понови атомски часовници. Видовме огледала од некои стари телскопи, а ни беше покажан и калапот со кој е брусено 2 метарското огледало „виновно“ за откривање на првата екстрасоларна планета 51 Pegasi.

За некој е обичен дрвен круг, а за друг причина за радост! Овој дрвен калап помогна да се променат многу нешта, не само површината на телескопските огледала.

Ја видовме и салата во која Џовани Касини вршел истражување на движењето на Сонцето во текот на годината, за на крај да отидеме во куполата каде што се наоѓа големиот рефрактор со дијаметар од 60 см и фокусно растојание од 9 метри. Навистина изгледаше впечатливо, иако се гледа дека забот на времето му ја нагрдил надворешноста, сепак сè уште е функционален и понекогаш го употребуваат за да се вршат набљудувања и мерења на планетите од Сончевиот систем.

Пред куполата на Парискиот телескот.

Ја напуштивме опсерваторијата и започна многукилометарската прошетка по улиците на Париз.Секако Париз изобилува од најразновидни споменици и локалитети кои што може да ги посетите, но 2 дена се премалку за да се отиде сегде. Но, нашата македонска експедиција остана и на симпозиумот кој започна на 19-ти јануари и го носеше насловот „Улогата на астрономијата во општеството и културата“. За овој симпозиумот ќе прочитате во еден од понатамошните текстови.

Слободното време го искористивме да ги посетиме сите поважни локации во Париз. Елисејските полиња (горе) и Ајфеловата кула беа едни од нив...  

Познатото Фуково нишало се наоѓа во Парискиот Пантеон.

Во текот на тие 4 дена додека траеше отворањето на годината на астрономијата 2009, успеавме да стекнеме многу нови искуства, да запознаеме многу астрономи и значајни личности од областа на науката. Да стекнеме нови пријатели од целиот свет со кои и понатаму ќе соработуваме, како другарски така и професионално. Веќе се направија договори за работа на неколку проекти во текот на годината на астрономијата за кои секако ќе дознаете понатаму.

На крај да им се заблагодарам на нашите цимери Мпонда од Танзанија и Аџит од Индија, со кои се расприкажавме за многу теми од астрономијата, на нашата асимилирана Македонка (Италијака) Мариакарла што како и секој асимилатор се потрудивме да ја научиме Македонски, на Ирене од Иран која не покани да учествуваме во еден од меѓународните проекти по повод МГА, на Андрај Мохар од Словенија - човек кој искрено се бори за заштита на ноќното небо секаде во светот а особено на Балканот, на проф. д-р Гордана Апостоловска, официјалниот координатор за МГА 2009 за Македонија, која несрдечно ни помогна за да можеме да заминеме во Париз и се разбира до САД - нашата матична астрономска организација. А на крај да не ги заборавам Филип и Тања со кои заедно бевме едно trio fantastico, од една мала земја која многумина не знаат ни кај се наоѓа на светкста карта, но сепак заедно со нив успеавме да им ја претставиме Македонија во најубаво светло. Ви благодарам дечки за убавата дружба.

По два целосно исполнети денови, студентите се забауваа во заедничката просторија на хостелот со познатата игра Twister.

Чувајте го небото, уживајте во големото пространство на Вселената и прославете ја оваа година на астрономијата со приклучување во некоја од нејзините активности.

Отриј ја Вселената, тоа останува на тебе!

Comments