2009 Меѓународна година на астрономијата


Во четврток, на 20 декември 2007 година, во 09:30 часот, Обединетите Нации на своето 62 Генерално Собрание донесоа резолуција за прогласување на 2009 година за
Меѓународна година на астрономијата (МГА). Предлог резолуцијата ја поднесе Италија, а Меѓународната астрономска унија (IAU) и UNESCO ќе бидат главни координатори во подготовките за одбележување на 400 години од првите набљудувања со телескоп. Со слоганот „Откриj ја Вселената“ отпочнаа подготовките за МГА 2009 и во Македонија.

За Меѓународна година на астрономијата 2009 (МГА 2009)

Меѓународната астрономска унија ја прогласи 2009 година за година на астрономија, и таа ќе ги координира сите активности на меѓународно ниво (27 октомври 2006 година, Минхен). Оваа иницијатива е покрената со намера да ги потсети сите жители на нашата планета на огромната и значителна улога што астрономијата ја има во развојот на науката, технологија, образованието и културата, како и да постави вистински основи за навремено и соодветно информирање на јавноста за најновите астрономски откритија.

Официјалниот сајт на годината на астрономија
http://www.astronomy2009.org/

- Зошто токму 2009 година треба да биде Меѓународна година на астрономијата?

Галилео Галилеј во 1609 година за прв пат го вперил телескопот кон ноќното небо и дошол до неверојатни откритија, кои засекогаш го изменија нашето разбирање на светот околу нас. Галилео открил планини и кратери на Месечината, четири месечини на Јупитер (Јо, Европа, Ганимед и Калисто), како и тоа дека „лентата“ на Млечниот Пат е составена од огромен број на ѕвезди (кои не ги гледаме со голо око како поединечни ѕвезди, туку како магличеста светла трага на небото). Во историјата на астрономијата, 1609 година се зема како почеток на модерната ера на астрономијата, т.е. како почеток на телескопската ера.

Астрономските опсерватории во целиот свет денес имаат најсовремени телескопи и набљудувачка опрема која ветува одговори на многу важни прашања, што ги поставуваме сакајќи да го разбереме светот што нè опкружува, како на пример, како настануват ѕвездите и планетите, како се групираат галаксиите, како тие еволуираат и каква е вистинската структура на Вселената.

Астрономијата е најстарата наука во историјата на човештвото и таа играла многу важна улога кај многу, ако не и кај сите цивилизации во светот. Благодарение на современите телескопи и вселенски летала, астрономијата го продолжува својот забрзан напредок, при што речиси секојдневно нè збогатува со нови знаења и нови откритија кои го одземаат здивот.

Астрономијата дава голем придонес во општеството и во културата воопшто, поттикнувајќи ги луѓето, особено помладите, да го продолжат свој интерес за науката воопшто, а не само за доменот на астрономијата. МГА 2009 ќе одбележи монументален скок во напредокот во користењето на телескопите и астномските набљудувања во однос на тоа како тоа го правел Галилео Галилеј. МГА 2009 ја претставува астрономијата како мирољубива научна дициплина, која ги обединува сите научници во едно големо семејство на научници, кои работат заедно на откривање на одговорите на најфундаменталните прашања.


Основни цели на МГА

1. Зголемување на научната свест кај пошироката јавност;
2. Промовирање на нови откритија/знаења во астономијата;
3. Поддршка на нови астрономски институции во државите во развој;
4. Модерно прикажување на научниците и научната кариера;
5. Поддршка на сите видови социјално астрономско поврзување;
6. Представување на научниците;
7. Подобрување на неформалното и формалното образование;
8. Зачувување на светското културно богатство - темното небо;


Проекти предвидени за одбележување на МГА (за 2008 и 2009 година)

1. Четири дена астрономија (100 часа астрономија);
2. Галилеоскопи во целиот свет;
3. Вселенски дневник;
4. Порта на Вселената;
5. Таа е астроном (интересни кариери на жени астрономи);
6. Сочувување на темното небо;
7. IAU/UNESCO астрономско наследство;
8. Програма за обука на наставници и професори;
9. Вселена за децата со пречки во развојот;
10. Вселената видена низ очите на Земјата (изложби, ликовни и литературни конкурси, квизови, наградни игри итн.);


Меѓународна астрономска унија (MAУ)

Меѓународната астрономска унија (MAУ) е меѓународна астрономска организација која обединува околу 10 000 истакнати астрономи од сите нации и сите земји во светот. Мисијата на MAУ е да ја промовира астрономија низ сите облици на меѓународна соработка. Генералното собрание на МАУ се одржува на секој 3 години.

