Астрономски друштва

Придружете ни се

Интересно

Насловна

Впечатоците од астрономскиот камп Кокино 2009

Можеби на почетокот се ова изгледаше една нереалност, но сепак големата желба за да им се доближи астрономијата на помладите, и преку заедничко дружење да можат да ги продлабочат своите знаења преовладува. Времето потрошено во подготовки и планирање на настанот не се потрошија залудно. На крај сите коцки се склопија и астрономскиот камп Кокино 2009 стана реалност.

Сите учесници на астрономскиот камп Кокино 2009

Кампот се одржа на 2 локации. Едната беше ученичкиот интернат во селото Драгоманце, а втората најпознатиот астрономски објект во Македонија, Мегалитската опсерваторија Кокино. Денот и сите предавања и активности беа предвидени да се одвиваат во интернатот, а ноќите и набљудување да ги поминеме на набљудување во близина на Кокино. Сепак, ова второто поради лошото време и облаците кои ни го попрачуваа патот кон ѕвездите не стана ралност, единственото набљудување го направивме во близина на интернатот.

Главни виновници за настанот беа организаторите Македонското и Скопското астрономско друштво, а како главни покровители и без кои сето ова немаше да биде реалност се Регионалното биро за наука и култура во Европа (BRESCE) и општината Старо Негоричане и нејзиниот градоначалник г-дин Миодраг Јовановиќ, преку кои ги добивме средствата и локацијата за овој астрономски камп.

Повеќе...



Астрономски камп Кокино 2009

Под покровителство на Регионалното биро за наука и култура во Европа (BRESCE), дел од UNESCO и потпомогнато од општината Старо Негоричане во периодот од 18-20 септември 2009 на Мегалитската опсерваторија Кокино ќе се одржи првиот едукативен астрономски камп во Македонија наменет за млади. Во трите дена, кога ќе се одржува овој камп на учесниците ќе им бидат презентирани голем број на предавања од најразновидни астрономски теми, ќе можат практично да се запознаат до планетите во нашиот Сончев систем, да научат нешто повеќе околу набљудувањата низ телескоп и да фотографираат некој објект на небото.



Со надеж за чисто небо сите ќе се потрудиме да ја откриеме Вселената!

Повеќе...


Солистички концерт во Виена по повод МГА 2009


Во соработка со Австиската вселенска агенција и Австриската агенција за промоција на истражувањата, на 27 октомври 2009 г. во Австриската академија на науките, г-ѓа Елена Мисиркова, Амбасадор на култура на Р.М. во Австрија и концертен пијанист веќе 20 години, ќе се претстави со свој солистички концерт насловен како “Gallileo Concert” . Концертот ќе се одржи во рамки на презентацијата на Сателитско-навигационата програма “Gallileo” на ЕСА и на Австриската вселенска агенција, а со цел приближување на еден од водечките технолошки проекти на Европската Унија преку уметност и култура до граѓаните и широкиот аудиториум ...



Астрономски караван 2009 - Охрид извештај

Астрономскиот караван продолжува со закажаните термини за посета на градовите низ Македонија. По посетата на Битола кон почетокот на јуни годинава, следната станица на караванот беше Охрид.


Дел од посетеноста на предавањата за време на астрономскиот караван во Охрид

Како и во Битола на програмата на караванот беа 2 предавања: „Дали стапнавме на Месечината?“ и „Црни дупки, на кои предавачи беа Мартин Стојановски и Билјана Дијанисиева. Во вечерните часови се одржа набљудување со телескопи на плоштадот во Охрид во близина на градското пристаниште и во просториите на општината Охрид беше поставена изложба на астрофотографии направени од членовите на Скопското астрономско друштво.

Повеќе...


Астрономски караван 2009 - Охрид

Во почетокот на јуни астрономскиот караван застана во Битола. Следниот викенд, 4-ти и 5-ти јули, караванот ќе биде во Охрид.

