Впечатоците од астрономскиот камп Кокино 2009

Меѓународнота година на астрономијата (МГА) 2009 ги сплотува сите на едно место во името на астрономијата и откривањето на новите пространства. МГА беше поводот, причината и виновникот за да на едно место по прв пат имаме многу млади луѓе кои сакаат да научат повеќе за астрономијата од Македонија.

Можеби на почетокот се ова изгледаше една нереалност, но сепак големата желба за да им се доближи астрономијата на помладите, и преку заедничко дружење да можат да ги продлабочат своите знаења преовладува. Времето потрошено во подготовки и планирање на настанот не се потрошија залудно. На крај сите коцки се склопија и астрономскиот камп Кокино 2009 стана реалност.

Нашите мали астрономи ја покажаа и својата креативна страна

Кампот се одржа на 2 локации. Едната беше ученичкиот интернат во селото Драгоманце, а втората најпознатиот астрономски објект во Македонија, Мегалитската опсерваторија Кокино. Денот и сите предавања и активности беа предвидени да се одвиваат во интернатот, а ноќите и набљудување да ги поминеме на набљудување во близина на Кокино. Сепак, ова второто поради лошото време и облаците кои ни го попрачуваа патот кон ѕвездите не стана ралност, единственото набљудување го направивме во близина на интернатот.

Главни виновници за настанот беа организаторите Македонското и Скопското астрономско друштво, а како главни покровители и без кои сето ова немаше да биде реалност се Регионалното биро за наука и култура во Европа (BRESCE) и општината Старо Негоричане и нејзиниот градоначалник г-дин Миодраг Јовановиќ, преку кои ги добивме средствата и локацијата за овој астрономски камп.

Под исто небо во близина на астрономскиот локалитет Кокино имаше 21 влубеници во астрономијата од повеќе градови од Македонија. Осуммина од Битола, двајца од Струга, тројца од Кавадарци, тројца од Скопје, четворица од Куманово и една учесничка од Пехчево.

Зборното место беше Скопје, каде што сите пристигнаја од своите градови, за потоа со неколку автомобили да заминеме кон Драгоманце. Откако сите се сместивме во интернатот, за кој мора да кажам дека беше одличен и ги имаше сите потребни услови кои ни требаја, од место за сместување, предавална, место за гледање на филмови, кујна и секако многу многу отворен простор наоколу, започнаа и официјалните активности на кампот.

Најпрво кампот го отвори еден од главните организатори Билјана Дијанисиева. Биле ги  образложи сите причини поради кои кампот стана реалност и тоа што треба да се случува во наредните 2 дена на Кокино. Следеше официјалното видео за годината на астрономијата и мало кратко излагање на Мартин Стојановски координатор на активностите за МГА 2009 за Македонија. На кратко беа кажани сите цели и најважните проекти кои МГА 2009 ги има зацртано да се осварат годинава. За да биде се потполно, презентација за работата на Скопското астрономцко друштво одржа претседателот Васко Цацаноски.

Малата кратка пауза се искористи за на учесниците да им се подели промотивниот материјал од школата: едно DVD со астрономски содржини, брушура за МГА 2009 и едукативни астрономски материјали кои беа наменети за да им ги продлабочат астронмските знаења. На крај следуваше предавањето за астрофотографија припремено од Мартин.

Вечерта ја завршивме со мала астрономска забава со DJ Human, каде што беа презентирани голем дел од нумерите кои ги имавме и за време на Ноќта на Јуриј организирана во Скопје. За жал времето не не послужи, па доцните вечерни часови ги заменивме со едно убаво дружење.

Во саботата имавме чест да ни дојдат на школата професорките на Природно математичкиот факултет во Скопје доцент д-р Гордана Апостоловска, претседател на Македонското астрономско друштво и официјално лице за контакт за МГА 2009 за Македонија и проф. д-р Олга Галбова кои несрдечно ни помогнаа во целата организација на овој астрономски камп. Професорката Апостоловска одржа предавање за Малите тела во Сончевиот систем, за веднаш по предавањето да продолжиме сите заедно кон Кокино каде што не чекаше директорот на музејот во Куманово и откривачот на Мегалитската опсерваторија Кокино, Јовица Станковски. Од него во повеќе од еден час излагање можевме да слушнеме многу убави детали околу целата историја на Кокино и пошироката околина. Секако тука беше и неизбежната прошетка околу опсерваторијата и разгледување на сите поинтересни детали, меѓу кои најинтересни за нас беа астрономските маркери.

