Туризмот како стопанска дејност во делот на секторот услуги, поседува неопходни услови за мошне голем пораст во овој милениум. Светските економски експерти веќе одамна укажуваат на тоа дека тој, на некој начин, е веќе водечки сектор во светската размена. Основите за ваквите нивни констатации наоѓаат поткрепа во тенденциите на основните детерминанти во туристичката побарувачка на меѓународниот туристички пазар, како што се: слободното време, расположивиот фонд на финансиски средства, социо-демографските промени и сл.
Така, на современиот туристички пазар е присутен нов пристап во управувањето и работењето со туризмот кој се заснива, пред се, на сé поизразените промени на карактерот на туристичката побарувачка. Зголемувањето на културата на живеење и размислување во високоразвиените европски и светски земји од една, како и подобрувањето на квалитетот на нивното живеење, од втора страна, имаат несомнено големо влијание врз се поголемата и поистенчена индивидуалност што, покрај другото, најмногу резултира со нивната зголемена побарувачка за таканаречените нестандрадни туристички производи. Во исто време, на меѓународниот пазар се сé поизразени тенденциите за надминување на сфаќањата за туризмот како стопанска дејност која своите компаративни вредности ги заснива само на атрактивностите на природните ресурси и на ефтината работна сила. Наместо тоа, се поголем клучен фактор во развојот на туризмот претставува високата технологија. Така, водечките рецептивни земји во светот, како што се: САД, Франција, Италија, Шпанија и други, својата доминација за засниваат токму на технолошката супериорност и високиот квалитет на туристичката услуга, а еден од главните темели за ваквиот начин на туристичкото стопанисување е токму високото ниво на образованост и вкупната професионална оспособеност на вработените во туристичкото стопанство.
Туризмот во Република Македонија, и покрај тоа што е перманентно изложен на одредени регресиони и трансгресиони процеси сепак имал, има или би требало да има, голема улога во севкупното туристичко стопанство на нашата земја. Овие констатации и определби се засниваат, пред се, на постоењето на мошне голем број квалитетни туристички добра и ресурси а тоа пак, од своја страна, укажува и на потребата за постоење на квалитетен систем на образование за неговите потреби. Во таа насока, за прв пат во историјата на Универзитетот "Св Кирил и Методиј" во Скопје, започнува со настава насоката ТУРИЗАМ на Институтот за Географија при Природно-математичкиот факултет, каде што истата ќе ја изведуваат најреномираните професори од областа на туризмот на најстариот Универзитет во Македонија.