Плакатот за астрономскиот караван за Охрид

Во рамките на посетата на Охрид предвидени се следниве активности:

  • Одржување на 2 предавања: „Дали човекот стапнал на Месечината?“ и „Сончев систем“. Предавањата би траеле по 40 минути и би започнале во 18 и 19 часот во сабота.
  • Јавно набљудување на Месечината и планетата Сатурн во текот на вечерта на 4-ти јули, на градскиот плоштад во близина на пристаништето.
  • Изложба на 42 астрофотографии направени од членовите на Скопското астрономско друштво за време на теренските набљудувања во изминатите 10 години. На фотографиите ќе можат да се погледнат најразновидни небесни објекти: маглини, галаксии, ѕвездени јата, планетите од Сончевиот систем, Сонцето и Месечината. Изложбата би била поставена од сабота во 10:00 часот до недела во 15:00 часот.
Повеќе...


Започна астрономскиот караван 2009

Со посетата на Битола викендот на 6-ти и 7-ми јуни официјално започна Астрономскиот караван 2009. Проектот е поддржан од проектот Глобален развој на астрономијата (Developing Astronomy Globally), еден од официјалните проекти на МГА2009. Проектот се реализира од страна на членовите на Скопското и Македонското астрономско друштво.



Астрономскиот караван во Битола започна со изложбата на астрофотографии кои ги имаат направено членовите на САД. Фотографиите беа изложени во просториите на теничкиот факултет во Битола, каде еден час подоцна, во 18 часот, започна и првото предавање на тема „Црни дупки“. Предавањето го презентираше долгогодишниот член на САД, Билјана Дијанисиева. Второто предавање започна малку подоцна од предвиденото, поради големиот интерес на присутните за феноменот на црните дупки. Предавањето гласеше „Дали стапнавме на Месечината“, презентирано од Мартин Стојановски, едно од најконтраверзните прашања кое веќе со децении е интересно за светската популација. Овие 2 предавања побудија голем интерес кај битолчани, па преку 40 присутни имаше на двете предавања.


Македонија, Србија и Бразил под едно небо

Под мотото Ѕвезден Мир - „Star Peace" викендот од 22 до 24 мај на врвот Одвраќеница на планината Голија во близина на Нови Пазар во Србија се одржа еден мал астро-камп кој на едно место собра повеќе членови на астрономски друштва од Македонија и Србија, а имавме и посетител од Јужно американскиот континент, од Бразил.



Извештајот на Македонски може да го прочитате на следниот линк, а на Англиски на следниот линк.


Астрономски Караван 2009

Како дел од активнстите во рамките на Меѓународната година на астрономијата 2009 (МГА2009) имаме чест да ви го најавиме „Астрономскиот караван 2009“. Проект кој ќе се реалзизира во соработка на Скопското и Македонското астрономско друштво и под покровителство на еден од официјалните проекти на МГА2009, „Глобален развој на астрономијата“ - (Developing Astronomy Globally).





Што опфаќа проектот:


Посета на 5 градови во Македонија: Битола, Охрид, Струмица, Штип и Куманово, во текот на 2009 година каде што ќе се организираат предавања кои може да ги посетат граѓаните на овие градови, изложба на астрономски фотографии направени од членовите на Скопското астрономско друштво и јавно набљудување на Месечината и планетите Сатурн и Јупитер. Планираните термини по градови кога треба да се реализира овој проект се: Битола 6-7 јуни 2009, Охрид 4-5 јули 2009, Струмица 26-27 септември 2009, Штип 3-4 октомври 2009 и Куманово 31 октомври - 1 ноември 2009 година.



Ѕвезден мир "Star Peace" помеѓу Македонија и Србија


Викендот од 22 до 24 мај на планината Голија во близина на Нови Пазар во Србија во соработка на повеќе астрономски друштва од Србија и Македонија ќе се оджри настанот Ѕвезден мир. Проектот Ѕвезден мир (Star Peace) е еден од официјалните проекти на МГА 2009 под покровителство на Меѓународната астрономска унија (МАУ).