Учесниците покрај тронот на мегалитската опсерваторија Кокино

Официјалното отворање на кампот го изврши градоначалникот на Старо Негоричане г-дин Миодраг Јовановиќ, кој кажа дека му е огромна чест што можел да го поддржи овој камп и дека се надева дека ќе прерасне во традиционален. Тука беа и фоторепортери од телевизиските куќи Канал 5 и Телма, кои направија мали репортажи за настанот.

Попладнето ни започна со предавањето кое го држеше Ана, член на Скопското астрономско друштво, за да продолжиме со можеби најинтересната случка на кампот за сите учесници, а тоа беше градењето на макета на Сончевиот систем. Сите учесници беа поделени во 2 групи, кои имаа за цел да направат макета по нивна желба. На макетата тие требаа да ги наведат најинтересните и најважните карактеристики на планетите и секако да се постават на истите растојанија како што се наоѓаат планетите во Сончевиот систем, но намалени сразмерно. Сонцето беше со дијаметар од 7 сантиметри, а можете да си замислите каде беше Нептун, последната планета во С.С. на 226 метри оддалеченост.

Времето се поправи, па после вечерата пополека се подготвивме за ноќното набљудување. И покрај тоа што беше планирано да одиме на Кокино, сепак, искуството од претходната вечер, а и голема влажност на воздухот не предомисли и останавме во близина на интернатот на блиското игралиште. Таму ги поставивме двата телескопи кои што ги носевме, Орионите од 6 и 8 инчи. Поделени во 2 групи започнавме да им ги кажуваме на сите основите на телескопите и барањето на небото. Имаше половина час, час на учење на соѕвездијата на небото (тие што се гледаа во моментот), за потоа еден по еден да почнат да ги бараат објектите. Заинтересираноста, а и големата вештина во пронаоѓање кај многу од нив беше неверојатна. Како за луѓе кои прв пат гледаат низ телескоп и за прв пат ги пробуваат своите вештини во стар хопингот резултатите беа фасцинантни. Без проблеми успеаја да ги пронајдат Јупитер, Андромеда, Double Cluster, М13, М57, Албирео. Секако да им честитам на сите што успеаја да ги пронајдат обејктите и се надевам дека ова нема да им биде последен пат да бидат во контакт со некој телескоп. Набљудувањето траеше до 1 часот после полноќ. Пополека ја прибраве опремата, од која течеше вода поради влагата и се повлековме во интернатот на малку одмор.

Утрото од последниот ден за сите започна тажно. Астрономијата и другарувањето сите ги спои и на сите се гледаше дека им е жал дека набрзо ќе мора да си заминеме кон своите домови. Најпрвин следуваше предавањето на Марија Николиќ, студент на катедрата по физика, поднасока астрономија на ПМФ, за експтрасоларните планети. Секако интересно, а и за многу од нив нешто ново и нечуено. Голем дел од учесниците на кампот дури со тоа предавање дознаа дека покрај осумте планети во Сончевиот систем има и преку 300 други откриени покрај други сонца во нашата галаксија.

Крајот го краси делото. Сите учесници имаа шанса да ги кажат своите позитивни и негативни коментари за кампот, што успеаја тие да научат и да стекнат на кампот. Воглавно сите критики беа позитивни и на сите премногу им се допадна еден ваков алтернативен и едукативен камп. Единствените поплаки беа за набиената програма на кампот и за краткото време на траење.



Послената активност на која што исто сите им се радуваа и на која направија едно мало астро шоу беше астрономскиот квиз каде што учествуваа 4 групи од по 4 учесници. На прашањата и асоцијациите, кои и не беа баш лесни сите успеваа да дадат брзи и прецизни одговори :), а и публиката знаше цело време да ги награди со бодрење и аплаузи. Дури и бодувањето беше направено јавно, како еден натпревар на All star викендот во NBA. на крај најуспешна беше првата група во состав: Јелена Вељановска од Куманово, Стефанија Бирова и Елена Гагачева од Битола. Второто место го освоија Даница и Бранислав од Струга и Елена од Пехчево, трети беа Горјана и Стефан од Битола и Бруно од Скопје, а четврти Елена од Куманово, Андреј од Скопје и Стефан од Битола. Секако за сите партиципиенти имаше по една пригодна астрономска награда. А на крај сите се почастивме со малку благо, каков што ни беше и целиот камп :)

Заминувањето кон Скопје го означи и крајот на кампот, со надеж дека ова нема да бид последен ваков камп и дека ќе стане традиционален одржувајќи се секоја година.

Повеќе фотографии ќе следат во наредните денови.

Comments