Меѓународната астрономска унија основа Секретаријат за координирање на активностите за одбележување на МГА 2009, кој треба да раководи со сите подготовки на меѓународно ниво. Ова ќе се реализира со помош на 100 национални координатори од 100 различи земји во светот и истакнати астрономски институции, како што се најголемите опсерватории, НАСА, Европската вселенска агенција, тимот на вселенскиот телескоп Хабл, астрономските списанија како Sky&Telescope, Astronomy и др. Секој од координаторите претставува т.н. SPoC (Single Point of Contact), т.е. лице кое е врска помеѓу МАУ и локалната астрономска заедница во матичната земја.


Основни задачи на секој национален коoрдинатор (SpoC) се:

1. Преведување и дистрибуција на официјалниот постер на Меѓународната астрономска унија за одбележување на МГА;
2. Поставување на национална интернет страница, посветена на обележувањето на МГА;
3. Поставување на стратегија и организациска структура за одбележување на МГА на национално ниво;
4. Обезбедување на фондови и спонзорства за обележување на МГА;
5. Формирање, организирање и мотивирање на тимови од аматерски и професионални астрономи и вљубеници во астрономијата, кои би работеле на популиразација на астономијата пред пошироката јавност;
6. Организирање, стимулирање и иницирање на соработка помеѓу професионални астрономски институции и астрономски друштва и организации;
7. Организирање на постојана соработка со средствата за јавно информирање и учествување во сите облици на медиумски дејности;
8. Поттикнување на сите активности на национално и меѓународното ниво, со цел да се организираат помасовни акции во текот на МГА 2009;
9. Редовно уредување на национални интернет презентации кај главната презентација на Меѓународната астрономска унија (IYA 2009 web page: http://www.communicatingastronomy.org/iya_eso) со детални планови и активности за целата земја (на пример, за Македонија).

Најголем дел од активностите во текот на 2009 година ќе биде од локален и регионален карактер. Во многу од земјите формирани се т.н. национални комитети за астрономија, кои ги планираат активностите на национално ниво.

Основни цели на националниот одбор за годината на астрономијата се:

- Популаризација на астрономијата помеѓу граѓаните на Македонија (особено помеѓу помладите)
- Запознавање на граѓаните со убавините на ноќното небо
- Одржување на повеќе популани предавања со кои граѓаните ќе се запознаат поблиску со астрономијата
- Поттик за отоворање на нови астроносмки друштва во Македонија
- Изработка на макета на Сончевиот систем на територијата на град Скопје
- Одржување на патувачка изложба со астрофотографии
- Зголемување на свесноста на јавноста за зачувување на темното ноќно небо

Астрономски институции и друштва во Македонија

1. Македонско астроносмко друштво
2. Скопско астрономско друштво
3. Битолско астрономско друштво
4. Астрономско друштво Кокино - Куманово
5. Институт за физика при ПМФ
6. Катедра по астрономија при ПМФ


Во мрежата на соработници на годината на астрономијата влегуваат:

Младинската мрежа Blue sky, списанието за популаризација на науката и техниката ЕМИТЕР и градот Скопје


БИДЕТЕ И ВИЕ ДЕЛ ОД ГОДИНАТА НА АСТРОНОМИЈА 2009 ВО МАКЕДОНИЈА!
ВКЛУЧЕТЕ СЕ ВО КАМПАЊАТА И ОРГАНИЗАЦИЈАТА!


Comments