Проектот Ѕвезден мир се реализира со цел да се одржат набљудувања помеѓу астроносмки клубови од две соседни земји или пак јавни астрономски настани во близина на државната граница помеѓу тие 2 земји, секако доколку ословите го дозволуваат тоа. Иако политички постои граница кои ги одвојува луѓето од двете држави, учесниците на настанот заеднички гледаат во исто небо, со што небото и ѕвездите ги поврзуваат без да има било какви грацици помеѓу ѕвездите.



На овој астрономски викенд на планината Голија ќе учествуваат членови на Скопското астрономско друштво од Македонија, и членови на неколку астрономски друштва од Србија: Астрономското друштво Нови Пазар од Нови Пазар, Астрономскиот клуб Аристарх од Крагуевац, Астрономскиот клуб Универзум од Бачка Паланка и членови на астрономското друштво Руџер БошковиЌ од Белград. Не е исклучена посета и од други астрономски друштва во Србија, како и од астрономски ентузијасти кои што ќе сакаат да го посетата настанот.

Во програмата на настанот е планирано да се извршат набљудувања на голем број астроносмки објекти на небото, фотографирање на астрономски објекти, презентирање на работата на астрономските друштва од Македонија и Србија и се разбира воспоставување на уште подобар контакт и дружење помеѓу аматерите астрономи од овие 2 соседни држави.




100 Часа астрономија (2-5 април)

Добредојдовте во деновите кога во целиот свет се одвива проектот 100 часа астрономија. Еден глобален настан, кој има за цел да им ја доближи многу повеќе астрономијата на обичните граѓани, да им се покажат убавините на ноќното небо и да се запознаеме како работат професионалните опсерватории низ светот. Во овие 4 дена, било да е со правење на некоја активност само неколку часа или, пак, 100 часа маратонски настан, важно е учеството и желбата да се биде дел од оваа глобална активност која ги поврзува сите астрономи и жители на нашата планета.




 

Скопското астрономско друштво со своите телескопи ќе биде на плоштадот Македонија на 4-ти април (сабота) од 19 часот, па се додека има заинтересирани граѓани со цел да им овозможиме на граѓаните на Скопје и Македонија да земат учество во овој глобален настан. Со телескопите ќе може да ги погледнете планетата Сатурн и најблиското тело до Земјата, нашата Месечина. На сите кои што ќе набљудуваат ќе им бидат поделени и налепници со објектот кои што го погледнале низ телескопите. Ве покануваме да дојдете на плоштатод во Скопје и сите заедно да уживаме и учествуваме во овој прекрасен настан. Телескопите ќе бидат ставени на располагање на сите без никаков надоместок.



МГА2009 во Македонија е официјално отворена

Во четврток на 26 февруари 2009 година се одржа официјалното отворање на Меѓународната година на астрономијата во Македонија. Годината на астрономијата како еден глобален настан кој се одвива во целиот свет не ја одмина нути нашата држава. Со една скромна манифестација на која беше претставена астрономијата во Македонија сите заедно ги отпочнавме активностите кои ќе се одвиваат во текот на целата година на територијата на Република Македонија.


Доц. д-р Гордана Апостоловска ја прогласи за отворена Годината на
астрономијата 2009 во Македонија.

Со искрени желби за успешна и богата астрономска 2009 година ги повикуваме сите заинтересирани фирми, организации, училишта да се вклучат во помагањето и организацијата на МГА 2009 во Македонија. Целиот свет е обединет при овој настан под мотото „Откриј ја Вселената“, зошто и ние да не покажеме дека можеме да им ја доближиме астрономијата на младите луѓе и преку интересот за науката да ги оттргнеме малку од компјутерите и видео игрите.


