Астрономски друштва

Придружете ни се

Интересно

МГА2009 во Македонија е официјално отворена

Во четврток на 26 февруари 2009 година се одржа официјалното отворање на Меѓународната година на астрономијата во Македонија. Годината на астрономијата како еден глобален настан кој се одвива во целиот свет не ја одмина нути нашата држава. Со една скромна манифестација на која беше претставена астрономијата во Македонија сите заедно ги отпочнавме активностите кои ќе се одвиваат во текот на целата година на територијата на Република Македонија.

Присутните на отворањето ги поздрави доцент д-р Гордана Апостоловска, национален координатор за МГА 2009 за Македонија, која во говорот ги истакна глобалните цели кои треба да ги постигне МГА примарно кај помладата популација во светот. Во текот на говорењето беше споменато и значењето на астрономијата како една од фундаменталните науки и како една од науките која дала најголем придонес за развитокот на човештвото воопшто. На крајот беше презентирана и историјата на астрономијата во Македонија, преку првите иницијативи за градење на астрономска опсерваторија на Зајчев Рид во Скопје, па се до основањето на Македонското астрономско друштво, како и неговите ограноци во Битола и Скопје, Битолското астрономско друштво и Скопското астрономско друштво.


Доц. д-р Гордана Апостоловска ја прогласи за отворена Годината на
астрономијата 2009 во Македонија.


Годината на астрономијата се слави поради првото набљудување на еден астрономски објект пред 400 години од страна на италијанскиот научник и астроном Галилео Галилеј. Во негова чест од страна на Марија Николиќ, студентка на ПМФ на катедрата по применета физика-астрономија, беше презентирана неговата работа и дело.



Марија Николиќ раскажа за животниот пат на Галилео Галилеј.

Следуваше говорот на Мартин Стојановски - координатор за МГА 2009 за Македонија каде беа накратко објаснети глобалните проекти кои се зацртани од Меѓународната астрономска унија и УНЕСКО, а треба да ја доближат светската популација кон науката и астрономијата. Беа претставени и сите проекти кои Скопското астрономско друштво планира да ги оствари во рамките на 2009 како година на астрономијата, во кои влегуваат:

- одржување на основен курс по астрономија кој ќе започне на 19 март оваа година,
- одржување на циклус на популарни астрономски предавања во текот на есента,
- јавни набљудувања во текот на годината на астрономски објекти на плоштадот Македонија во Скопје,
- предавања во основните и средните училишта,
- изложба на астрофотографии,
- написи со астрономска тематика во списанието Емитер,
- астрономски камп на Маврово во текот на летниот период,
- посета на другите градови во Македонија, одржување на набљудувања и предавања и поттикнување за развиток на астрономијата во градовите низ Македонија.
На крајот беа презентирани и случувањата кои се одвиваа во рамките на официјалното отворање на МГА во Париз на 15-16 јануари 2009 год.

Мартин Стојановски говореше за активностите кои ќе ја одбележат
МГА2009 во Македонија, како и за
церемонијата во Париз.


Потоа следуваа членовите на Македонското истражувачко друштво (МИД) Марјан Николов и Ванчо Стојковски, кои ја презентираа работата на единствениот планетариум во Македонија, планетариумот кој се наоѓа во склопот на Младинскиот културен центар во Скопје, како и работата на МИД во изминатите години и работата на Мегалитската опсерваторија Кокино.


Ванчо Стојковски говореше за работата на
Македонското истражувачко друштво.

На крај, последните два излагачи зборуваа за астрономските друштва во Македонија. Васко Цацаноски - претседател на Скопското астрономско друштво ја кажа историјата на САД, како и сите активности кои САД ги има одбележано во ремките на 10 годишното постоење. Мартин Страхиловкси и Марија Николиќ - двајца членови на новоформираното астрономско друштво Кокино од Куманово го презентираа друштвото, желбата за формирање на едно астрономско друштво во Куманово, како и работата на нивниот веб портал http://astkum.tk/

Благодарност до сите учесници на оваа ретка манифестација во Македонија на која можевме да ја видиме астрономијата во Македонија сплотена на едно место. Благодарност до сите излагачи и до сите подржувачи на МГА 2009: Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Астрономскиот клуб Кокино - Куманово, Македонското истражувачко друштво, списанието за популаризација на науката и техниката Емитер и градот Скопје.



Пред влезот на амфитеатарот поставивме мини изложба на
астрофотографии и постери со астрономска тематика.



Посетителите можеа да разгледаат астрономски брошури и списанија.

Со искрени желби за успешна и богата астрономска 2009 година ги повикуваме сите заинтересирани фирми, организации, училишта да се вклучат во помагањето и организацијата на МГА 2009 во Македонија. Целиот свет е обединет при овој настан под мотото „Откриј ја Вселената“, зошто и ние да не покажеме дека можеме да им ја доближиме астрономијата на младите луѓе и преку интересот за науката да ги оттргнеме малку од компјутерите и видео игрите.

За крај, погледнете го ова видео каде двочасовното Отворање е сведено на неколку минути.


Comments