Меѓународна година на астрономија 2009

Дојде Нова Година! Да се надеваме дека на сите ќе ни биде успешна на сите полиња во животот. Да имаме многу ведри ноќи, многу убави фотографии од ноќното небо и секако да се исполуваме со нови знаења од областа на астрономијата. Но, оваа година е посебна и по нешто друго: на 1-ви јануари започна Меѓународната година на астрономијата, настан кој во текот на 365 дена од 2009 година ќе ја шири убавината на астрономијата низ целиот свет. Оваа година ќе го славиме првото набљудување на Галилео Галилеј низ телескопот, пред точно 400 години, настан кој има одиграно значајна улога во научната и технолошката револуција. 135 нации од целиот свет соработуваат заеднички да ја промовираат астрономијата и нејзината улога во општеството и културата, со настани кои што ќе се одржуваат на регионално, национално и глобално ниво, со цел да го доближат Универзумот до луѓето на Земјата.



Зошто токму 2009 година треба да биде Меѓународна година на астрономијата?

Галилео Галилеј во 1609 година за прв пат го вперил телескопот кон ноќното небо и дошол до неверојатни откритија, кои засекогаш го изменија нашето разбирање на светот околу нас. Галилео открил планини и кратери на Месечината, четири месечини на Јупитер (Јо, Европа, Ганимед и Калисто), како и тоа дека „лентата“ на Млечниот Пат е составена од огромен број на ѕвезди (кои не ги гледаме со голо око како поединечни ѕвезди, туку како магличеста светла трага на небото). Во историјата на астрономијата, 1609 година се зема како почеток на модерната ера на астрономијата, т.е. како почеток на телескопската ера.

Астрономските опсерватории во целиот свет денес имаат најсовремени телескопи и набљудувачка опрема која ветува одговори на многу важни прашања, што ги поставуваме сакајќи да го разбереме светот што нè опкружува, како на пример, како настануват ѕвездите и планетите, како се групираат галаксиите, како тие еволуираат и каква е вистинската структура на Вселената.

Астрономијата е најстарата наука во историјата на човештвото и таа играла многу важна улога кај многу, ако не и кај сите цивилизации во светот. Благодарение на современите телескопи и вселенски летала, астрономијата го продолжува својот забрзан напредок, при што речиси секојдневно нè збогатува со нови знаења и нови откритија кои го одземаат здивот.

Астрономијата дава голем придонес во општеството и во културата воопшто, поттикнувајќи ги луѓето, особено помладите, да го продолжат свој интерес за науката воопшто, а не само за доменот на астрономијата. МГА 2009 ќе одбележи монументален скок во напредокот во користењето на телескопите и астномските набљудувања во однос на тоа како тоа го правел Галилео Галилеј. МГА 2009 ја претставува астрономијата како мирољубива научна дициплина, која ги обединува сите научници во едно големо семејство на научници, кои работат заедно на откривање на одговорите на најфундаменталните прашања.



Церемонија по повод отворањето на Меѓународната година на астрономијата 2009 - Париз

На 15 и 16 јануари 2009 година во Париз во седиштето на УНЕСКО се одржа официјалното светско отворање на Меѓународната година на астрономија 2009. По покана на Меѓународната астрономска унија и УНЕСКО, на ова официјално отворање учествуваа учесници од сите земји во кои ќе се одржува и прославува годината на астрономијата. Вкупниот број на учесници од целиот свет изнесуваше околу 1000, во кои беа вклучени и многу нобеловци и професори од областа на науката, астронаутиката, физиката и астрономијата.

Македонија на овој настан ја претставуваа тројца учесници, сите во улога на поканети студенти. Тања Петрушевска, идниот наш магистар по астрофизика, која допатува од Трст каде што сега студира, Филип Парталовски, студнет на ПМФ на катедрата по астрономија и мојата маленкост Мартин Стојановски како дел од организациониот комитет за годината на астрономијата за Македонија. Ова е еден од ретките настани што се одржуваат од областа на астрономијата во светски рамки каде ние имавме наши претставници, па затоа се потрудивме на најдобар можен начин да ја искористиме оваа прилика за воспоставување на контакти со луѓе од светот на астрономијата, а секако и да се здобиеме со многу нови знаења и искуства.

Чувајте го небото, уживајте во големото пространство на Вселената и прославете ја оваа година на астрономијата со приклучување во некоја од нејзините активности.

Отриј ја Вселената, тоа останува на тебе!